фудбал

Лацио е можен нов клуб на Марсело

Газета дело Спорт пренесува дека фудбалскиот клуб Лацио започнал преговори со Бразилецот Марсело.

Марсело е слободен играч откако ова лето му заврши договорот со Реал Мадрид каде настапуваше долг период.

Според информациите, понудата на Лацио за ангажман на бразилскиот фудбалер изнесува 2,5 милиони евра годишна плата. Иако за Марсело постојат и понуди од други клубови, големи се шансите својата кариера да ја продолжи во Серија А и Лацио.


Крстајиќ е нов фудбалски селектор на Бугарија

Бугарската фудбалска федерација и официјално го претстави Србинот Младен Крстајиќ како нов селектор на репрезентацијата на Бугарија.

48-годишниот Крстајиќ има искуство како тренер од водењето на клубовите Макаби Тел Авив и ТСЦ, а во периодот од 2017 до 2019 година беше селектор на српската репрезентација.

Неговото деби на селекторската позиција во Бугарија ќе биде на 23.септември против Гибралтар на домашен терен, а веднаш потоа ќе гостува во Скопје против македонската репрезентација.


Реал понуди нов договор, Бензема останува во Мадрид до 2024 година

Реал Мадрид му понудил на напаѓачот Карим Бензема да го продолжи договорот со клубот, објави во средата веб-страницата „Дифенса централ“.

Актуелниот договор на 34-годишниот стрелец со европскиот клупски шампион истекува следното лето. „Белите“ му понудиле да го продолжат договорот до крајот на сезоната 2023/24. Во последната кампања Бензема одигра 32 натпревари во Примера, постигнувајќи 27 гола и 12 асистенции. Французинот со Мадрид ги освои шпанското првенство и Лигата на шампионите.

Карим Бензема минатата сезона стана и најдобар стрелец во Ла Лига и Лигата на шампионите.


Левандовски: Подготвен сум да испишам историја во Барселона

Новиот фудбалер на Барселона, Роберт Левандовски, изјавува дека е спремен да испише историја со неговиот нов клуб.

Левандовски пред неколку дена за 50 милиони евра премина од Баерн Минхен во Барселона.

„Подготвен сум да бидам дел од овај клуб со богата историја, и да освојам многу трофеи во иднина“, изјави Левандовски од Мајами каде заедно со Барселона се наоѓа на припреми пред новата сезона.

Полскиот напаѓач веќе започна со самостојни тренинзи откако им се приклучи на своите соиграчи во САД, и се очекува дека ќе биде на располагање на екипата за дуелот со Реал Мадрид.


Галтие: Играме во нов систем и мора да се навикнеме

ПСЖ вчера го победи Кавасаки Фронтале со 2-1 во пријателски меч а новиот тренер на Французите, Кристоф Галтие, објасни дека неговите фудбалери мора да се адаптираат на новата шема 3-4-1-2.

„Ми се допадна што нашиот тим притиска високо. Тоа ни дозволи да бидеме опасни и да создаваме многу шанси. Играме во нов систем – 3-4-1-2 и мора да се навикнеме. Сè уште не сме синхронизирани. Треба да внимаваме на противниците кога првават транзиција“, вели тренерот на ПСЖ.


Кан најави дека Баерн нема да продава дефанзивци по доведувањето на Де Лихт

Потписот на Матаис де Лихт нема да доведе до разделба со ниту еден од другите дефанзивци во Баерн, појасни извршниот директор Оливер Кан. Поради доаѓањето на Холанѓанецот, медиумите шпекулираа дека клубот ќе мора да продаде или барем да префрли еден од останатите, но очигледно нема план за такво нешто.

„Во моментов не размислуваме за разделба со никого“, изјави Кан за „Абендцајтунг“. – Нема ништо подобро од тоа да имате фудбалери кои можат да играат на различни позиции – Бенџамин Павард, Лукас Хернандез, Танги Нианзу…“.

Поранешниот голман привлекува внимание на фактот дека сите споменати тројца можат да делуваат не само како централни дефанзивци, каков што е Де Лихт.


Лингард има понуди од Вест Хем и Нотингем Форест

Како што пренесуваат англиските медиуми, од Нотингем Форест испратиле понуда за фудбалерот Џеси Лингард.

Иако се очекуваше дека за Лингард најголем интерес има од екипата на Вест Хем, сега во трката за негов ангажман се вклучи и новиот премиерлигаш Нотингем Форест.

Се очекува бившиот играч на Манчестер Јунајтед одлуката околу својот нов клуб да ја донесе во наредните денови.


Јан Облак останува во Атлетико Мадрид до 2025 година

Голманот на Атлетико Мадрид, Јан Облак, ќе потпише нов тригодишен договор со шпанскиот клуб, пренесува Марка.

Како што се наведува во информациите, Словенецот со новиот договор ќе добие покачување на примањата, па наместо 10 милиони евра по сезона, тој ќе заработува 12 милиони евра.

Јан Облак својата кариера ја започна во Олимпија од Љубљана, од каде во 2010 година на своја 17.годишна возраст замина во Бенфика. Во 2014 година прејде во Атлетико Мадрид каде стана еден од најдобрите светски голмани.


Кавани се договорил со Виљареал

Според пишувањата во шпанските медиуми, искусниот уругвајски напаѓач Едисон Кавани се договорил со управата на Виљареал за трансфер во клубот.

Тренерот на жолтата подморница, Унаи Емери минатата сезона имаше успешна сезона во Лигата на шампионите каде стигна до полуфиналето во кое беше поразен од Ливерпул. Но во домашното првенство екипата заврши на седмото место кое не беше задоволително за поголемиот дел од навивачите. 

Емери сезонава преку ангажирање на поискусни фудбалери сака да донесе стабилност во екипата и подобри настапи во Примера. За таа цел веќе е доведен голманот Пепе Реина од Лацио а според информациите и Едисон Кавани е пред ангажман во Виљареал. Тој веќе има претходна соработка со тренерот Емери во Париз Сен Жермен.


Анчелоти поведе 27 играчи на американската турнеја

Европскиот шампион Реал Мадрид замина на турнеја во САД. Aвионот на „белите“ полета во правец на Лос Анџелес каде треба да слета 12 часа подоцна. Карло Анчелоти со себе понесе група од 27 играчи, а таму ќе ги чека Карим Бензема кој доби подолг одмор и воопшто не се врати во Шпанија.

Борха Мајорал изненадувачки не беше вклучен во списокот на играчи, бидејќи се покажа дека неколку дена не му се доволни да ги исполни барањата на американските власти за комплетен циклус на вакцинација.

Младиот Бразилец Рение, кој во последните две сезони беше отстапен на Борусија, остана надвор од групата. Тој е во потрага по нов клуб. Во авионот е и претседателот Флорентино Перез.

Турнејата на Реал на американско тло ќе трае 12 дена, а закажани се натпреварите против Барселона (24 јули), Клуб Америка (27 јули) и Јувентус (31 јули).