фудбал

Жоржињо е желбата на управата на Јувентус

Јувентус има интерес за играчот од средниот ред на Челзи, Жоржино. Бразилецот со италијански пасош, кој остана трет на ранг-листата во изборот за „Златната топка“, е главната трансфер цел на „бјанконерите“, на кои им е сериознп потребен играч со неговите квалитети за да ја води играта на тимот на средината на теренот. 

Јувентус дури веќе стапил во контакт со агентот на играчот за да најде терен за евентуален негов трансфер, тврди „Калчомеркато“. 29-годишниот Жоржињо е важен играч за Челзи и лондончани тешко дека ќе се разделат со него. Сепак, договорот на италијанскиот репрезентативец е до летото 2023 година, а засега не се водат разговори за негово обновување. Јувентус планира да го искористи овој факт и затоа почна да контактира со агентот на играчот.


Ла Лига нема да се игра во САД, судот ги отфрли желбите на Тебас

Шпанската фудбалска федерација ја доби војната со Ла Лига со играњето натпревари надвор од земјата.

Ла Лига најавуваше амбициозен проект во кој Барселона требаше натпревар со Џирона да игра во Мајами, сепак федерација ја блокираше таа иницијатива и започна судски процес. Судот во Мадрид донесе одлука во корист на федерација и потенцираше дека натпреварите од шпанското првенство без исклучок треба да се играат на шпанска територија.

Првите луѓе на првенството идејата ја објаснуваа со цел на промоцијата на Ла Лига, сепак нивниот обид не успеа. Медиумите во Шпанија пренесуваат дека тие нема да се откажат меѓутоа во овој момент не е реално да се реализира.


Мајкл Карик го напушти Манчестер Јунајтед

По победата над Арсенал со резултат 3:2, досегашниот привремен тренер на Манчестер Јунајтед, Мајкл Карик си поднесе оставка на функцијата. Тој го напушта клубот иако имал понуда да остане како помошник на новоизбраниот тренер на екипата, Ралф Рангник.

„Периодот што го минав во овој голем клуб е најдобриот во мојата кариера. Кога пристигнав во тимот пред 15 години, никогаш ниту размислував дека ќе постигнам толку големи работи и дека ќе освојам толку трофеи овде. Никогаш нема да ги заборавам одличните моменти кои ги доживеав како играч а потоа и како тренер. После многу размислување решив дека сега е правото време за да заминам од клубот. Засекогаш останувам навивач на Манчестер Јунајтед и му посакувам успешна работа на новиот тренер, Ралф Рангник“, изјави Карик.

Мајкл Карик е играчка легенда на „црвените ѓаволи“ кој со клубот има освоено пет шампионски титули во премиер лигата, на два пати го освоил ФА и Лига купот, една Лига на шампиони, Лига Европа и Светско клупско првенство.


Атлетико Минеиро е нов шампион на Бразил

На три кола пред крајот на бразилскиот фудбалски шампионат, екипата на Атлетико Минеиро ја обезбеди шампионската титула. Ова за нив е втора титула во клупската историја.

Атлетико Минеиро стана шампион на Бразил после победата над Баија со резултат 3:2. 

Тие натпреварот го добија со пресврт после водството на домаќинот Бахиа од 2:0. Со постигнати 3 гола во финишот на средбата гостинската екипа стигна до 3:2 по што започна прославата на титулата. Најпознати имиња во дресот на Атлетико Минеиро се Хулк и Диего Коста.

https://twitter.com/Atletico/status/1466542129803628548?s=20

Нови проблеми за Барселона, Серхи Роберто мора на операција

Повремениот капитен на Барселона, Серхи Роберто, поради повреда на бутниот мускул ќе мора да биде опериран и ќе паузира најмалку четири месеци.

Роберто, кој во тимот од „Камп Ноу“ игра на позициите десен бек и како играч од средината на теренот, е надвор од тимот од 27.октомври. Лекарскиот тим на Барселона беше на мислење дека за неговата повреда нема да има потреба од операција но на крајот ќе мора да биде извршена интервенција на неговиот мусул.

