Според пишувањата на италијанските медиуми, Италијанскиот фудбалски сојуз заработи 28,5 милиони евра откако Италија го освои Европското фудбалско првенство, а играчите добија премија од по 250 илјади евра.
Калчомеркато пишува дека во случај на пораз, секој играч би добил по 200 илјади евра, 150 илјади доколку беа елиминирани во полуфиналето, а 80 илјади во случај на елиминација во четвртфиналето.
Од сите Европски првенства досега, Италија заработила околу 100 милиони евра, повеќе од било која друга репрезентација во историјата на фудбалот.
Манчини: Доминиравме и заслуживме да се радуваме среде Лондон
Роберто Манчини го предводеше својот тим до втората европска титула во историјата на Италија. Неговата селекција го доби финалето на Евро 2020 против Англија на „Вембли“ на пенали.
Италијанците примија гол на стартот на натпреварот, но тренерот верува дека после тоа неговиот тим доминираше на натпреварот. Низ солзи во очите, тој рече дека сега секој во неговата татковина може да слави.
„Момците добро се снајдоа. Примивме ран гол и тоа ни ја отежна работата, но од тој момент доминиравме. Моите играчи се фантастични, не знам што друго можам да кажам. Ова беше важен успех за сите луѓе во нашата земја“, рече Манчини.
Ова беше 34-ти последователен натпревар без пораз за Италија под водство на овој селектор, а последен пат беа поразени од Португалија во 2018 година.
„Среќен сум што играме добро и победуваме. Верувам дека сите слават токму сега. Среќни сме и само тоа е важно. Се чинеше неверојатно дури и да се размислува за тоа, но момчињата беа неверојатни. Немам зборови, тие се одличен тим. Не беше лесен натпревар, всушност беше доста тежок, но сепак доминиравме. Потребна ви е и малку среќа со пеналите. Затоа малку ми е жал за Англија. Нашиот тим порасна многу, но сепак можеме да напредуваме. Среќен сум за сите Италијанци, немам зборови“, заврши Манчини.
Шпанецот Педри прогласен за најдобар млад фудбалер на Европското првенство
Mладиот фудбаелр на Барселона и човек кој истрча најмногу во полуфиналето помеѓу Италија и Шпанија, Педри е избран за најдобар млад фудбалер.
Педри собра најмногу гласови во изборот на специјалната комисија на УЕФА составена од легендите: Фабио Капело, Козмин Контра, Паки Бонер, Естебан Камбиасо, Корин Диакре, Жан-Мишел Домерк, Штефан Фројнд, Душан, Фицл, Франс Хок, Аитор Каранка, Роби Кин, Жинес Менендез, Дејвид Мојс, Вили Ротенштајнер, Миску Питалаинен и Питер Рудбек.
Оваа награда се избираше помеѓу фудбалери родени 1998 година и помлади. По Европското првенство Педри доби неколку слободни денови, па ќе се приклучи на Шпанија за турнирот на Летните Олимписки Игри во Токио.
Кејн: Најболен е поразот по пеналите, ќе го паметите цел живот
Хари Кејн беше крајно разочаран од поразот во финалето на Европското првенство. Италија ја доби битката за трофејот по изведувањето на пеналите на „Вембли“.
„Немаше што повеќе да се даде. Момчињата немаа што повеќе да дадат. Губењето на пенали е најнепријатното чувство на светот. Не беше наша вечер, но тоа беше фантастичен турнир и мора да сме со кренати глави. Секако, боли сега. Ќе боли некое време, но ние сме на добар пат, градиме добар тим и се надевам дека ќе продолжиме“, рече Хари Кејн.
„Игравме против многу добар тим. Започнавме совршено. Веројатно се повлековме премногу наназад во одредени моменти. Тие многу ја држеа топката, но не создадоа многу шанси. Израмнија по прекин, а ние имавме некои шанси во продолжението, а кога ќе дојдат пеналите, тоа е веќе друга работа“, додаде Кејн.
Меси играл повреден во финалето на Копа Америка
Аргентинскиот селектор Лионел Скалони му оддаде признание на Лионел Меси, обелоденувајќи дека капитенот настапил повреден во триумфот (1-0) над Бразил во финалето на Копа Америка во Рио де Женеиро.
„Ако знаете што се поднесуваше и начинот на кој го одигра Копа Америка ќе го сакате уште повеќе, им изјави Скалони на новинарите по победата на Аргентина на стадионот „Маракана“. Никогаш не можете да играте без фудбалер како него, дури и кога не е во најдобра форма или е повреден“, додаде Скалони, кој не изнесе повеќе детали за повредата на Меси во ноќта кога Аргентинците масовно излегоа на улиците за да ја прославата првата титула по пауза од 28 години.
