фудбал

Португалецот Рубен Диас е најдобар во Премиер лигата сезонава

Дефанзивецот на Манчестер Сити, Рубен Диас, кој се израдува на шампионската титула во Англија, е прогласен за најдобар фудбалер во Премиер-лигата за сезоната 2020/21.
Тој во текот на изминатото лето беше купен од португалската Бенфика за 60 милиони фунти и уште во дебитантската сезона кај „граѓаните“ ги оправда вложените пари.
„Тоа е голема чест за мене. Многу сум среќен, немаше да бидам тука без помошта на моите соиграчи. Фактот дека ја добивам наградата е најдобар доказ за начинот на кој функционира тимот“, потенцираше Диас.


Србинот Влаховиќ одбил нов договор со Фиорентина

Душан Влаховиќ, кој ја игра сезоната од соништата во Серија А, добил понуда за нов договор од екипата на Фиорентина. Сепак, како што пишува белградски „Спортски журнал“, Влаховиќ, не сака да прифати една важна точка во новиот договор, што му ја понудил италијанскиот клуб, а тоа е откупна клаузула од дури 100 милиони евра, што практично го спречува да се пресели во друг клуб. Претседателот на „виолетовите“, Роко Комисо, во клаузулата бара начин да го задржи Влаховиќ што подолго во својот тим, но очигледно српскиот фудбалер ќе бара преселба во некој од елитните веропски тимови. Влаховиќ во моментов заработува 700.000 евра годишно во Фиренца, што е една од најниските плати во тимот.


Алардајс заминува од ВБА по неуспешната сезона и испаѓањето од Премиер лигата

Менаџерот на Вест Бромвич Албион, Сем Алардајс, потврди дека ќе го напушти клубот на крајот од сезоната. 66-годишниот тренер го наследи Славен Билиќ на клупата во декември минатата година, но не успеа да ја исполни задачата и го задржи тимот во англиската елита. „Вест Бром ми даде убава понуда да останам, што покажува посветеност на амбициозен клуб. Но, по сериозно разгледување, решив да не го прифатам тоа. Ако останам и се вратам во Премиер лигата следната сезона, од мене се очекува да продолжам да работам барем уште една година, но тоа не е обврска што се чувствувам способен да ја преземам во оваа фаза од мојата кариера“, изјави Биг Сем.


Германецот Флик кандидат од сенка за клупата на Барса

Ханси Флик може да ја преземе Барселона, објави весникот „Марка“. Според изворот, управата на каталонскиот клуб сака да го види Флик како главен тренер на тимот. Претседателот на Барселона, Жоан Лапорта контактирал со германскиот тренер и се обидува да го убеди да го предводи тимот. Претходно беше објавено дека Флик, кој ќе го напушти Баерн на крајот од тековната сезона, ќе го води германскиот национален тим по Европското првенство, но во моментот нема договор меѓу двете страни. Роналд Куман е актуелен тренер на Барселона, но во текот на изминативе денови се пишуваше дека каталонскиот клуб одлучил да го отпушти тренерот на крајот на сезоната 2020/21. Оваа одлука беше донесена по поразот на тимот во мечот од 37. коло на шпанскиот шампионат со Селта (1-2) со кој ги загубија шансите за шампионската титула.


Нуњез од Бенфика е замената за Џеко во Рома

Ова лето Един Џеко готово сигурно ќе ја напушти Рома, па приоритет на клубот ќе биде доведување на нов напаѓач.
„Волчицата“ веќе бара замена за 35-годишниот напаѓач, а прва мета е ѕвездата на Бенфика, Дарвин Нуњес.
21-годишниот уругвајски репрезентативец игра одлично, но во договорот има откупна клаузула од 150 милиони евра, а Бенфика сигурно нема да сака лесно да се откаже од него.
Бенфика во септември за потписот на Нуњес плати 24 милиони евра, па Рома сигурно ќе треба да понуди најмалку 40 милиони евра за неговиот потпис.


