фудбал

Мартинез: До крајот на неделата ќе знаеме дали Лукаку ќе оди во Катар

Селекторот на фудбалската репрезентација на Белгија, Роберто Мартинез, потврди дека до крајот на неделата ќе донесе одлука дали напаѓачот Ромелу Лукаку ќе биде дел од тимот за Мундијалот во Катар.

Мартинез истакнува дека доколку Лукаку се врати во добра физичка подготовка до 1.декември тогаш тој ќе биде дел од репрезентацијата за СП. Лукаку кој настапува за Интер како позајмен играч на Челзи, поради повреда подолг период е надвор од фудбалските терени. Тој неодамна повторно заигра фудбал за Интер но ја обнови старата повреда на бутниот мускул. Конечната одлука ќе биде донесена во консултација со лекарскиот тим на репрезентацијата на Белгија.


Добри вести за Јужна Кореја – Сон е подготвен за Катар

Фудбалерот на Тотенхем и репрезентативец на Јужна Кореја, Хеунг Мин Сон, преку Инстаграм пост потврди дека е подготвен за настап на претстојното Светско првенство во Катар.

„Играњето за својата земја на Светско првенство е сон на секое дете, како што е и мој сон. Ова не би го пропуштил за ништо друго на светот. Едвај чекам да заиграм за нашата прекрасна земја, се гледаме наскоро“, објави Сон на Инстаграм.

Сон на крајот од минатата недела беше опериран поради фрактурата околу левото око која ја доби на натпреварот од ЛШ против Олимпик Марсеј. Тој им се заблагодари на сите навивачи за пораките на поддршка кои беа упатени кон него. 

Селекцијата на Јужна Кореја на СП во Катар е во група со Уругвај, Португалија и Гана.


Анчелоти: Уморни сме, но задоволен сум од првиот дел од сезоната

Шпанските медиуми пренесуваат дека тренерот на Реал Мадрид, Карло Анчелоти, изјави оти неговата екипа не е потресена после поразот од Рајо Ваљекано со 3:2 во 13.коло од Ла Лига. Овај пораз е прв за мадридскиот клуб од почетокот на сезоната во Примера.

Тренерот Анчелоти признава дека неговите играчи се уморни поради големиот број на одиграни натпревари оваа сезона.

„Не сме свежи, бидејќи одигравме многу натпревари. Не сме добри како порано но тоа е нормално. Лигата е доста долга. Разочарани сме што го загубивме првото место на табелата, но овај прв дел од сезоната и понатаму е доста добар“, истакна Анчелоти.

Реал Мадрид се наоѓа на второто место на табелата во Ла Лига, и заостанува 5 бода зад Барселона, со еден одигран натпревар помалку.


Спалети: Рано е да се зборува за титула

Екипата на Наполи продолжува со одличните игри во новата сезона на Серија А и стигна до својата 12.победа. Наполи убедливо го држи првото место од табелата со осум бода предност пред Милан.

Сепак првиот тренер на екипата Лучијано Спалети потенцира дека е многу рано да се зборува за евентуално освојување на шампионската титула.

„Мислам дека постојат повеќе од седум кандидати за освојување на Скудетото. Тимот го очекува долг пат кој крие многу опасности. Треба да останеме фокусирани на сите натпревари кои ни претстојат. Многу важна работа до крајот останува ротацијата на играчи во тимот бидејќи ако немате доволно измени тешко е да се издржат сите 90 минути,“ истакнува Спалети.


Мане се повреди и неговиот настап во Катар е неизвесен

Најдобриот играч на репрезентацијата на Сенегал, Садио Мане, се повреди на натпреварот помеѓу Баерн Минхен со Вердер, и неизвесен е неговиот настап на Мундијалот во Катар.

Мане заработи удар во коленото поради што мораше да го напушти теренот во 20.минута од натпреварот.

Тренерот на Баерн Нагелсман во изјава за клупскиот сајт изјави дека ударот што го добил Мане бил доста силен и ќе мора да се почекаат дополнителните лекарски снимки за да се дознае сериозноста на повредата.

Мане е најдобар стрелец во историјата на Сенегал, со постигнати 34 гола на 93 натпревари.  Сенегал на СП е во група со домаќинот Катар, Еквадор и Холандија.


Барселона го бара Заха од Кристал Палас

Шпанските медиуми јавуваат дека челниците на Барселона планираат на крајот од сезоната да го ангажираат Вилфрид Заха од Кристал Палас.

Иако во Барселона изминатото лето пристигнаа голем број на играчи кои настапуваат во нападот, сепак Заха би стигнал како замена за евентуалното заминување на Депај, кој најверојатно ќе го напушти клубот по завршетокот на сезоната. 

29-годишниот Заха би пристигнал на Камп Ноу како слободен играч без обештетување, бидејќи репрезентативецот на Брегот на Слоновата коска има договор со Христал Палас до јуни следната година.


Илчо Ѓорѓиоски не е повеќе тренер на Брегалница

Од македонскиот фудбалски прволигаш Брегалница соопштуваат дека ја прекинаа соработката со тренерот Илчо Ѓорѓиоски и спортскиот директор Никола Тонев. 

Во соопштението на клубот се наведува дека Ѓорѓиоски и Тонев си поднеле неотповикливи оставки од своите функции кои раководството одлучи да ги прифати.

Штипска Брегалница во моментов го зазема шестото место од табелата во Првата македонска фудбалска лига.


Два гиганти го сакаат Наби Кеита во јануари

Наби Кеита најверојатно ќе го напушти „Енфилд“ на крајот на сезоната. Кеита влезе во последната година од договорот и нема најави за продолжување на соработката со Ливерпул.

Кеита не е задоволен од својот статус во тимот и минутажата која ја добива, па сака да ја промени средината на крајот на сезоната.в Многу европски клубови се заинтересирани за неговиот потпис, па од јануари ќе почне битка за неговиот потпис.

Медиумите на Островот тврдат дека главната битка за неговиот потпис ќе ја водат Атлетико Мадрид и Милан.


Ајван Тони под истрага за местење натпревари

Напаѓачот на Брентфорд, Ајван Тони, веќе седум месеци е под истрага на Фудбалската асоцијација на Англија, а одлука се уште не е донесена. 26-годишниот Англичанец е под лупа поради наводно учество во местење натпревари.

„Дејли Мејл“ пишува дека тоа истрагата е почната уште пред Тони да му се приклучи на Брентфорд, односно кога играл во пониските нивоа на англискиот фудбал. Се верува дека тој никогаш не се обложил на својот тим да загуби натпревар.

Истрагата на ФА врз него го става во опасност и неговото евентуално место во репрезентацијата на Англија за престојното Светско првенство.


Кејн ќе ги одбие сите понуди и ќе потпише нов договор со Тотенхем

Хари Кејн е спремен да стави потпис на нов договор и да ја продолжи верноста со „спарси“, пренесуваат медиумите на Островот.

Договорот на Кејн со Тотенхем истекува во 2024 година, но 29-годишниот Англичанец донел одлука да го продолжи својот престој во клубот.

Во медиумите се појавија шпекулации дека Кејн на лето може да го напушти Тотенхем и да се пресели во Баерн Минхен, а наводно интерес за Кејн покажува и Челзи. Меѓутоа, Тотенхем не сака да дозволи најголемата ѕвезда на лето да влезе во последната година од договорот и веќе започнал преговори за продолжување на соработката.