фудбал

Александар Ѓурковски потпиша за Шкупи

Шкупи е најактивен на трансфер пазарот ова лето, во пресрет на дуелот од конференциската лига со Лапи, промовираше уште едно засилување.

Станува збор за централниот дефанзивец од Вардар, 19-годишниот Александар Ѓурковски кој во наредната сезоона ќе го носи дресот на Шкупи.

„Сакам да се заблагодарам на управата на клубот и тренерот Гоце Седлоски што му дадоа можност да бидам дел од Шкупи. Знам дека очекувањата се високи и на домашната и на меѓународната сцена. Затоа и решив да потпишам за Шкупи. Се надевам дека брзо ќе се прилагодам и ќе работам напорно за да ги оправдам очекувањата на клубот“, изјави Ѓурковски.


Му требаат 100 милиони евра – Интер продава шест играчи!

Интер минатата сезона ја освои титулата шампион на Италија по цели десет години чекање, но се чини дека пред нив е доста тешко време. Во неколку наврати мораше да се спогодува со играчите околу платите поради тешките финансиски долгови, кои се влошија со пандемијата.

Ла Газета дело Спорт пишува дека клубот мора со продажби да заработи барем 100 милиони евра, како би ја издржал наредната сезона, а притоа половина тим е на продажба.

Ашраф Хакими потпиша за ПСЖ во трансфер вреден 68 милиони евра, а Интер би можел да заработи уште дополнителни пет милиони преку бонуси. Бенфика е заинтересирана за Жоао Марио, кој не се наоѓа заедно со тимот кој се подготвува за новата сезона. Марио се пресели во Интер од големиот ривал на Бенфика, Спортинг и во договорот има клаузула при евентуална продажба во Бенфика, тој мора да биде понуден на Спортинг за истата сума.

Клубот би требало да го напушти и Раџа Наинголан. За Белгијанецот не се очекува преголема отштета, но Интер ќе се ослободи од неговата голема плата, која изнесува околу 150 илјади евра неделно. Тој има голема желба да се врати во Каљари, а за тоа е подготвен да се согласи на многу помала плата.

Валентин Лазаро и Далберт би можеле на првакот на Италија да му донесат околу 15 милиони евра. Конечно, нероазурите сакаат да се ослободат и од Андреа Пиемонти, но неговата годишна плата од 2,2 милиони евра е голем проблем за евентуалните купувачи.


Харис Сеферовиќ е замената за Кејн во Тотенхем

Англиски Тотенхем може да го купи напаѓачот на португалската Бенфика Харис Сеферовиќ.

Според изворот, новиот предводник на Тотенхем, Нуно Еспирито Санто, бара опции за засилување на напаѓачката линија и смета дека 29-годишниот Швајцарец е соодветен за таа позиција. Од друга страна стигнуваат информации дека Бенфика е подготвена да го продаде играчот во текот на летниот преоден рок.

Во сезоната 2020/21, Сеферовиќ одигра 48 натпревари за Бенфика, постигнувајќи 26 гола и седум асистенции. Напаѓачот исто така постигна три гола на пет натпревари на Евро 2020. Порталот Трансфермаркт го проценува играчот на 14 милиони евра.

Сеферовиќ игра за Бенфика од 2017 година. Претходно играше за германскиот Ајнтрахт Франкфурт, шпанскиот Реал Сосиедад, италијанските Фиорентина, Лече и Новара, како и за швајцарските екипи Ксамакс и Грасхоперс.



„Ѓаволите“ сакаат да го позајмат Давид де Хеа

Манчестер Јунајтед сериозно размислува да го испрати голманот Давид де Хеа на позајмица во новата сезона, објавија медиумите во Манчестер.

Се чини дека клубот има намера да смета на Дин Хендерсон како прв голман во новата сезона, па 30-годишниот голман ќе стане непотребен на „Олд Трафорд“. Покрај тоа, „црвените ѓаволи“ ги обезбедија и услугите на Том Хитон, кој треба да биде резерва на Хендерсон. Де Геа има договор со Манчестер Јунајтед на уште две години. Ова значи дека клубот не е должен да брза да го продаде ова лето. Затоа, опцијата за позајмица е реална и ќе биде разгледана од сопствениците на клубот.

Ова секако ќе го олесни можниот трансфер на Шпанецот следното лето. Многу клубови внимателно ја следат ситуацијата околу Шпанецот, но сигурно повеќе би сакале да го земат за скромна сума отколку да ја платат неговата целосна цена, која во моментов е во висина од 20 милиони евра.



Гурвенек е нов тренер на првакот на Франција

Иако се најавуваше дека Италијанецот, Клаудио Раниери ќе биде нов тренер на Лил тоа сепак не се случи.