Меси и неговиот поранешен соиграч во Барселона, Бразилецот Нејмар, ја поделија нагрaдата најдобар фудбалер на Јужноамериканското првенство.
Европското првенство се проширува на 32 репрезентации
УЕФА размислува за проширување на Европското првенство од 24 на 32 екипи, пренесува „Асошиејтед Прес“.
Форматот се ревидира додека се одредува тимот домаќин на Еуро 2028. Одлуката треба да биде донесена до крајот на 2023 година. Доколку се одлучи да се зголеми бројот на екипи, УЕФА може да ја популаризира Лигата на нации, што на крајот може да ги замени квалификациите за Европското првенство.
Причината за можното проширување од 24 на 32 екипи е да се израмни форматот на завршниот турнир. Од Евро 2016, најдобрите четири екипи кои го освоија третото место, исто така учествуваат во плејофот на ЕП.
Сепак, со овој формат, некои тимови треба да ги чекаат последните натпревари во групната фаза во Евро, за да видат дали успеале да се пласираат во 1/8 финалето. Во случај да се игра ЕП со 32 екипи, тогаш најдобрите две од секоја група ќе се пласираат во осминафиналето и ќе ги продолжат натпреварите во елиминациската фаза.
Барселона се обидува да се ослободи од Гризман
Барселона се уште се обидува да собере средства за да му понуди на Лионел Меси двегодишно продолжување.
За да ја достигне потребната сума, каталонскиот клуб се обидува да се ослободи од скапиот „товар“, односно играчите кои заработуваат многу, а за кои веруваат дека не се клучни во трката за титули.
Заедно со веќе споменатите Самуел Умтити и Миралем Пјаниќ, на списокот на „непотребни“ играчи се најде и Антоан Гризман. Според претходниот напис во шпанските медиуми, Умтити и Пјаниќ се спротивставиле на идејата да си заминат со исплата во договорениот раскин на договорот, но се чини дека Гризман нема ништо против.
Тој е подготвен да замине, се тврди, но само доколку Барселона го испрати во клуб што има потенцијал да се бори за титули.
Гризман веќе се реши да ги разгледа опциите што би биле најдобри за него во продолжението на кариерата, се додава.
Кин по финалето критикуваше двајца Англичани
Аналитичарот на Скај Спортс, Рој Кин упати остри критики кон Рахим Стерлинг и Џек Грилиш, за кои смета дека мораа да преземат одговорност во изведувањето пенали.
„Ако сте Стерлинг или Грилиш, не можете да пуштите дете (Сака) да изведе пенал ред вас, едноставно не можете. Тој е срамежлив 19-годишник, а тие имаат многу повеќе искуство, Стерлинг освојувал трофеи. Мораа да преземат одговорност.“ – вели Кин.
За потсетување, Донарума му го одбрани одлучувачкиот петти пенал на Сака, а претходно непрецизни беа и 23-годишниот Рашфорд, како и 21-годишниот Санчо, кои селекторот Саутгејт ги внесе во игра исклучиво за изведувањето пенали. Англискиот селектор ја презеде вината за поразот во пенал рулетот.
„Донесов одлука за изведувачите на пенали на темел на тренинзите. Победувавме како екипа и исто така ќе го сносиме овој пораз, а што се однесува на пеналите – тука сум јас виновен.“ – изјави Саутгејт.
Донарума прогласен за најдобар играч на Европското првенство
Голманот на италијанската репрезентација, Џанлуиџи Донарума е прогласен за најдобар фудбалер на европското фудбалско првенство.
Донарума беше јунак во италијанската победа во финалето на ЕУРО против Англија по изведувањето на пенали, бранејќи ги ударите од белата точка на Џејдон Санчо и Букајо Сака.
„Ние сме одлична екипа. Не се предадовме во ниту еден момент. Успеавме од нула, ова е одличен тим и го заслужува овој успех.“ – рече Донарума, па додаде:
„Буфон е најдобриот голман кој некогаш играл фудбал, чест ми е што го наследив. Секогаш се трудам да дадам се од себе и да бидам голманот кој и е потребен на оваа екипа. Ќе видиме каков голман ќе бидам во својата кариера и што ќе постигнам.“
Милан започна преговори со Реал за Одриозола
Речиси е извесно дека Милан нема да го врати Диого Дало во своите редови откако Манчестер Јунајтед одбил да го пушти играчот на нова позајмица.
Опција за „ѓаволите“ единствено била перманентен трансфер, нешто за што Милан не бил подготвен да преговара.
Токму затоа сега од Милан вниманието ќе го насочат кон играчот на Реал Мадрид, Алваро Одриозола. Фудбалерот нема иднина во “кралскиот клуб” и веројатно ќе ја промени средината во летниот преоден рок.
Реал би се согласил да го прати на позајмица во Милан, но се уште не се знае дали играчот е заинтересиран за премин во Милано.