фудбал

Клоп: Мундијалот во Катар се игра во погрешно време

Јирген Клоп даде коментар и за Мундијалот кој ќе се игра во ноември и декември оваа година.

Клоп истакна дека неговата екипа и покрај тоа што на сред сезона има Мундијал се подготвувала како и во претходнтите години.

„Не се подготвуваме поинаку, подготовките беа како и ви претходните години. Ако сите играчи имаат пауза, не е проблем, тоа е добро. Тоа е како зимската пауза кога бев во Германија. Но, играњето Мундијал во сред сезона е сосема поинаку, тоа не е во ред. Некој ќе одмора, некој ќе игра натпревари. Играчите ќе бидат фокусирани на овој турнир што е и нормално. Овој Мундијал се игра во погрешно време“, изјави Клоп.


Де Роси го презема Палермо во Серија Б

Поранешниот фудбалер од средниот ред на Рома и на италијанската репрезентација, Даниеле Де Роси ќе го преземе Палермо.

Де Роси е на листата на кандидати за функцијата главен тренер на италијанскиот клуб. Клубот, кој влезе во Серија Б, доби нов сопственик во холдинг компанијата „Фудбал Сити Груп“, која е сопственик и на Манчестер Сити и голем број други клубови.

Де Роси сака да започне соло тренерска кариера по неговото искуство како помошник на Роберто Манчини со италијанската репрезентација. Тој е поранешен капитен на Рома, светски шампион со Италија во 2006 година, и вицешампион на ЕП во 2012 година.


Румениге: Премиер лигата доминира во Европа

Германската фудбалска легенда, Карл-Хајнц Румениге, кој на времето настапуваше за екипата на Интер, се осврна на враќањето на Ромелу Лукаку во редовите на миланскиот состав. 

„Добро направи што се врати таму каде што имаше голем успех. Мојот пријател Марота направи голема работа. Го продаде пред една година по исклучителна цена и го врати за речиси ништо. За жал на Серија А и Бундеслигата, се чини дека Премиер лига е на повисоко ниво. Италија и Германија да се обидат да се доближат до англискиот модел“, изјави Румениге за медиумите на „чизмата“.


Переира поради повреда ќе паузира шест месеци

Тренерот на премиерлигашот Лестер, Брендан Роџерс, објави дека фудбалерот Рикардо Переира ќе биде надвор од терените до шест месеци после операцијата на Ахиловата тетива.

Десниот бек се повреди минатата сабота на пријателски натпревар против Севиља.

Истиот фудбалер во 2020 година отсуствуваше девет месеци откако ги скина вкрстените лигаменти од коленото.

Лестер во првото коло од новата сезона ќе игра во недела на свој терен против екипата на Брентфорд. 


Руни го доведе Бентеке во Америка

Клубот Ди-Си Јунајтед кој настапува во американската МЛС лига објави дека го доведе напаѓачот Кристијан Бентеке од Кристал Палас.

Тренерот на Ди-Си Јунајтед Вејн Руни многу добро ги познава квалитетите на повремениот белгиски репрезентативец и бивш играч на голем број премиерлигашки екипи.

31-годишниот напаѓач се очекува да биде огромно засилување за екипата со која потпиша договор до 2024 година со опција за продолжување на уште една сезона.


Вест Хем се засили со Максвел Корне од Барнли

Досегашниот фудбалер на Барнли, Максвел Корне, потпиша петгодишен договор со Вест Хем.

Договорот на 25-годишниот фудбалер е вреден 17,5 милиони фунти. Вест Хем се залагаше да го позајми Корне, но на крајот се согласи да ја плати откупната клаузула.

Корне е петтото засилување за лондонскиот клуб ова лето. Тој во дресот на Барнли кој испадна од Премиер лигата, на 26 натпревари постигна девет гола и една асистенција.


Вајналдум пристигна во Рома

Фудбалските клубови Рома и Париз Сен Жермен постигнаа договор околу трансферот на Џини Вајналдум од Париз во Рим.

Ангажманот на холандскиот фудбалер во Рома е во вид на позајмица со опција за откуп. Доколку Рома се пласира во Лигата на шампионите наредната сезона тогаш според договорот откупот автоматски станува обврзувачки, а се работи за сума од 8 милиони евра.

Париз Сен Жермен на крајот се согласи да ја плаќа половината од платата на Вајналдум.


Анри најдобар во историјата на Премиер лигата според англиските фанови

Тиери Анри е прогласен за најдобар играч во историјата на Премиер лигата во анкетата на навивачите. Betfair спроведе анкета со YouGov на повеќе од 1.000 фудбалски фанови пред 30-годишнината на натпреварувањето. Француската легенда го победи Кристијано Роналдо и го освои првото место со 15 отсто од гласовите.

Поранешниот капитен на Арсенал постигна 175 гола на 258 првенствени натпревари и ги предводеше „топџиите“ до две првенствени титули.

Анри беше експлозивен, брз и фантастичен техничар со извонреден финиш. На третото место е Англичанецот Алан Ширер, најдобриот стрелец во Премиер лигата на сите времиња.

Топ 5 ја затвораат Французинот Ерик Кантона и Англичанецот Стивен Џерард.


Кавани ќе потпише за Бока Јуниорс

динсон Кавани ќе биде новото засилување на Боке Јуниорс.

Овој фудбалер беше поврзуван со бројни клубови, последен во низата беше Виљареал, но Уругваецот сакаше да се врати во Јужна Америка.

Кавани на крајот го доби тоа што го сакаше, Бока Јуниорс, гигантите од „Бомбоњере“.

И Борусија Дортмунд во последен момент се обиде да го привлече овој напаѓач, но Кавани веќе одлучи каде ќе ја продолжи кариерата.

Уругваецот има 35 години, во текот на кариерата настапуваше за Данубио, Палермо, Наполи, ПСЖ и Манчестер Јунајтед.


Анчелоти: Ќе се бориме за шест трофеи сезонава

Тренерот на Реал Мадрид, Карло Анчелоти даде интервју за веб-страницата на УЕФА една недела пред финалето на Суперкупот на Европа меѓу неговиот тим и Ајнтрахт Франкфурт. Ова ќе биде прв официјален натпревар за шпанскиот шампион во новата сезона.

„Иако на некој начин заостануваме во однос на Ајнтрахт, кој ја започнува сезоната порано, ќе играме на победа. Гледаме напред. Победите од минатата сезона ни даваат самодоверба, но мораме да се концентрираме на следните натпревари. Во новата сезона ќе има 6 трофеи за освојување и сакаме да се бориме за сите“, изјави италијанскиот стручњак.

„Подготвени сме, во форма сме. Мораме да ја оставиме радоста и задоволството од минатата сезона и да не дозволиме некој да ни го заземе местото. Ова е најголемиот мотив да продолжиме да победуваме”, изјави Анчелоти.