фудбал

Русија размислува за преместување во Азиската фудбалска конфедерација

Медиумите во Русија објавуваат дека Рускиот фудбалски сојуз размислува за можноста за преместување во азиската фудбалска зона. Причината се санкциите од УЕФА која поради инвазијата на Украина ги отстрани руските национални и клупските тимови од сите меѓународни натпреварувања.

На Русија исто така им е одземена можноста да се кандидира за домаќин на Европските првенства во 2028 и 2032 година.


Олимпијакос е фудбалски шампион на Грција

Екипата на Олимпијакос по 47. пат во својата историја стана фудбалски шампион на Грција, откако како гостин во Солун го совлада ПАОК со 2:1. 

На четири кола пред крајот на првенството, Олимпијакос има 16 бода предност пред Паок кој е втор. Третото место на табелата му припаѓа на Панатинаикос.


Рекорд на Карло Анчелоти во Лигата на шампиони

Тренерот на Реал Мадрид, Карло Анчелоти собори уште еден рекорд во својата богата кариера. Италијанскиот стручњак се пласира во финалето на турнирот после победата над Манчестер Сити со 3:1 во дуел кој се одигра на „Сантијаго Бернабеу“. Во финалето „Кралскиот клуб“ за противник ќе го има тимот на Ливерпул.

Анчелоти стигна до своето петто финале во Лигата на шампионите, што е повеќе од било кој друг тренер во светот. Три од финалињата се со Милан во 2003, 2005 и 2007 година и едно финале со Реал во 2014 година. Од овие натпревари тој загуби само во 2005 против Ливерпул во Истанбул.


Гвардиола:Тешко е но мора да го прифатиме поразот

Тренерот на Манчестер Сити, Пеп Гвардиола беше искрен после поразот со 3:1 од Реал Мадрид во реваншот од полуфиналето во Лигата на шампионите, со кој популарните „граѓани“ се елиминирани од турнирот.

„Тешко ни е во моментов, не можам да демантирам. Бевме многу блиску до финалето. Сега мораме да го надминеме ова и да се свртиме кон домашното првенство и да ги одиграме последните четири натпревари што ни преостануваат. Во првото полувреме не успеавме да ја прикажеме нашата игра, не бевме доволно добри, но сепак немавме многу проблеми. Откако постигнавме гол, бевме подобри. Го најдовме нашето темпо и нашата игра и играчите се чувствуваа добро на теренот. Не го одигравме нашиот најдобар натпревар, но тоа е нормално, полуфинале е, играчите ја чувствуваат тензијата. Фудбалот е непредвидлив на вакви натпревари. Мора да го прифатиме поразот“, изјави Гвардиола.


Јунајтед спремен да му даде висока плата на Усман Дембеле

Манчестер Јунајтед му нуди договор на напаѓачот на Барселона, Усман Дембеле, со годишна плата од околу 12 милиони евра..

Претходно 24-годишниот напаѓач беше на мета и на ПСЖ, а парижани на Французинот му понудиле околу 14 милиони евра годишно.

Договорот на Дембеле со Барселона истекува во јуни, но Каталонците ќе се обидат да го задржат играчот и следната сезона. Оваа сезона тој одигра 29 натпревари за Каталонците, постигнувајќи два гола и 11 асистенции.


Синот на Лилиан Турам на мета на два европски гиганти

Реал Мадрид и ПСЖ покажуваат сериозен интерес за играчот за врска на Ница, Кефрен Турам, пренесуваат шпанските медиуми.

„Кралскиот“ клуб во 20-годишниот Французин гледа идеална алтернатива за Каземиро во средниот ред. Од друга страна ПСЖ сака да го донесе францускиот талент во Париз.

Кефрен е син на легендарниот француски дефанзивец Лилијан Турам и брат на напаѓачот на Борусија Мехенгладбах, Маркос Турам.

Кефрен оваа сезона игра фантастично во дресот на Ница, запиша 37 настапи на кои постигна 4 гола и 3 асистенции.

Тој се етаблираше во еден од најдобрите играчи за врска во француското првенство, па Реал и ПСЖ ќе водат битка за неговиот потпис на лето.


Ѕвездата на Бенфика е прва желба на Тен Хаг во Јунајтед

Дарвин Нуњес ќе биде примарна трансфер цел на Манчестер Јунајтед во летниот преоден рок.

22-годишниот уругвајски репрезентативец игра одлично и е на мета на многу европски гиганти, но Јунајтед е спремен да ја победи конкуренцијата. Клубот од „Олд Трафорд“ е спремен да плати 80 милиони евра за неговиот потпис и наводно веќе започнал преговори со неговиот агент.

„Црвените ѓаволи“ потврија дека на лето сакаат да донесат најмалку еден врвен напаѓач, а најголема желба на Тен Хаг е токму Нуњес.

Уругваецот има и други понуди, но преферира да игра во Премиер лигата и дал зелено светло за трансфер на „Олд Трафорд“.


Дибала ќе го издаде Јуве и ќе потпише за Интер

Напаѓачот на Јувентус, Пауло Дибала се согласил да премине во Интер следната сезона. Ова го соопшти авторитетниот спортски весник, „Газета дело спорт“.

Според изворот, миланскиот клуб разговарал со претставниците на напаѓачот минатата недела. Се очекува Аргентинецот на лето да потпише четиригодишен договор со „нероаѕурите“ со годишна плата од 6 милиони евра плус дополнителни бонуси.

Јувентус не сакаше да го продолжи договорот со аргентинскиот напаѓач и тој по завршувањето на сезоната ќе го напушти Торино како слободен играч.


Оспина добива нов договор во Наполи

Голманот на Наполи, Давид Оспина може да потпише нов договор со тимот од Неапол. Претходно беше објавено дека Лацио има интерес да го купи колумбискиот чувар на мрежата, но по се изгледа тој сака да остане во тимот на нашиот Елмас.

Иднината на Оспина во Наполи зависи од друг голман – Алекс Мерет, кој може да го напушти тимот ова лето. Наполитанците во овој случај на својот нов голман ќе му понудат нов договор.

33-годишниот Оспина му се приклучи на наполитанскиот клуб од Арсенал во јули 2019 година.


Јувентус и Милан го посакуваат Џеси Лингард

Италијанските гиганти Јувентус и Милан покажуваат интерес за доведување на офанзивниот играч за врска на Манчестер Јунајтед, Џеси Лингард. 

Договорот на 29-годишниот фудбалер со Манчестер Јунајтед му истекува летово, и се очекува тој да го напушти „Олд Трафорд“ како слободен играч. 

Како лидери во трката за потписот на Лингард се истакнуваат екипите на  Јувентус и Милан, меѓутоа интерес за играчот покажуваат и неколку тимови од Премиер лигата.