фудбал

Рудигер го менува Челзи со Манчестер Јунајтед?

Според пишувањата на медиумите од Англија, Манчестер Јунајтед е заинтересиран за доведување на централниот дефанзивец на Челзи, Антонио Рудигер.

Германскиот репрезентативец со месеци се поврзува со најголемите клубови во Европа, како што се Баерн Минхен, Реал Мадрид и Париз Сен Жермен, па самата одлука тој да направи трансфер во Јунајтед би претставувала големо изненадување, ако се земе во предвид целокупната ситуација на „Олд Трафорд“.

Актуелниот тренер на Манчестер, Ралф Рангник, има високо мислење за Рудигер и наводно веќе стапил во контакт со неговиот менаџер.

Останува да се види колкава е преговарачката моќ на „црвените ѓаволи“, но со сигурност евентуалниот потпис со Антонио Рудигер би бил огромен чекор напред за клубот.


Гвардиола: Беше одлично уште од првата минута

После убедливата победа над Манчестер Јунајтед од 4:1 во големото градско дерби, тренерот на Манчестер Сити, Пеп Гвардиола, видно расположен и задоволен даде свое видување за натпреварот.

„Беше извонредно уште од првата минута. Игравме многу добро, но моравме да бидеме трпеливи на стартот. Рангник проба да го промени менталитетот на својата екипа, и да ги убеди да бидат поагресивни, но ние го затворивме секој простор, посебно во второто полувреме. Фудбалот е емоција. Дефинитивно има и тактика но преовладуваат емоциите. Ние сме тим кој секогаш сака да ја има топката во свој посед и така играме од првата до последната минута од натпреварите“, потенцира Гвардиола.


Манчестер Јунајтед ќе се обиде да го ангажира Левандовски

Од Манчестер Јунајтед сериозно ја разгледуваат можноста за ангажирање на напаѓачот на Баерн Минхен, Роберт Левандовски.

Сигурно е дека „црвените ѓаволи“ ќе мора да ги засилат опцииите во нападот за следната сезона, бидејќи на лето ќе си замине Единсон Кавани, а останува неизвесна и иднината на Кристијано Роналдо. 

33-годишниот полски репрезентативец е една од опциите за тимот од „Олд Трафорд“, кој би донел сигурност и висока реализација во нападот.

Левандовски неодамна изјави дека сака да ја промени средината и да си ја проба среќата во друг клуб до крајот од кариерата. Тој има договор со Баерн до летото 2023 година.

Прва опција на Јунајтед останува Ерлинг Халанд, но доведувањето на Норвежанецот очигледно е многу потешко од планираното.


Гвардиола: На клубот му е потребен топ напаѓач

Тренерот на Манчестер Сити, Пеп Гвардиола изјави дека клубот би требало да доведе напаѓач по крајот од сезоната, бидејќи бараат долгорочна замена за Серхио Агуеро. Тимот на Гвардиола оваа сезона игра без класичен голгетер откако Аргентинецот Агуеро го напушти клубот на крајот од минатата сезона. Сити минатото лето не успеа да го реализира трансферот на Хари Кејн од Тотенхем.

„Мислам дека на клубот дефинитивно му треба голгетер. Прашувате како овие момци играат без напаѓач? Во Премиер лигата треба да играте со напаѓач. Мислам дека клубот ќе се обиде да доведе топ центарфор“, изјавува Гвардиола.


Карпин: Ќе ја исфрлеа Русија од Мундијалот и да имавме обезбеден пласман

Спортистите ја плаќаат цената за воениот напад на Русија над Украина, па така популарната „зборнаја“ нема да игра во баражот за Светското првенство во Катар откако доби суспензија од ФИФА и УЕФА.

Истото важи и за руските клубови кои се исфрлени од европските натпреварување што секако е удар за фудбалот во оваа земја. Селекторот Валериј Карпин жали што нема да имаат можност да се борат за место во мундијалот, но во исто време верува дека за нив како земја ќе немало место во Катар дури и ако обезбедели директен пласман на овој голем настан.

