фудбал

Анчелоти најави пензија по проектот Реал Мадрид

Шефот на стручниот штаб на Реал Мадрид, Карло Анчелоти (62) изјави дека планира да се пензионира по ангажманот во „Кралскиот клуб“.

„После Реал Мадрид, најверојатно ќе престанам да работам како тренер, изјави Анџелоти во интервју за „Прајм видео“ и додаде: „Но, не знам колку долго ќе трае. Ако Реал планира да ме задржи уште 10 години, тогаш јас ќе бидам тренер толку долго“.

Италијанскиот фудбалски стручњак стана првиот тренер во историјата кој освоил титули во сите пет лиги: во Серија А со Милан, во Премиер лигата со Челси, во Лига 1 со ПСЖ, во Бундес лигата со Баерн и во Ла Лига со Реал Мадрид.

„Како ја гледам мојата иднина? Сакам да бидам со моите внуци и да одам на подолг одмор со сопругата. После тоа, има толку многу работи што би сакал да ги направам и за кои немам време во моментов. Никогаш не сум бил во Австралија или Рио де Жанеиро. Сега не ја посетувам сестра ми колку што сакам. За жал, не можете да постигнете се одеднаш, но кога веќе не сум тренер, тоа се работите на кои сакам да се посветам“, заклучи 62-годишниот Анчелоти.


Милан фаворит за потпис со Ренато Санчез

Фудбалерот на Лил, Ренато Санчез е многу блиску до трансфер во гигантот Милан, пренесуваат италијанските новинари.  Според информациите, 24-годишниот играч за врска е главната цел на миланезите претстојното лето.

Милан во моментот е во напредни преговори со менаџерот на играчот и се надева на финализирање на договорот. 

Ренато Санчез оваа сезона за Лил во Лига 1 има 2 гола и 5 асистенции на 24 натпревари, а неговиот договор истекува летото 2023 година.


Премиерлигаши нудат 70 милиони евра за Леао

Одличните партии на Рафаел Леао во дресот на Милан од почетокот на сезоната не останаа незабележани од европските гиганти.

Португалецот се етаблираше во еден од најдобрите млади фудбалери во Европа, па неколку европски гиганти веќе покажуваат силен интерес за неговиот потпис.

Интерес за него покажуваат Манчестер Сити, Арсенал и Њукасл, кои се спремни да понудат 70 милиони евра за неговиот потпис.

Милан сака да го „блиндира“ со нов договор и му понудил тројно зголемување, па е спремен да ја одбие секоја понуда која ќе пристигне за Португалецот.


Бурнмаут се врати во англиската Премиер лига

Тимот на Бурнмаут и официјално се врати во англиската Премиер лига. Популарните „Цреши“ промоцијата ја обезбедија со победата над директниот конкурент Нотингем Форест со резултат 1:0 во 45. коло на Чемпионшип.

Бурнмаут освои 85 бодови и го обезбеди второто место во конечниот пласман на табелата. Нотингем останува на 3. место со и ќе игра во плеј-офот за влез во елитната англиска лига.

Буррнмаут се враќа во Премиер лигата по само една сезона во Чемпионшип. Тие ќе му се придружат на Фулам, кој исто така се врати во елитата откако ја обезбеди шампионската титула.


Салах: Го посакувам Реал Мадрид во финалето на ЛШ

Ѕвездата на Ливерпул, Мохамед Салах не го криеше задоволството од пласманот во финалето на Лигата на шампионите, после елиминацијата на Виљареал. 

Својот противник за финалето, екипата на Ливерпул ќе го добие после полуфиналниот реванш помеѓу екипите на Реал Мадрид и Манчестер Сити.

Салах со нетрпение очекува можен реванш против Реал Мадрид, од кого загубија во финалето во 2018 година.

“Ако треба да бидам искрен, го сакам Реал Мадрид. Сити е многу тежок противник, игравме со нив неколку пати оваа сезона. Но лично јас го претпочитам Реал бидејќи го загубивме финалето од нив и се надевам дека ќе добиеме реванш”. изјави Салах за англиските медиуми.


Унаи Емери: Немавме одговор за одличниот Ливерпул во второто полувреме

Тренерот на Виљареал, Унаи Емери, упати пофалби кон својот тим за одличниот настап во првото полувреме од полуфиналниот дуел во Лигата на шампионите против Ливерпул.

Виљареал до полувремето имаше водство од 2:0, но во вториот дел гостите од Ливерпул одиграа одлично и направија целосен пресврт за победа од 2:3.

„Планот беше да се контролира топката и да се изврши притисок врз Ливерпул на нивната половина. Првиот дел се одвиваше според планираното сценарио, се израмнивме со резултатот од првиот дуел и имавме шанса да го елиминираме противникот.Во вториот дел немавме одговор за навистина исклучителната игра на Ливерпул. Не успеавме да го направиме последниот чекор кон финалето, но сме на добар пат“, потенцира тренерот на „жолтата подморница“, Емери.


Руските клубови нема да играат во евро-куповите и следната сезона

Европската куќа на фудбалот, УЕФА, објави дека воведе мерка санкции за Фудбалскиот сојуз на Русија за следната сезона 2022-2023.

Репрезентацијата на Русија нема да учествува во Лигата на нации и ќе се смета дека го зазела последното место во Б лигата.

Клубовите нема да можат да играат во европските натпреварувања, а оваа одлука важи и за машките и за женските екипи. Исто така, под санкции се и сите младински селекции на Русија, како и футсал репрезентацијата.

УЕФА ја отфрли и кандидатурата на Русија за домаќин на Европското фудбалско првенство во 2028 и 2032 година.


Падна договор: Перишиќ во Интер до 2024 година

Интер ќе го продолжи договорот со хрватскиот играч за врска Иван Перишиќ до 2024 година, објавија дел од медиумите во Милано. Според нив, играчот ќе заработува 5 милиони евра годишно во клубот од Милано.

33-годишниот Иван Перишиќ за италијанскиот тим настапува од 2015 година, откако се пресели од германски Волфсбург. Вкупно за Интер, хрватскиот играч за врска постигна 52 гола на 250 натпревари во сите натпреварувања и даде 48 асистенции.

Договорот меѓу Перишиќ и Интер истекува на крајот од оваа сезона. Пазарната вредност на фудбалерот според порталот Трансфермаркт е 10 милиони евра. Од 2019 до 2020 година хрватскиот играч за врска играше како позајмен во Баерн Минхен.


Добри вести за Гвардиола, Вокер повторно тренира со екипата

Дефанзивецот на Манчестер Сити, Кајл Вокер, ги продолжи тренинзите со тимот еден ден пред реваншот од полуфиналето во Лигата на шампионите против Реал Мадрид. 

Вокер беше надвор од теренот после натпреварот со Атлетико Мадрид пред три недели кога заработи повреда на скочниот зглоб. 

Тренерот Гвардиола се надева дека фубалерот ќе може да учествува на натпреварот со Реал.


Милнер добива нов договор на „Енфилд“

Ливерпул планира да му понуди нов договор на Џејмс Милнер. Раководството на англискиот клуб ќе започне преговори со искусниот играч за врска веднаш по завршувањето на сезоната.

36-годишниот фудбалер е во плановите на менаџерот Јирген Клоп за наредниот шампионат. Актуелниот договор на играчот од средниот ред истекува на крајот од првенството.

Поранешниот англиски репрезентативец, Џејмс Милнер, потпиша за Ливерпул во 2015 година. Тој во сезонава одигра 22 натпревара.