фудбал

Париз Сен Жермен со интерес за ангажман на Рашфорд

Француските медиуми ја пренесуваат веста дека репрезентативецот на Англија и напаѓач на Манчестер Јунајтед Маркус Рашфорд е трансфер мета на Париз Сен Жермен, кој сака да го доведе во своите редови до крајот на преодниот рок.

Челниците на ПСЖ на Рашфорд гледаат како на играч кој може да игра како крилен и централен напаѓач во екипата.

Останува да се види реакцијата на клубот од Олд Трафорд во случај да пристигне официјална понуда од Париз.


Барди пристигна во Трабзон: Дојдов тука да го исполнам сонот!

Македонскиот фудбалски репрезентативец, Енис Барди, денеска пристигна во Турција. Тој до крајот на денов треба да ги помине лекарските прегледи и да биде промовиран како нов играч на Трабзон. Шампионот на Турција за неговиот потпис ќе му плати на шпанскиот, Леванте, осум милиони евра.

„Многу сум среќен. Дојдов тука да го исполнам сонот за настап во Лигата на шампионите и што поголеми успеси на европската сцена“ – нагласи Барди.

Нашиот фудбалер во 2017 година го напушти Ујпешт и се пресели во Шпанија. Таму во претходните шест сезони одигра 125 мечеви и постигна 22 гола.


Данецот Дамсгард е ново засилување на Брентфорд

Фудбалерот од Данска Микел Дамсгард е нов член на англискиот премиерлигаш Брентфорд. Играчот за врска Дамсгард во Премиер лигата доаѓа од Серија А, односно од тимот на Сампдорија.

Целиот трансфер на Данецот е вреден 15 милиони евра, а договорот е потпишан на пет години. Дамсгард својот талент го покажа на претходното Европско фудбалско првенство, кога во дресот на Данска прикажа одлични фудбалски партии.


Тодор Тодоровски претставен во Азербејџан

Десниот бек на македонската фудбалска репрезентација Тодор Тодоровски е нов фудбалер на Сумгаит од Азарбејџан.

23-годишниот Тодоровски летово се раздели со Серед и беше во потрага по нов клуб. Имаше неколку понуди од други клубови, но на крајот се реши да продолжи во првенството на Азербејџан.

Сумгаит и е познат на македонската јавност од двомечот со Шкендија во евроквалификациите во 2020 година, станува збор за еден од најдобрите клубови во Азербејџан. Во кариерата Тодоровски го носеше дресот на: Раднички Ниш, Осијек (втор тим), Шибеник, Вардар, Металург, Кожуф и 11-ти Октомври.


Харви Елиот во Ливерпул до 2027 година

Англискиот фудбалер Харви Елиот го продолжи договорот со Ливерпул до летото 2027 година, потврдуваат од клубот.

19-годишниот Елиот во Ливерпул пристигна во 2019 година од Фулам, а еден период настапуваше како позајмен играч на Ливерпул во Блекбурн.

Младиот играч од средината на теренот ги помина сите младински категории во англиската репрезентација.


Анчелоти: Бензема е најдобар на светот и ја заслужува Златната топка

Карло Анчелоти,тренерот на екипата на Реал Мадрид која го освои Суперкупот на Европа после победата над Ајнтрахт од Франкфурт со 2:0, тврди дека Карим Бензема ја заслужува наградата „Златна топка“.

„Бензема во моментот е најдобар фудбалер на светот, имаше сјајна измината сезона, а во оваа веќе чекори кон Златната топка. Головите на Карим не доведоа до овај натпревар. Неговите голови против Манчестер Сити, Челзи и ПСЖ ни овозможија да играме и да славиме во големото финале со Ливерпул“, изјави Анчелоти после победата над Ајнтрахт во Суперкупот.


Халилхоџиќ сменет од селекторската функција во Мароко

Фудбалскиот сојуз на Мароко соопшти дека Вахид Халилхоџиќ не е повеќе селектор на репрезентацијата.

Како што се наведува во соопштението, договорот со селекторот е раскинат поради несогласувањата околу начинот на кој се одвиваат подготовките за Мундијалот во Катар, и фактот дека Халилхоџиќ одбил да го врати во тимот фудбалерот на Челзи Хаким Зијеш.

За Халилхоџиќ ова ќе биде трет пат во кариерата да добие отказ од селекторското место на репрезентација што успева да ја пласира на Светско Првенство. Ова веќе му се случи во 2010 со Брегот на Слоновата Коска и 2018 со Јапонија.


Лукаку: Луѓето за една година ги заборавија сите добри работи од претходно

Ромелу Лукаку зборуваше за тешката мината сезона во Челзи и неговото враќање во Интер.

„Сезоната во Челси ми даде дополнителна мотивација да се справам уште подобро од порано. Мислам дека за една година сите заборавија на работите за кои сум способен на теренот. Тоа е вид на гнев што го имам во себе. Тимот исто така, откако не успеа да ја освои титулата минатата сезона. Сите заедно се надеваме дека ќе се справиме подобро и ќе земеме дома некој вид трофеј.

Што тргна наопаку во Челзи? Толку многу работи. Мислам дека кога си заминав пред една година сакав да се одмаздам ​во Челзи бидејќи кога бев млад тој беше мојот тим цели 11 години. Добив шанса да се вратам во Лондон и мислев дека ќе станам херој, но тоа не беше случај. Правам сметка само на крајот на сезоната. Така, по последниот натпревар размислував каква е мојата ситуација. Видов дека како играч на Интер добро се снајдов, а сезоната во Челзи беше тешка за мене. Затоа, не се сомневав кога донесов одлука да се вратам овде.


Русинот Миранчук се договори да премине во Торино

Фудбалерот од Русија, Алексеј Миранчук, денес треба да ги помине лекарските прегледи и да потпише за екипата на Торино.

Русинот на негово инсистирање ја напушти Аталанта за да може да добие поголема минутажа во нов тим. Офанзивниот играч за врска беше купен од Локомотив (Москва) во 2020 година.

Тој одигра 56 натпревари и постигна девет голови за екипата од Бергамо, но, немаше загарантирано место во првите единаесет.


Африканците ја започнаа својата Суперлига

Африканската фудбалска конфедерација (АФК) официјално ја започна во Аруша, Танзанија, својата Суперлига, затворено натпреварување во кое ќе учествуваат 24 клубови од 16 земји.

Првото издание на Суперлигата е предвидено да се одржи од август 2023 до мај 2024 година со награден фонд од 100 милиони долари.

„Африканската Суперлига е многу важна иницијатива. Едно од главните прашања во Африка е финансирањето. Нашата цел е африканскиот клупски фудбал да биде од светска класа и да се натпреварува со најдобрите во светот“, рече претседателот на АФК, Патрис Моцепе.

ФИФА го поддржа новото натпреварување, додека на почетокот на 2021 година се спротивстави на проект од ист тип во Европа, кој требаше да ги собере 12-те најголеми клубови во Европа.

„Суперлигата е возбудлив и уникатен проект и ние сме среќни да помогнеме и да го споделиме искуството што го акумулиравме“, изјави претседателот на ФИФА, Џани Инфатино.