фудбал

Пропадна трансферот на Кастиљехо во ЦСКА Москва

Самуел Кастиљехо беше пред трансфер во ЦСКА Москва, но сепак ќе остане на „Сан Сиро“. Кастиљехо цело лето беше на излезна врата од Милан, а со доаѓањето на Месијас неговата минутажа сигурно додатно ќе се намали.

Трансфер пазарот во Русија е отворен до 7 септември, па ЦСКА Москва започна преговори со Милан за трансфер на Шпанецот.

Меѓутоа италијанските медиуми тврдат дека двете страни не постигнале договор и Кастиљехо сигурно останува во Милан.

Рускиот клуб го сакал играчот на позајмица, додека Милан инсистирал да биде вметнат задолжителен откуп, па преговорите пропаднале.


ФК Вардар има нов спортски директор

Фудбалскиот клуб Вардар ја објави соработката со новиот спортски директор. Александар Бајевски, некогашниот играч на „црвено-црните“ ќе ја извршува таа функција.Македонскиот најтрофеен клуб на социјалните мрежи се пофали со промовирање на клупската легенда.

„Особена чест и задоволство ни е да го најавиме враќањето во нашиот клуб на Вардаровата легенда Александар Бајевски, овојпат во улога на спортски директор. Со заеднички сили кон остварување на зацртаните цели, враќање на Вардар на местото каде што припаѓа“, објави клубот.

Бајевски е дете на Вардар, играше за овој тим во младинските категории, а беше дел од Вардар до 2002 година. Потоа по интернационалната кариера повторно се врати во „црвено-црните“ во 2008/2009.


Милевски: Подготвени сме за надигрување со Романија

Селекторот на македонската А репрезентација, Благоја Милевски на официјалната прес-конференција на Националната арена „Тодор Проески“ ги сподели своите размислувања и очекувањата натпреварот против Романија во рамки на 6. коло од квалификациската група за пласман на СП 2022.

„Романија е многу сериозна репрезентација. Имаат квалитетни индивидуалци и доаѓаат во добар момент за нив. Но, ние сме сконцентрирани на нашата игра и како треба да изгледаме на терен. Ова ќе биде сосема поинаков натпревар од тој во Букурешт. Не мислам дека е одлучувачки за нашето место во квалификациската група. Се надевам дека до крајот ќе бидеме во игра за второто место. Фудбалерите се мотивирани и подготвени за надигрување. Јас сум задоволен од начинот на кој ги одигравме двата натпревевари. Со само два-три тренинзи сите тактички задолженија ги одработија на одличен начин и ова е правецот кон кој треба да се движиме и во иднина. Единствениот проблем со Исланд беше нашиот психолошки момент, но работиме и на тој аспект. Се друго, технички-тактички беше на високо ниво и со многу дисциплина. Фудбалерите сега имаат поинаков начин на работа и задолженија, ги прифатија на најдобар начин и им оддавам признание за тоа. Натпреварот со Романија ќе биде исто така во висок ритам, напорно е да се издржат три натпревари во краток период, но јас сум убеден дека момците ќе дадат максимум и ќе бидеме подготвени за натпреварот. Важно е дека сите се здрави и сите конкурираат за место во тимот.“ – вели Милевски.


Сон го повреди мускулот на дуелот на својата репрезентација

Фудбалерот на Тотенхем, Хјун-Мин Сон, се здоби со повреда на тренингот со репрезентацијата на Република Кореја, објави неговата матична федерација.

„Сон почувствува непријатност во мускулот на потколеницата на десната нога за време на тренингот. Тој беше подложен на медицински преглед при што е утврдено дека станува збор за истегнување”, соопшти Корејската фудбалска федерација.

Фудбалерот на „Спарси“ поради повредата го пропушти квалификацискиот меч со Либан кој му припадна на неговиот состав со минимални 1-0.


Јан Карамоа потпиша за турски Караѓумрук

Фатих Караѓумрук има големи планови за во иднина и во своите редови ангажираше неколку искусни фудбалери.

