фудбал

Шмајхел се повреди, ќе го скокне дуелот со Наполи

Каспер Шмајхел има повреда на палецот по мечот со Астон Вила. Данецот се повреди во финишот на првото полувреме, кога екипата од Бирмингем постигна гол кој не беше признат. Шмајхел ја стави раката на топката, која ја шутна Џејкоб Рамзи во голот. Се испостави дека домашниот играч непријатно го удрил Шмајхел.

„Тој само ми ја удри раката. Мојот палец е вкочанет во моментов. Ќе мора да ме сликаат за да видат што точно е проблемот. Но, тоа беше фаул. Не се чувствувам многу добро во моментов. Како што реков, ќе треба да ја почекаме дијагнозата на лекарите. Но, јас имав слични повреди и претходно и играв со нив, така што тоа не е таков проблем“, изјави Шмајхел.

Следниот натпревар на Лестер е в четврток против Наполи во Лига Европа.


Милан тргнува по дефанзивецот на Челзи, Кристенсен

Според медиумите во Италија, Екипата на Милан и нејзиниот прв оперативец, Паоло Малдини, ќе се обидат во јануари да го доведат Андреас Кристенсен од Челзи.

Од Милан очекуваат дека евентуалното пристигнување на Кристенсен во тимот од „Сан Сиро“ ќе биде одличен трансфер и поради фактот дека тој би бил идеална замена за повредениот Симон Кјаер кој ќе отсуствува подолг период.

Челзи во моментот води тешки преговори со данскиот репрезентативец за продолжување на неговиот договор кој истекува во јуни 2022 година, и доколку не се пронајде заеднички јазик, тој веќе од јануари ќе може да преговара со други заинтересирани клубови.  


Манчестер јунајтед носи засилување од Астон Вила

Манчестер Јунајтед е заинтересиран за фудбалерот на Астон Вила, Џон МекГин.

“Црвените ѓаволи” под раководство на новиот тренер Ралф Рангник се очекува да бидат активни на фудбалскиот пазар во јануари во потрага по засилување во средината на теренот, бидејќи е неизвесна иднината на Пол Погба кој најавува напуштање на екипата. 

Според англискиот весник „Сан“,постои можност Астон Вила да ја прифати понудата за МекГин но таа би требало да изнесува повеќе од 50 милиони фунти, затоа што репрезентативецот на Шкотска има актуелен договор со клубот од Бирмингем уште три и пол години.

27-годишниот играч од средината на теренот, во досегашната сезона за Астон Вила има постигнато 3 гола на 13 натпревари.


Жоао Феликс изрази желба за напуштање на Атлетико Мадрид

Португалскиот напаѓач во редовите на Атлетико Мадрид, Жоао Феликс изразил незадоволство од неговиот статус кај тренерот Диего Симеоне, кој се помалку се определува за негово воведување во првиот тим на екипата , па затоа најавил напуштање на клубот. 

22-годишниот Феликс, веќе го информирал својот менаџмент за својата желба и побарал од нив да ги разгледаат опциите за негово заминување во друг клуб за време на јануарскиот трансфер период.

Жоао Феликс е член на Атлетико Мадрид од 2019, каде пристигна како огромно засилување од Бенфика за неверојатни 126 милиони евра.


Арсенал гледа ново засилување во Доминик Калверт-Левин

Екипата на Арсенал ќе се насочи кон доведување на напаѓачот од Евертон, Доминик Калверт-Левин.

Репрезентативецот на Англија беше доведуван во врска со премин во Арсенал и во текот на летото но од разни причини трансферот не се реализира.

Тренерот на тимот од Лондон, во центарфорот на Евертон гледа идеална замена за Александар Лаказет кој е во последната година од договорот и се очекува да го напушти клубот во јуни.

Од Евертон стигнуваат информации дека за евентуална продажба на Калверт-Левин тие ќе одредат цена од 60 милиони фунти.

24-годишниот напаѓач ја отвори сезонава во одлична форма но набрзо заработи повреда од која сеуште се опоравува.


Гвардиола демантира дека го сака Дани Олмо во Сити

Тренерот на фудбалерите на Манчестер Сити, Пеп Гвардиола, ги негира шпекулациите дека „граѓаните“ преговараат со напаѓачот, Дани Олмо.

„Не, не сме во преговори со Олмо. Тој е фантастичен играч и сегашен член на Лајпциг“, изјави шпанскиот стратег.

Олмо има договор со германскиот состав до летото во 2024 година. Тој во претходната година го напушти Динамо Загреб и 22 милиони евра се пресели во Бундеслигата. Неговата трансферна сума на пазарот се движи околу педесет милиони евра.


Ливерпул го посакува Фабиан Руиз од Наполи

Медиумите од Англија ја пренесуваат веста дека Ливерпул сака да го види во своите редови, играчот на Наполи, Фабиан Руиз.

Наводно, игрите на Руиз веќе подолг период се следени од тренерот Јирген Клоп и големи се шансите во јануари, Ливерпул да испрати официјална понуда за играчот која би изнесувала околу 45 милиони евра.

Договорот на 25-годишниот репрезентативец на Шпанија со Наполи е со важност до јуни 2023 година.

Голем интерес за Фабиан Руиз освен Ливерпул, покажуваат и најдобрите шпански екипи, Реал Мадрид и Барселона.


Рамзи ќе биде првото зимско засилување за Њукасл

Арон Рамзи пристигна во Јувентус како големо засилување, но не ги оправда во целост очекувањата во Торино.

Рамзи е еден од најплатените фудбалери во тимот, па Јувентус сака да се ослободи од неговата висока плата.

„Газета дело Спорт“ пренесува дека Велшанецот е на излезни врати и веќе во јануари може да си замине од Јувентус.

За Рамзи интерес покажуваат неколку клубови од Премиер лигата, но најконкретен е Њукасл, кој веќе започнал преговори со неговиот агент.


Рафаел Бенитез доби целосна доверба од управата на Евертон

Тренерот на Евертон, Рафаел Бенитез доби целосна поддршка од раководството на клубот пред натпреварот со Арсенал.

На состанокот кој го одржа управниот одбор на клубот, се донесе одлука со која му се дава поддршка на Бенитез за неговата идна работа. Членовите на одборот одлучија да му врачат отказ само на спортскиот директор на клубот, Марсел Брандс.

Популарните„карамели“ се во серија од осум натпревари без победа, а минатата недела на домашен терен загубија од градскиот ривал Ливерпул со 1:4.

 Серијата на лоши резултати го доведе тимот на 16. место од табелата во Премиер лигата, на само 5 бода од зоната за испаѓање.

Од Евертон соопштија дека ќе направат детална анализа на се што се случува во клубот и да се видат кои се долгорочните цели на екипата.


Барселона без Ансу Фати во Минхен

Тренерот на Барселона, Чави Ернандез, нема да може да рачуна на услугите од младиот Ансу Фати за натпреварот во Лигата на шампионите против Баерн Минхен. Од медицинскиот тим на каталонците потврдија дека Фати нема да биде спремен за настап и подобро е да не се ризикува со негово ангажирање на теренот.

Гостувањето на „Алианц Арена“ може да се испостави како клучно за понатамошното учество на Барселона во Лигата на шампиони. Тие мораат да победат ако сакаат да не зависат од резултатот на натпреварот помеѓу Бенфика и Динамо Киев. Шпанскиот клуб има 2 бода повеќе од Бенфика која е директен конкурент за втората позиција во групата.