Пирло моли да остане во Јувентус: „Заљубен сум во овој клуб“

Јувентус синоќа го освои Купот со победата против Аталанта. „Старата дама“ со овој трофеј донекаде успеа да се „извади“ за најлошата сезона во последните десетина години. Клубот кој девет пати по ред ја освојуваше титулата во првенството, во Лига на шампиони беше елиминиран во осминафиналето од Порто, а на коло пред крајот на Серија А опасно „виси“ да не избори пласман во Лигата на шампионите идната сезона. Имено, Јуве мора да победи против Болоња како гостин и да чека кикс на Милан или Наполи. Аталанта во последното коло игра против Милан, а Наполи против Верона. Поради катастрофалните резултати и лошите игри, тренерот Андреа Пирло е на мета на жестико критики и веќе подолг период се пишува дека ќе го напушти Јувентус по крајот на сезоната. Сепак, иконата на италијанскиот фудбал по натпреварот повторно изјави дека сака да остане во Торино. „Ќе останам во Јувентус. Тука сум со задача. Го сакам фудбалот и овој клуб, но на крајот управата ќе одлучи. Би сакал да останам, а и играчите се со мене.“ – вели Пирло.


ЕУРО2020 – 03. Холандија одблиску

„Лалињата“ се култна историја на европскиот фудбал, титулата од 1988 година блесок кој најсилни сјае.
Холандија остави силен печат на претходните Европски првенства, победувајќи еднаш и стигнувајќи до полуфиналето уште трипати. Триумфалниот тим од 1988 година, кој беше составен од играчи на тогашниот европски првак ПСВ Ајндховен и големото трио на Милан, Марко ван Бастен, Руд Гулит и Франк Рајкард, беше уживање да се гледа, пишува меѓу другото УЕФА.

Како клучни играчи УЕФА ги издвојува Мемфис Депај (54 настапи, 19 гола) и Георгинио Вајналдум (62 настапи, 15 погодоци). Напаѓачот на Лион, Депај, беше одлучувачки за „портокаловите“ со голови и со асистенции. Тој не секогаш го прави очигледниот избор или ја фаворизира најлесната опција, но нема сомнение дека нападот на Холандија е многу поефикасен кога тој е дел од него, а централниот плејмејкер на Ливерпул, Вајналдум, носи елеганција, цврстина, движење и вештина во холандскиот среден ред, а особено неговото речиси телепатско разбирање со Мемфис донесе голем успех за репрезентацијата, пишува УЕФА. Во историјата на холандската селекција како голови за паметење УЕФА издвојува неколку. Волшебното додавање на Адри ван Тигелен во финалето на ЕП 1988 првично изгледаше премногу долго за Ван Бастен да го стигне. Она што следуваше беше еден од најубавите голови што некогаш биле видени во големото финале.

Успешен корона експериментот во Амстердам
Натпреварот меѓу Холандија и Латвија требаше да биде само еден обичен дуел меѓу фаворит и аутсајдер во квалификациска група за Светско првенство 2022. И така и беше, Холанѓаните се справија со гостите и после болниот пораз од Турција (4-2) освоија три важни бода, но најинтересно на мечот беше присуството на публика на трибините, права реткост во светот на спортот во изминатaта една година.
Холандија на тој план е една од првите земји во Европската Унија која постепено дозира пуштање публика на стадионите. Холанѓаните повеќе од еден месец тестираат влез за гледачи: на „Јохан Кројф Арена“ имаше 5.000 присутни од вкупен капацитет 55.000 места. Холанѓаните покренаа иницијатива „Враќање кон животот“ поддржана од владата. Навивачите кои купиле карти за натпреварот на репрезентацијата морале да направат брз тест на коронавирус кој бил ажуриран на денот на мечот на посебен сајт на кој има Corona Check.
Според резултатите на тестовите, луѓето биле поделени на девет групи кои ги пуштиле во разни сектори од стадионот во формат на таканаречени „балони“, како би контактирале само со претставници од нивната „група“. Некои сектори морале да бидат со маски некои не, а ниту еден „балон“ немал задолжително растојание едни со други. Сево ова е експеримент пред Европското првенство 2021 година, летово.