Претходно тие потпишаа со Џими Дурмаз, Бенатија, Александар Пешиќ, Ахмед Муса…сега во овој клуб пристигна и Јан Карамоа.

Фудбалерот роден во Абиџан, главниот град на Брегот на Слоновата Коска има и настапи за младата репрезентација на Франција. Кариерата ја почна во Каен во 2017 година, потоа премина во Интер каде што одигра само 18 натпревари. Следуваше позајмица во Бордо, па се врати во Парма на позајмица, а откако овој клуб испадна во Серија Б се пресели во Турција


Гулит: Милан има поинаков лик, ми се допаѓа нивниот проект

Поранешниот фудбалер на Милан, Руд Гулит, не крие дека е задоволен од играта на „росонерите“ во последниов период.

„Многу сум среќен за Милан и за тоа што го прави. Можете да видите како имаат многу повеќе храброст да нападнат а не само да се бранат како што тоа го правеа пред неколку години. Тие не прават смешни грешки како порано. Стефано Пиоли направи многу позитивни работи во екипата. Милан има сосема друг лик гледано од секој аспект“, потенцираше Гулит.


Катар пушти во употреба уште еден стадион за Мундијалот

Катар следниот месец ќе го отвори шестиот стадион, изграден за Светското фудбалско првенство во 2022 година. Ова го објави прес-службата на Организацискиот комитет на Мундијалот 2022. Свеченото отворање на арената „Ал-Тумама“ ќе се одржи на 22 октомври.

Стадионот може да прими 40.000 гледачи и ќе биде домаќин на натпреварите од групната фаза на Светското првенство, како и плејофот, вклучувајќи ги и четвртфиналните натпревари.

Дизајнот на арената наликува на традиционална арапска глава. Неговиот архитект е Ибрахим М. Џајда.

Светското првенство во фудбал ќе се одржи во Катар од 21 ноември до 18 декември 2022 година.


Роналдо го предупреди ПСЖ: Ѕвездите не носат загарантираната титула во ЛШ

Роналдо, се обиде да прогнозира за претстојната сезона во Лигата на фудбалските шампиони. Тој верува дека ПСЖ со ангажманот на Меси, се наметнува како фаворит број еден за освојување на пехарот.

„Прерано е да се каже кој ќе ја освои Лигата на шампионите. Сликата ќе започне да се формира во 1/4 финалната фаза. ПСЖ е во преден план, многу фактори влијаат на исходот на теренот. Играв речиси пет сезони во Реал Мадрид во тимот наречен –„ Галактикоси“, но, никогаш не ја освоив Лигата на шампионите. Победите никогаш не доаѓаат автоматски, дури и ако ги имате најдобрите играчи во вашиот состав“, искоментира легендарниот фудбалер од Бразил.


Велшанецот Рамзи одбил неколку понуди само за да остане во Јуве

Арон Рамзи, одбил неколку понуди во текот на летото, бидејќи сакал да остане во Торино.

Клубот сакаше да се раздели со него и бараше купувачи, а неколку тимови од Англија покажаа интерес, но играчот ги одбил овие опции. 30-годишниот Рамзи има договор со Јувентус уште две години. Тој сака да се бори за стартно место во тимот на Масимилијано Алегри и затоа неговиот агент ги одби сите понуди летото.

Репрезентативецот на Велс започна како стартер во првиот натпревар на „бјанконерите“ оваа сезона против Удинезе (2-2). После тоа, сепак, тој доби уште една повреда и паузираше во второто коло.


Милевски доби добри вести пред натпреварот со Романија

Бобан Николов ќе биде во тимот на Македонија за утрешната средба со Романијa. Играчот од средниот ред тренираше индивидуално, пред подготовките беше позитивен на КОВИД и не беше во тимот за дуелите со Ерменија и Исланд.

Ова е добра вест за Благоја Милевски, бидејќи Николов играше во Романија во академијата на Хаџи и Виторул, па добро го познава менталитетот на романскиот фудбал.

Дуелот меѓу Македонија и Романија кој е од исклучително значење за двете селекции се игра утре, а почетокот е закажан за 20.45 часот.