фудбал

Милан 6 месеци без Симон Кјаер

Од фудбалскиот клуб Милан преку соопштение информираат дека над играчот Симон Кјаер е извршена операција на коленото и ќе биде надвор од терените околу 6 месеци.

Данскиот играч од одбраната заработи повреда на вкрстените лигаменти во победата од 3:0 против екипата на Џенова.

Веднаш после операцијата, Кјаер се очекува да започне со интензивна рехабилитација за што поскоро враќање на фудбалскиот терен.

Тренерот Стефано Пиоли призна дека е можно клубот во јануари да доведе замена за 32-годишниот дефанзивец.


Чави: Френки Де Јонг не е на продажба

По најавите во медиумите дека постои можност Барселона да го продаде својот играч од средината на теренот, Френки Де Јонг, со своја реакција се јави и тренерот Чави Ернандез.

„Клубот ќе се обиде да доведе засилувања во зимскиот преоден рок, меѓутоа во моментот не планираме продажба на никој од нашите играчи, а посебно не на Френки Де Јонг. Тој не е на продажба и нема да го напушти клубот“, потрди Чави.

Како најзаинтересирани клубови кои го посакуваат младиот Холанѓанец во своите тимови, се споменуваат градските ривали од Манчестер, екипите на Јунајтед и Сити.


Атлетико Мадрид го продолжува договорот со Јан Облак

Шампионот на Ла Лига, Атлетико Мадрид започна преговори со голманот на екипата,Јан Облак. Челниците на шпанскиот тим имаат намера да потпишат нов долгорочен договор со словенечкиот голман.

Актуелниот договор на Облак со Атлетико е со важност до јуни 2023, и со сигурност клубот ќе му понуди продолжување на истиот под подобрени финансиски услови. Проценетата вредност на голманот според Трансфермаркт изнесува 70 милиони евра.

27-годишниот Словенец, оваа сезона одигра 19 натпревари на кои прими 21 гол.


Ливерпул ќе тргне по Бензема следното лето

Во Реал Мадрид е планирано големо преструктуирање на тимот. Кралскиот клуб има намера да го ангажира Ерлинг Халанд од Борусија Дортмунд или Килијан Мбапе од ПСЖ.

Во овој случај, Карим Бензема ќе биде пред заминување од Реал Мадрид. Ливерпул сака да ја искористи ситуацијата околу францускиот напаѓач, пренесуваат медиумите во Шпанија.

За Бензема интерес има од ПСЖ, кој му нуди на Реал Мадрид да го вклучи Карим во договорот со Мбапе. Но, претседателот на „кралскиот клуб“ Флорентино Перез не сака да им го даде на парижаните свој играч, бидејќи ги смета за директен конкурент на европската сцена.

Во оваа насока, Ливерпул води во трката за правото да потпише со Карим Бензема.


Баерн и Барса ќе играат пред празни трибини во ЛШ

Натпреварот од Лигата на шампионите помеѓу Баерн и Барселона во Минхен следната недела ќе се игра без навивачи поради лошата ситуација со коронавирусот во Германија.

Барселона која е втора во групата Е зад Баерн натпреварот со германскиот шампион го игра на 8 декемри на „Алијанц Арената“.

„Натпреварот помеѓу Баерн и Барселона ќе се игра зад затворени врати. Натпреварот од шестото коло во Лигата на шампионите ќе се одигра без присуство на гледачи на „Алијанц Арената“ поради порастот случаи со коронавирус во овој регион во последните неколку недели“, стои во соопштението од Барселона.


Рамос се пожалил на болки, ќе го скокне и дуелот со Ленс

Серхио Рамос мака мачи со повредите откако дојде во ПСЖ. Шпанскиот дефанзивец чекаше цели четири месеци да дебитира за „светците“ и тоа се случи минатиот викенд против Сент Етјен. Сепак, веднаш по тој натпревар Рамос се пожалил на болка во мускулот.

Во четвртокот Рамос се обиде да тренира, но од лекарскиот тим на ПСЖ проценија дека ризикот од нова повреда е преголем, па капитенот на Реал Мадрид го чека нова пауза.