Како Канатларовски, Пандев и Стојков ја запреа Холандија Македонија – Холандија 2-2 9 октомври 2004
На 9 октомври 2004 година во Скопје, гостуваше силната Холандија, предводена од прочуениот Марко ван Бастен. Ван дер Сар, де Јонг, Коку, ван Бомел, Давидс, Снајдер, Кајт, ван дер Варт и другите против четата на Драган Канатларовски во која беа: Николов, Крстев, Седлоски, Митревски, Пандев, Шаќири, Стојков, Божиновски, Васоски, Јанчевски, Гроздановски… Натпревар кој заврши 2-2. На трибините вообичаена глетка од 15.000 гледачи, одлична атмосфера. Имаше шанси на двете страни, но до таа 42.минта немаше голови. Тогаш Боума го „тресеше“ Јане за 0:1. Не минаа три минути кога Пандев уште еднаш покажа дека е класа, како ли само го матираше тој славен Едвин ван дер Сар. Само што започна вториот дел, одново шанси на двете страни, а во 65. минута Кајт повторно носи холандско водство. Но сега е редот на вториот струмичанец, на Ацо Стојков да постигне супер гол за 2-2. За голема еуфорија, за голема радост на Градски и тие 15.000 гледачи. Ова е натпревар на кој и дефинитивно на меѓународната фудбалска сцена се претстави тандемот Пандев – Стојков. Инаку натпреварот беше одигран во рамките на квалификациите за СП 2006 во Германија. Покрај Македонија и Холандија, во групата беа Чешка, Романија, Финска, Ерменијан и Андора.


Ди Марија сруши неверојатен рекорд на легендарниот Сафет Сушиќ

ПСЖ синоќа ја одбрани титулата во францускиот Куп по финалето одиграно на стадионот „Стад де Франс“, каде победи со 2:0 против Монако. За ПСЖ тоа беше 14. титула во ова натпреварување, додека Монако во своето десетто финале беше поразен по петти пат. ПСЖ поведе во 19. минута со голот на Мауро Икарди, Монако беше најблиску до израмнување во 81 минута, но Желсон Мартинс ја погоди пречката. Конечните 2:0 ги постави Мбапе во 81. минута на асистенција на Анхел Ди Марија. Тоа беше првата победа на тимот од Париз против Монако оваа сезона, откако играчите на Нико Ковач беа подобри во двата првенствени натпревари. Со асистенцијата за голот на Мбапе, Ди Марија дојде до 104. асистенција во дресот на ПСЖ, со што го сруши рекордот на Сафет Сушиќ, кој има 103.


Овој податок покажува колку е голем Џиџи Буфон!

Пред 22 години, на почетокот на месец мај 1999. година, тогаш 21-годишниот Џанлуиџи Буфон го освои првиот трофеј во кариерата. На голот на Парма против Фиорентина го освои италијанскиот Куп. Соиграчи му беа Лилијан Турам, Фабио Канаваро, Хуан Себастијан Верон, Марио Станиќ, Хернан Креспо и Енрико Киеза, чиј син Федерико тогаш имаше година и пол. Буфон 22 години подоцна на голот на Јувентус го освои шестиот Куп во кариерата и стана италијански рекордер. Оној „малиот“ Федерико Киеза сега му е соиграч, кој против Аталанта постигна погодок за триумфални 2:1. Киеза јуниор беше прогласен за играч на натпреварот, по кој најмногу говореше за неверојатниот соиграч кој на крајот од сезоната во својата 43. година го напушта Јувентус: „Му реков пред финалето: Џиџи, го освојуваше овој трофеј со татко ми. Сега, тоа го направи и со мене. Многу ќе ни недостасува, тој е легенда.“ – вели Федерико Киеза.


Кедира објави крај на кариерата

Поранешниот играч за врска на Јувентус, Реал Мадрид и репрезентацијата на Германија, Сами Кедира, објави дека се одлучил на завршување на професионалната кариера. Во моментов 34- годишниот играч за врска е играч на Херта Берлин.
„Време е да се збогуваме. Таквите одлуки никогаш не се лесни. Го менуваат животот. Во сабота ќе го играм последниот натпревар во мојата кариера. Ми беше чест да играм за најголемите клубови, да освојувам трофеи и да бидам дел од историскиот момент кога Германија го освои Светското првенство во 2014 година. Благодарност до сите навивачи, соиграчи, тренери и секако до моето семејство и пријателите. Вие бевте со мене во текот на ова патување, на кое му се ближи крајот. Се гледаме! Со почит, Сами“, напиша Кедира на својата страница на Инстаграм.