„Ќе не исфрлеа дури и ако не загубевме од Хрватска и отидовме директно на СП. Сигурно, сто проценти. Се започна на 24 февруари, јас и кажав на сопругата дека нема да одиме на Светско првенство. Тоа не беше очекување на логичен исход, туку разбирање на ситуацијата. Жалбата до CAS? Читаме и гледаме се, но тие прашања се неважни“, изјави Карпин.

Русија требаше да се соочи со Полска во првиот полуфинален бараж, а победникот да игра со подобриот од Шведска-Чешка.


УЕФА изрече санкции и за белорускиот фудбал

УЕФА не беше милосрдна ниту кон настапите на фудбалските репрезентации на Белорусија.

„Извршниот комитет на УЕФА се состана и одлучи дека сите белоруски клубови и репрезентации кои се натпреваруваат во натпреварувањата на УЕФА ќе мора да ги играат своите натпревари на домашен терен на неутрални терени со одлука што стапува веднаш на сила. Исто така, на натпреварите на кои домаќини се екипите од Белорусија, нема да присуствува публика. Извршниот комитет на УЕФА ќе свикува дополнителни вонредни состаноци, на редовна основа, онаму каде што е потребно, со цел повторно да се процени правната и фактичката состојба како што се развива и да се усвојат дополнителни одлуки по потреба“, се вели во соопштението.

Претходно, УЕФА и ФИФА, европската и светската фудбалска куќа, презедоа сериозни чекори и драконски ги санкционираа руските клубови и репрезентацијата.


Хаос на фудбалски натпревар во Мексико поради тепачка на трибините

Натпреварот од првенството во Мексико помеѓу екипите на Керетари и Атлас беше прекинат поради тепачка која се случи на трибините, а во која се повредени десеттина навивачи од кои двајца се во критична состојба.

Како што пренесуваат медиумите, прекинот од нередите и тепачката дошол во второто полувреме, односно во 63.минута, кога навивачите втрчале и на теренот како би биле избегнати поголеми немири.

Поради тоа што насилството се пренесе и на теренот, главниот судија одлучи да го прекине натпреварот, при резултат од 1:0 за Атлас.

https://twitter.com/bs_soccer/status/1500305342802051078?s=20&t=sTsrstMV7r4krPfDdJUu9w



Баерн Минхен заинтересиран за Антони од Ајакс

Весникот Билд ја пренесува информацијата дека Баерн Минхен е заинтересиран за крилниот напаѓач на Ајакс, Антони. Според изворот, баварците подготвуваат понуда за доведување на Бразилецот ова лето.

22-годишниот играч е член на Ајакс од 2020 година каде пристигна од Сао Паоло за 16 милиони евра и брзо успеа да се наметне во тимот предводен од на Ерик тен Хаг.

 Оваа сезона Антони има 11 гола и 9 асистенции на 29 натпревари во сите натпреварувања за Ајакс. Покрај тоа, крилниот напаѓач е репрезентативец на Бразил  со одиграни 7 натпревари и 2 гола.


ПСЖ ќе го замени Ди Марија со Пакета

ПСЖ сака да го подмлади составот и можеби нема да го продолжи договорот со некој од повозрасните фудбалери во тимот.

Поради оваа причина, ПСЖ се двоуми дали да го продолжи договорот со играчот од средниот ред Анхел Ди Марија, а исто така се споменуваат уште неколку играчи кои се на пат да си заминат.

На местото на Ди Марија, ПСЖ може да потпише со играчот од средниот ред на Лион, Лукас Пакета.


Половина Европа го сака Флориан Виртц од Баер Леверкузен

Флориан Виртц го привлече вниманието на најголемите клубови на стариот континент.

Барселона, Реал Мадрид и Баерн Минхен веќе подолго време ги следат настапите на Виртц и сакаат да го донесат во своите редови.

Новинарот Фабрицио Романо открива дека по завршување на сезоната ќе има сериозно наддавање за потписот на 18-годишниот талент. Виртц има договор со Леверкузен до 2026 година, па поради тоа „фармацевтите“ не брзаат со продажбата. Меѓутоа, германскиот клуб е спремен да го продаде доколку некој клуб испрати примамлива понуда.

Виртц оваа сезона има 10 гола и 13 асистенции во Бундеслигата и важи за еден од најголемите таленти во Европа.