„Мораме да внимаваме со неговата премореност на мускулите. Рамос неодамна се врати од долга пауза и затоа нема да игра против Ленс. Очекуваме веќе в недела да тренира со тимот“, објавија од ПСЖ.

За овој натпревар Покетино нема да може да смета на Нејмар, Дракслер и Херера.


Јунајтед му даде 100 милиони евра за Рангнинг за трансфери оваа зима

Раководството на Манчестер Јунајтед е подготвено да издвои 100 милиони фунти со кои новиот менаџер Ралф Рангник ќе има можност да го засили тимот во зимскиот преоден рок.

Германецот пред неколку дена беше назначен на местото кое Оле Гунар Солскјер, но се уште официјално не го презеде тимот, бидејќи имаше доцнење со издавањето на неговата работна виза за Велика Британија. Сепак, сега се е во ред и во наредните денови ќе почне да работи на „Олд Трафорд“. И сосема е нормално тренерот да сака што поскоро да го освежи тимот и да добие доволно сериозен буџет за оваа намена, тврди „Мирор“.

Рангник веќе има идентификувано неколку играчи кои сака да ги доведе во Манчестер Јунајтед. Станува збор за Амаду Хаидара и Кристофер Нкунку од РБ Лајпциг. Рангник дури размислува и за изненадувачка понуда за напаѓачот на Челзи, Тимо Вернер. Во плановите на „црвените ѓаволи“ е и ѕвездата на Борусија (Дортмунд), Ерлинг Халанд, но за евентуален трансфер на „Олд Трафорд“ ќе треба да се почека до лето. Клубот се надева дека Рангник ќе има важна улога да го убеди Норвежанецот да ја прифати понудата на Јунајтед.


Њукасл во јануари се засилува со четворица Англичани

Тимот на Њукасл за време на зимската пауза ќе се обиде да се засили со четворица англиски играчи, пренесува „Телеграф“. 

Тренерот на екипата, Еди Хау побара од новите сопственици донесување на неколку нови имиња кои би помогнале во борбата за опстанок во Премиер лигата.

На пописот за можни засилувања се најдоа Џеси Лингард кој со сигурност ќе го напушти Манчестер Јунјатед оваа зима, Хари Винкс од Тотенхем кој од поодамна го изгуби местото во Тотенхем, Рос Баркли од Челзи како и репрезентативецот Киран Трипие кој настапува за Атлетико Мадрид.

„Црно-белите“ во моментот се наоѓаат на последното место во Премиер лигата, без ниту една остварена победа досега.


Неизвесен настапот на Ансу Фати против Баерн

Ансу Фати и понатаму е под знак прашање за настап на клучниот дуел со Баерн во Лигата на шампионите следната недела. 19-годишниот фудбалер е надвор од терените од 6 ноември, кога на натпреварот против Селта заработи повреда на бутот.

Надежите беа дека ќе може да се опорави до мечот со германскиот шампион, но во оваа фаза се чини се помалку веројатно такво нешто, пренесува „Марка“.

Фати се уште не ги продолжил тренинзите, а до мечот во Минхен останува неполна недела. Натпреварот е исклучително важен за Каталонците, а само победа ќе им гарантира 100% пласман во 1/8-финалето од Лигата на шампионите. Затоа на Чави Ернандез му требаат сите кои можат да помогнат во оваа тешка ситуација, а Фати е фудбалер кој може да биде многу корисен.

Во оваа фаза, сепак, шансите да ги одигра сите 90 минути се прилично мали. Младиот сигурно ќе го пропушти претстојниот домашен натпревар со Бетис во текот на викендот, но надежите се дека навреме ќе се опорави и ќе успее да влезе во составот за гостувањето во Минхен.


Сенегалецот Сар пред портите на „Енфилд роуд“

Јирген Клоп најверојатно ќе го ангажира Исмалa Сар од екипата на Ватфорд, најавија медиумите во Англија.

Германецот сака да обезбеди добра замена за Мохамед Салах (Египет) и Садио Мане (Сенегал) кои подолг период ќе имаат активности во Купот на африканските нации.

23-годишниот интернационалец од Сенегал во сезонава одигра 12 натпревари за Ватфорд во Премиер лигата и постигна пет голови.