Нов тренер на Лил е Жоселин Гурвенек објавија oд клубот. Гурвенек на клупата на Лил ќе го наследи Кристоф Фалитие кој со овој клуб во изминатата сезона стана шампион на Франција. Гурвенек веќе две години е без тренерски ангажман, а последни две екипи кои ги водеше беа Генгам и Бордо.



Лидс од Барса ја доведе замената за Алиоски

Барселона успеа да заработи 15 милиони евра од продажбата на 24-годишниот Жуниор Фирпо.

Фирпо прејде во Лидс Јунајтед со кој потпиша договор до 2025. година, а таму ќе биде замена за нашиот Езгјан Алиоски, кој не го продолжи договорот со клубот.

Покрај сумата, Барселона ќе заработи од Фирпо и 20 проценти од заработката од следната продажба. Инаку, левиот бек во Барселона дојде во 2019. година од Бетиз за 18 милиони евра, а за каталонскиот клуб одигра 41 натпревар во текот на минатата сезона.



Барселона не може да го регистрира Меси и уште пет играчи?!

Барселона се наоѓа во огромни проблеми. Поради ограничувањата кои Ла Лига ги наметна на своите клубови, а поврзани со платите на фудбалерите, Барса ќе мора да продава некои од најскапите играчи како би се извлекла од долговите кои изнесуваат околу 1.17 милијарди евра.

Матеус Фернандес, нивниот бразилски фудбалер ги тужи, а Пјаниќ и Умтити не прифатија предлог за раскин на договорот. Тоа е лоша вест за каталонскиот гигант кој мора да ги намали платите за преку 200 илјади евра неделно. Сега се јавија и други проблеми. Според пишувањата на медиумите, Барселона не може да ги регистрира Лионел Меси, Серхио Агуеро, Ерик Гарсија, Мемфис Депај и Емерсон се додека не ги доведе платите во рамки на дозволеното.

За потсетување, пред шест дена истече договорот на Меси со клубот, па Барселона мора повторно да го регистрира како свој играч. Претседателот Лапорта, кој го презеде клубот по вонредните избори пред неколку месеци, мора во краток период да пронајде решение за најголемата финансиска криза во клупската историја.


Барса го продава Кутињо, цената астрономски ниска

Барселона има финансиски проблеми и мора значително да го намали буџетот за плати за следната сезона, пренесуваат шпанските медиуми.

Поради тоа Каталонците сакаат да се ослободат од неколку фудбалери со високи примања, кои не се во плановите на тренерот Куман. Прв на листата е Кутињо, Барселона сака да се ослободи од неговата висока плата и да спаси дел од големите бонуси кои треба да му ги плати на Ливерпул.

Јасно е дека за Кутињо нема голем интерес, па каталонските медиуми тврдат дека Барселона е спремна да го пушти за само 20 милиони евра, што е за цели 140 милиони евра помалку од сумата која ја платија за да го донесат.


Киелини испиша историја на европските првенства

Џорџи Киелини во победата на Италија над Шпанија по пенали во полуфиналето на ЕУРО испиша историја на европските првенства.

Имено, тој стана единствениот фудбалер во историјата кој на европските првенства пет пати играл против иста репрезентација.

Прв пат против Шпанија играше на ЕУРО 2008. година, кога Италија беше поразена во четвртфиналето.

Потоа на ЕУРО 2012. во групата настапи во ремито на овие две селекции, а потоа и во финалето кога Шпанија победи со 4:0.

На ЕУРО 2016. Киелини конечно дочека прилика да ја елиминира Шпанија, а тоа се случи во осминафиналето. Во тој натпревар, дефанзивецот го постигна и првиот погодок.

Петтиот натпревар беше токму синоќешниот, во кој Италија победи по пенали и избори финале, а таму ќе ја чека Англија или Данска.

Киелини синоќа го запиша 110. настап за Италија, која ја предводеше како капитен, а досега има постигнато осум погодоци.



Александар Ристевски е ново засилување на Работнички

Работнички ангажираше уште едно засилување за претстојната сезона. Ново име во составот на Александар Влахо е дефанзивецот Александар Ристевски, кој доаѓа од Струга Трим Лум и треба да ја засили конкуренцијaта во одбраната.

„Ристевски е искусен прволигашки фудбалер кој веруваме дека ќе донесе нов квалитет во одбраната на Работнички. Веруваме дека брзо ќе се вклопи во новата средина и му посакуваме да се наметне во дресот на Работнички“, изјави спортскиот директор Горан Станковски.

Работнички утре ќе го одигра третиот пријателски натпревар во текот на летните подготовки, против Тиквеш во Кавадарци.