Со ова продолжуваат проблемите со повредени играчи во Барселона, каде освен Роберто, надвор од тимот се Ансу Фати, Педри и Брајтвајт.


Алегри: „Златната топка“ требаше да ја добие Левандовски

Масимилијано Алегри е еден од оние кои ја коментираа завршницата и доделувањето на „Златната топка“ од страна на „Франс Фудбал“.

Лионел Меси во Париз стигна до својата седма „Златна топка“, а тој избор предизвика силни реакции. Голем дел од јавноста смета дека наградата требаше да заврши во рацете на напаѓачот на Баерн Минхен, Роберт Левандовски.

На италијанскиот стратег не му е јасно на што се базира доделувањето на оваа награда.

„Меси ја доби „Златната топка“. Можеме да кажеме дека технички тој е најдобриот фудбалер, но јас не знам на што ја базираат нивната одлука“, кратко прокоментира Италијанецот.


Жереми Бога од Сасуоло се договори со Аталанта

Аталанта се договорила со играчот од средниот ред на Сасуоло, Жереми Бога, и останува само формалност до потпишувањето на договорот. Според информациите, договорот со 24-годишниот репрезентативец на Брегот на Слоновата Коска ќе биде со важност до 2026 година.

Аталанта сега преговара за трансферот со Сасуоло, но објавено е дека Бога ќе биде продаден за 20 милиони евра, сума која Аталанта е подготвена да ја плати за него.


Фиорентина одбила 80 милиони евра за Влаховиќ

Според пишувањата во локалниот весник од Фиренца „Кориере Фиорентино“, водечките луѓе на калчолигашот Фиорентина, одбиле понуда во висина од 80 милиони евра која лондонски Арсенал ја понудил за ангажман на Србинот Душан Влаховиќ.

Од весникот информираат дека Арсенал немал намера така лесно да се откаже од Влаховиќ, па можно е да се очекува и нова повисока понуда во наредниот период.

Од порано е познато дека и градскиот ривал на Арсенал, екипата на Тотенхем исто така покажува голем интерес за доведување на српскиот репрезентативец, но нивниот буџет за овој трансфер бил 70 милиони евра.

Душан Влаховиќ оваа сезона игра во животна форма за Фиорентина. Тој на 15 натпревари има постигнато 12 гола и 3 асистенции.


Марсело, капитен на Реал Мадрид а 5-ти избор за лев бек во екипата

После заминувањето на Серхио Рамос во Парис Сен Жермен ова лето, капитенската лента во Реал Мадрид му беше доделена на Марсело.

Меѓутоа сезоната за Бразилецот не се одвива во посакувана насока за него. Тој во моментот е петти избор на тренерот Анчелоти за позицијата лев бек во тимот. Поголема минутажа на таа позиција во екипата веќе имаат Ферланд Менди, Давид Алаба, Мигел Гутијерез и Начо Фернандез. 

Слабата минутажа на Марсело најповеќе се должи на проблемите со големиот број на повреди со кои се соочуваше во август и септември. 33- годишниот Бразилец секоја сезона има се помалку настапи за првиот тим на Реал и по се изгледа ова ќе биде негова последна година во клубот. 

Марсело во „кралскиот клуб“ пристигна во 2007 година и беше дел од најголемите клупски успеси. Меѓу другото тој е четирикратен освојувач на Лигата на шампиони со популарните „лос бланкос“.


Гвардиола: Бернардо Силва е најдобар фудбалер во Премиер лигата

Менаџерот на Манчестер Сити, Пеп Гвардиола, го пофали Бернардо Силва за својот настап сезонава, особено по фантастичниот гол со кој им ја обезбеди победата на „граѓаните“ на вчерашното гостување кај Астон Вила.

“Тој е најдобар. Тој е најдобар дури и во два-три изминати сезони“, изјави Гвардиола и додаде: „Тој има посебна способност да прави што сака, а сака да се забавува со топката. Вечерва ова беше навистина прекрасен гол против многу добар голман“.