фудбал

Чави: Целта на Барселона е пласман во Лигата на шампиони

Тренерот на Барселона, Чави Ернандез, истакна дека целта на Каталонците е пласман во Лигата на шампионите следната сезона.

„Нашата цел е да влеземе во топ 4 и да играме во Лигата на шампионите следната сезона. Ни требаат неколку победи за да останеме мирни до крајот“, изјави Чави.

Популарниот тренер се осврна и на следниот натпревар во Ла лига, против Леванте.

„Леванте е исто толку опасен ривал како Севиља. Ќе ги дадат своите животи за да победат. Ќе бидат многу мотивирани. Освоија многу бодови во последно време, победија против тимови како Виљареал и Атлетико Мадрид ​“, истакна Чави.


Турските гиганти Бешикташ и Фенербахче се заинтересирани за Луис Суарез

Шпанскиот весник „АС“, објавува дека напаѓачот на Атлетико Мадрид, Луис Суарез својата кариера можно е да ја продолжи во Турција.

Гигантите Бешикташ и Фенербахче наводно покажуваат интерес за 35-годишниот Уругваец и веќе стапиле во контакт со менаџерите на фудбалерот. Фенербахче е трет во турскиот шампионат, а Бешикташ е на осмото место.

Суарез, дресот на Атлетико го носи од 2020 година, каде пристигна од Барселона за 7 милиони евра. Оваа сезона тој има постигнато 11 гола и две асистенции.


Фенербахче ја потврди разделбата со Озил

Искусниот германски фудбалер, Месут Озил неодамна беше исфрлен од екипата на Фенербахче поради непрофесионално пристапување кон обврските, а дека неговата епизода во турскиот клуб е завршена потврди и претседателот на клубот Али Коч.

Како што сега стојат работите Озил веројатно ќе го напушти клубот.

„Оваа одлука не е детска игра. Клубот е најважен и над секого“, порача првиот човек на клубот.,

Германецот со турско потекло оваа сезона постигна девет голови за Фенербахче, но неговото однесување е причина за крај на епизодата.


Зајков стрелец во поразот на Славија во Враца

Во натпреварот од првата лига во Бугарија Ѓоко Зајков се запиша во листата на стрелци за Славија Софија и тоа против Ботев Враца.

Враца победи со 2-1, а Зајков постигна гол во 70. минута со кој го изедначи резултатот, сепак тој бод не им беше доволен ниту за реми затоа што гостите до триумфот дојдоа со гол длабоко во судиското продолжение во 97. минута.

Ќе потсетиме, Ботев Враца е клубот од каде што Доријан Бабунски во јануари се пресели кај неговиот брат Давид во Дебрецен. Зајков во Славија Софија пристигна откако поради ситуацијата во Украина мораше да ја напушти Ворскла.


Арсенал започна преговори за трансфер на Еден Азар

Според англиските медиуми, претставници на Арсенал започнале преговори со менаџментот на Еден Азар околу негов трансфер во тимот од Лондон. 

Првичната идеја е ангажман на 31-годишниот Белгиец како позајмен играч со опција за негов целосен откуп.

Сезоната на Азар најверојатно е завршена после неговата операција која е извршена минатата недела. Тој пристигна на „Сантијаго Бернабеу“ во 2019 година за 115 милиони евра, но не успеа да ги оправда високите очекувања од навивачите и клубот. Оваа сезона за Реал постигна само еден гол.


Елмас: Наполи има квалитет за освојување на Скудетото

Македонскиот фудбалски репрезентативец, Елиф Елмас, има мислење дека екипата на Наполи игра во одлична форма и дека тренерот Спалети и соиграчите ќе се обидат да стигнат до титулата во Серија А.

Наполи на домашен терен ја пречекува Фиорентина, а претходно славеше победа на Аталанта во Бергамо.

„Одигравме тежок натпревар во Бергамо, но игравме во наш стил и успеавме да ги освоиме бодовите. Како екипа сакаме да победиме на сите натпревари до крајот на првенството, и јас верувам дека поседуваме квалитет и сме водени од одличен тренер со кого можеме да стигнеме до титулата“, изјави Елмас за италијанските медиуми.


Србинот Терзиќ е најбрз фудбалер во Серија А

Српскиот дефанзивец од редовите на Фиорентина, Алекс Терзиќ е фудбалерот во Серија А кој оваа сезона достигнал најголема брзина.

Левиот бек на Фиорентина оваа сезона најчесто добива шанса од клупата за резерви и само еднаш на теренот беше во комплетните 90 минути, во ремито против Верона (1:1). Иако севкупно на теренот помина нешто повеќе од три часа, Терзиќ демонстрираше импресивна брзина.

Со 36.22км Терзиќ е играчот на кого му е измерена најголемата брзина во Серија А, зад себе тој го остави Тео Ернандез со 35.67км.


Артета: Повредата на Парти е сериозна

Тренерот на Арсенал, Микел Артета пренесува дека повредата на Томас Парти која играчот ја заработи на натпреварот со Кристал Палас е сериозна и тој со сигурност ќе пропушти неколку недели, а прашање е дали ќе може повторно да игра оваа сезона. 

„Повредата на Парти е сериозна. Ќе го нема неколку недели. Дали ќе игра повторно оваа сезона? Можно е, но ситуацијата може да биде и поинаква. Тој и претходно имал повреда на истото место, па тоа уште повеќе ја комплицира ситуацијата“, изјави Артета.

Ова е уште еден голем проблем за „топџиите“, откако пред неколку дена беше обелоденето дека и Киран Тирни е во аут до крајот на сезоната, после операцијата на коленото.


Премиерлигашите почнаа со лицитација за Пауло Дибала

Пауло Дибала може да се пресели во Англија. Интерес за Аргентинецот покажуваат лондонски Арсенал и Њукасл, додека работата не е дојдена до конкретни преговори. Самиот Пауло Дибала сакал да ја напушти Италија, но доколку не најде соодветна опција во Европа, може да замине во Интер од Милано.

Претходно беше објавено дека за 28-годишниот фудбалер се заинтересирани француски ПСЖ и милански Интер, но и Атлетико Мадрид.

Дибала е во Јувентус од 2015 година. Напаѓачот постигна осум гола и даде пет асистенции на 22 натпревари во Серија А оваа сезона. Тој има и три гола и една асистенција на пет натпревари во Лигата на шампионите.


Конте: Видлив е напредокот на екипата

Тренерот на Тотенхем, Антонио Конте го пофали напредокот на тимот и ги повика играчите да продолжат со својата подобрена форма при дуелот со Астон Вила во Премиер лигата.

Тимот од Лондон победи на пет од последните шест натпревари во Премиер лигата и се наоѓа на четвртата позиција од табелата.

„Мораме да продолжиме на овој начин. Работевме напорно и значително се подобривме. Почнувам да гледам зрелост и стабилност во тимот. Дојдов во ноември и немав исто време како и другите тренери за градење на тимот. Важно е да поминувам повеќе време со моите играчи за да ги подобрам тактичките и физичките аспекти, како и вградување на победнички менталит за секој натпревар. Подобрувањето е видливо за сите“, изјави Антонио Конте пред медиумите.