фудбал

Диего Далот ќе добие нов договор во Манчестер Јунајтед

Португалскиот фудбалски репрезентативец, Диого Далот, ќе добие понуда да ја продолжи соработката со Манчестер Јунајтед, најавија медиумите во Британија.

Неговиот договро истекува на крајот на сезоната но, „црвените ѓаволи“ сакаат да го задржат најмалку до 2024 година.

23-годишниот фудбалер сакаше во текот на летото да си замине од – „Олд Трафорд“ но, доаѓањето на Тен Хаг значително ја промени неговата улога во тимот.


Македонија според ФИБА ранг листата е на 53.место

Меѓународната кошаркарска федерација-ФИБА, после завршувањето на Евробаскетот, Купот на Азија и Купот на Америка ја објави најновата ранг листа.

Кошаркарската селекција на Македонија на најновата листа има пад од едно место и сега се наоѓа на 53.позиција во светот, односно 28.позиција во Европа. Босна и Херцеговина и Црна Гора имаат најголем напредок од репрезентациите во регионот. 

На првото место од ФИБА ранг листата останува репрезентацијата на САД, потоа следува Шпанија, а третото место му припаѓа на Австралија.


ПСЖ го враќа Адриен Рабио од Јувентус

Пари Сен Жермен сака да го врати Адриен Рабио на кого наредното лето му истекува договорот со Јувентус, пренесуваат италијанските медиуми.

Играчот за врска ја помина младинската школа на ПСЖ и влезе во првиот тим во 2013 година и во наредните шест сезони го носеше дресот на „светците“. Следуваше трансфер во Јувентус, но 27-годишникот не се прослави во Торино.

Во неодамна завршниот преоден рок Рабио беше желба на Манчестер Јунајтед, меѓутоа играчот не се договори со „црвените ѓаволи“. Сега полека влегува во последните шест месеци од договорот со „бјанконерите“ и ќе биде слободен во изборот на новата средина.

Јувентус не беше спремен да му понуди нов договор поради неговите високи барања. Платата на Рабио изнесува 7.5 милиони евра годишно и таа сума „бјанконерите“ повеќе не сакаа да ја плаќаат затоа што Французинот не ги исполни очекувањата. Токму затоа негово враќање во ПСЖ во овој момент изгледа сосема реално.


Лотар Матеус: Англија е еден од фаворитите за освојување на Мундијалот

Британскиот весник Телеграф пренесува дека за поранешниот германски фудбалски репрезентативец Лотар Матеус, Англија е еден од фаворитите за освојување на Светското првенство во Катар.

„Англија е еден од фаворитите на претстојното СП. Само погледнете, Англија и Франција можат да состават три први постави на играчи“ изјавил Матеус.

Германецот потсетува дека Англија на последното СП во Русија 2018 година го освои четвртото место, а во финалето на ЕП минатата година беше поразена од Италија. Тоа јасно докажува дека Англија е блиску до освојување на трофејот после 1966.година, меѓутоа според Матеус главен проблем на оваа селекција е тоа што немаат квалитетен голман како што има на пример Германија.

Англија на СП во Катар е заедно во група со Иран, Велс и САД.


Араухо од Барселона оди на операција и во прашање е неговиот настап на СП во Катар

Уругвајскиот фудбалер и играч на Барселона Роналд Араухо во среда заминува на операција поради повредата на бутниот мускул, соопштуваат од каталонскиот клуб.

Араухо повредата ја заработи во петокот, за време на пријателскиот натпревар помеѓу Уругвај и Иран. Тој се согласи на операција која ќе му биде извршена во Финска, и со тоа ги намали своите шанси за учество на Светското првенство во Катар.

Ново соопштение за јавноста од Барселона ќе биде објавено после операцијата, кога ќе се прецизира и колку долго Араухо ќе отсусвува од теренот.


Мегваер: Оваа Англија е психички силна, ќе се издигне

Дефанзивецот на англиската репрезентација, Хари Мегваер ги повика навивачите да продолжат да ги бодрат и на последниот натпревар од Лигата на нации против Германија, иако тимот одигра разочарувачки досега и испадна од А-лигата во ова натпреварување.

„Психички сме силни и на луѓето им дадовме прекрасни пет години. Сепак, во моментов сме во ситуација да мораме да бидеме обединети, веројатно навивачите не се задоволни од резултатите во последно време, но се надевам дека нема да престанат да не поддржуваат бидејќи ни претстои голем и многу важен турнир. На Светското првенство не можеме да победиме без нив, па ќе се обидеме да поправиме се што се случуваше во последните месеци. Сакаме да се вратиме на вистинскиот пат за да бидеме подготвени за Светското првенство. И ние ќе бидеме подготвени“, изјави дефанзивецот на Јунајтед.


Барди: Му благодарам на публиката, треба добро да се размисли пред наредниот собир на селекцијата

Капитенот на македонската фудбалска репрезентација Енис Барди, за кој натпреварот со Бугарија кој нашата селекција го загуби со 0:1, беше 50-ти во националниот дрес.

Меѓутоа тој немаше среќа со победа да се израдува на јубилејот, и не го криеше незадоволството од поразот. Сепак нашиот капитен не ја пропушти можноста да му се заблагодари на публиката.

„Упатувам голема благодарност кон публиката која ни даваше огромна поддршка во текот на целиот натпревар. Според мене заслуживме повеќе во овие квалификации, но од друга страна треба добро да се размисли пред нашиот следен собир. На теренот сите мораме да бидеме посериозни и поодговорни“, изјави Барди.


Славен Билиќ е нов тренер на Ватфорд

Бившиот селектор на фудбалската репрезентација на Хрватска Славен Билиќ е нов тренер на Ватфорд.

Билиќ со клубот кој настапува во англискиот Чемпионшип потпиша договор на 18 месеци. Тој на клупата ќе го замени Роб Едвардс кој претходно доби отказ во Ватфорд.

54-годишниот Билиќ во сезоната 2019/20 успеа да го воведе Вест Бромвич во Премиер лигата. Во својата кариера тој ги има водено Хајдук, Локомотива од Москва, Бешикташ, Вест Хем, Ал-Итихад и кинескиот Пекинг Гуану. Селектор на Хрватска беше од 2006.до 2012. година.


Италија ја победи Унгарија и обезбеди фајнал-фор во Лигата на нации

Фудбалерите на Италија обезбедија пласман на фајнал-фор во Лигата на нации, откако на гостински терен ја совладаа Унгарија со 2:0, во натпревар од последното коло во А лигата.

Стрелци на головите за Италија беа Распадори и Димарко.

Италија заврши на првото место во групата со 11 бода, додека Унгарија е втора со еден бод помалку.

Во истата група, Англија и Германија одиграа нерешено 3:3.


Де Геа следното лето бесплатно заминува од „Олд Трафорд“

Голманот на Манчестер јунајтед, Давид Де Геа би можел да си замине на крајот на сезоната целосно бесплатно затоа што му завршува договорот.

Англиските медиуми пишуваат дека Де Геа не е блиску до продолжување на соработката, а причина за тоа е одлуката на „ѓаволите“ да му го продолжат договорот на само една година.

Де Геа нема да прифати едногодишен договор и затоа планира среќата да си ја побара на друго место, а со негово заминување ќе се ослободи и дел од буџетот, зашто голманот заработува 300.000 фунти неделно.