фудбал

Барселона најавува ново засилување

Екипата на Барселона се поврзува со трансфер на крилниот напаѓач од ПСВ Ајндховен, Коди Гакпо.

22-годишниот фудбалер игра одлична сезона во Холандија, со 16 гола и 14 асистенции на 36 натпревари за тимот на ПСВ.

Неговиот договор е со важност до 2026 година, но се смета дека клубот се согласил да му дозволи да замине ова лето доколку пристигне соодветна понуда.

Клубот од „Камп Ноу“ не е единствена заинтересирана страна за Гакпо. Сериозен интерес за играчот покажуваат и од Арсенал, Баерн Минхен и Ливерпул. Се смета дека цената за овој трансфер би била околу 35 милиони евра.


Тен Хаг молчи за поврзаноста со Манчестер Јунајтед

Тренерот на Ајакс, Ерик Тен Хаг одби да ги коментира шпекулациите дека би можел да застане на чело на Манчестер Јунајтед.

52-годишниот стручњак силно се поврзува со нов менаџер на „црвените ѓаволи“, а британските медиуми инсистираат дека тој ќе го преземе тимот од „Олд Трафорд“.

„Фокусиран сум на сезоната во Холандија. Ја вложив целата моја енергија во Ајакс. Сакам да извлечам максимум од тоа, мислам дека „дублот“ е достижен“, прокоментира Тен Хаг.


Роман Абрамович ќе му помага на турскиот клуб Гезтепе

Некои турски медиуми пренесуваат информација дека милијардерот Роман Абрамович има желба финансиски да му помогне на клубот Гезтепе кој се бори за опстанок во фудбалската Супер лига на Турција.

Изворите пишуваат дека рускиот олигарх неодамна двапати ја посетил Турција и имал разговори околу ваков договор, кој сепак ќе стане реалност откако Русинот ќе го продаде Челзи. Исто така, се наведува дека две суперлуксузни јахти на Абрамович биле забележани во Измир, каде Гезтепе ги игра своите домашни натпревари.

 Турција нема воведено санкции за руските олигарси, како што тоа го направија земјите од ЕУ, што значи дека нема пречка за тие да работат во земјата.


Популарниот Мајк Дин заминува во судиска пензија

Британските медиуми пренесуваат дека легендарниот судија од англиската Премиер лига, Мајк Дин, на крајот од сезоната заминува во пензија.

Планот беше тој да се пензионира на крајот на минатата сезона, но бидејќи пандемијата со корона вирусот ги спречи навивачите да бидат на трибините, тој го одложи своето заминување, сакајќи да ја суди својата последна кампања пред навивачите. 

Мајк Дин ќе му каже збогум на професионалното судење после 535 натпревари и 22 сезони. Тој е познат како една од легендите на фудбалот во Англија, а како што се шпекулира, би можел да стане шеф на судиската организација при ФА.


Манчини го повика Де Шиљо на местото на повредениот Ди Лоренцо

Селекторот на италијанската фудбалска репрезентација, Роберто Манчини поради повреда го загуби Џовани Ди Лоренцо во пресрет на плеј-оф дуелот за Светското првенство против репрезентацијата на Македонија. Крилниот бек на Наполи се повреди на саботниот првенствен натпревар против Удинезе, а беше повикан за натпреварите со Македонија и евентуално бараж-финалето со подобриот од дуeлот меѓу Турција и Португалија.

На негово место Манчини веднаш го повика Матија Де Шиљо од Јувентус.

Веднаш по натпреварот против Салернитана кој го одигра вчера, Де Шиљо замина во таборот на „аѕурите“.


Чави: Вратата на Барселона секогаш ќе биде отворена за Меси

Тренерот на Барселона Чави Ернандез изјави дека вратата од клубот е отворена за Лионел Меси. Двајцата фудбалери беа соиграчи во каталонскиот клуб, но сега Чави е на чело на тимот, а Меси е дел од  францускиот Париз Сен Жермен.

„Меси е најдобриот фудбалер во историјата на клубот. Тој го заслужи правото вратата од клубот секогаш да е отворена за него. Се додека јас сум тренер, тој секогаш ќе биди добредојден доколку сака да се врати еден ден. Како клуб му должиме големо признание, тој тоа го заслужува. Но, сега тој има договор со Пари Сен Жермен, па не сакам повеќе да зборувам“, изјави Чави Ернандез.


Милевски го повика Даци на местото на повредениот Јаховиќ

Македонскиот фудбалски репрезентативец, Адис Јаховиќ , поради повреда отпадна од списокот за дуелот со Италија (24 март) и евентуалниот завршен бараж за СП против подобриот од мечот Турција – Португалија.

Фудбалерот на Гезтепе почуствувал болка во тетивата на денешниот првенствен натпревар од турското првенство а лекарските прегледи потврдија дека не е во можност да игра.

Затоа селекторот, Благоја Милевски, веднаш прати повик до Ердон Даци кој настапува за  белгискиот Вестерло.


Почетино: Срамно беше како игравме против Монако

Тренерот на ПСЖ, Маурицио Почетино беше крајно разочаран по тешкиот пораз од 3-0 од Монако во францускиот шампионат. Ова е четврти последователен пораз за тимот на гости.

„Ова е срамно и неприфатливо. На ниту еден натпревар не можеме да пристапиме така. Треба да застанеме на нозе и да ставиме крај на очајот предизвикан од испаѓањето од Лигата на шампионите. Сите се виновни и мора да престанеме да наоѓаме изговори. Не покажавме дух да се бориме против екипа која исто беше повредена по елиминацијата од европските турнири. Нашето прво полувреме беше незамисливо. Можеме да губиме натпревари и да играме слабо, но не можеме да си дозволиме вакво нешто. Работите се сериозни. Мора да најдеме решение“, додаде тренерот на парижани.


Дибала одбил продолжување на договорот со Јувентус

Пауло Дибала ја одбил понудата за продолжување на договорот со Јувентус, пренесуваат бројни италијански медиуми. На последната рунда преговори не бил постигнат договор и како што сега стојат работите, Аргентинецот на лето ќе го напушти клубот како слободен играч.

Според написите , раководството на „бјанконерите“ значително ги променило условите на договорот кои ги понудиле во октомври. 

Тогашната понуда кон Дибала беше 10.000.000 евра по сезона, од кои 8.000.000 фиксен дел, и соработка на четири и пол години, која Дибала беше подготвен да ја прифати. 

Челниците на Јувентус сега ја променија својата понуда и фиксниот дел го спуштија на 7.000.000 евра, за со бонуси цифрата да стигне до 10.000.000 евра. Во понудата е намалена и должината на договорот, односно сега е предложена соработка на три години.  

Пауло Дибала не се согласил со понудените услови и тоа веќе му ги соопштил на потпретседателот на клубот Павел Недвед.


Анчелоти: Не треба да правиме драма од овој пораз

Тренерот на Реал Мадрид, Карло Анчелоти, изјави дека тој е виновникот за тешкиот пораз од Барселона  во неделното Ел Класико.

Гостите од Барселона славеа на „Сантијаго Бернабеу“ со убедливи 4:0 во 29.коло од шпанската Ла лига.

„Тие играа подобро од нас. Ние имавме лоша вечер и тоа е тоа. Секој Ел Класико натпревар е тежок. Многу ми е жал за поразот, меѓутоа треба да останеме мирни, и не треба да правиме драма од ова. Треба да го заборавиме поразот и да гледаме напред“, изјави италијанскиот тренер.

Реал Мадрид се наоѓа на првото место од табелата со освоени 66 бода, додека Барселона е трета со 54 бода и натпревар помалку.