фудбал

Бекам ќе гради стадионски комплекс во Мајами вреден една милијарда долари

Градските власти на Мајами одобрија договор за закуп што ќе им овозможи на поранешната англиска фудбалска ѕвезда Дејвид Бекам и партнерите да иградат стадионски комплекс за нивниот тим Интер Мајами.

 Според информациите од медиумите, се работи за проект вреден околу една милијарда долари.

Комплексот Парк на слободата во Мајами ќе се наоѓа во близина на меѓународниот аеродром и ќе вклучува стадион со 25.000 седишта, 750 хотелски соби, комерцијален простор и терени за локалната заедница.


Баерн го сака подзаборавениот Лука Јовиќ

Баерн Минхен е во потрага по напаѓач бидејќи е нејасна иднината на Роберт Левандовски.

Левандовски има уште една година од договорот, па Баерн сака да донесе напаѓач кој ќе биде долгорочно решение.

Германските медиуми изненадувачки пренесуваат дека Баварците се заинтересирани за Лука Јовиќ, кој е на излезна врата од Реал Мадрид.

24-годишниот Србин откако пристигна во 2019 година за 60 милиони евра не ги оправда очекувањата, па Реал е спремен да го продаде.

Јовиќ прикажуваше одлични игри во Бундес лигата, па раководството на Баерн Минхен верува дека неговиот голгетерски потенцијал е неспорен.


Џим Ратклиф понуди 4 милијарди фунти за да го купи Челзи

Британскиот бизнисмен, Џим Ратклиф, сака да го купи фудбалскиот клуб Челзи за 4 милијарди фунти (4,76 милијарди евра).

„The Independent“, тврди, дека понудата е испратена. Познато е дека меѓу апликантите за купување на лондонскиот клуб се: конзорциум, во кој членуваат Формула 1 возачот Луис Хамилтон и тенисерката Серена Вилијамс; Косопственикот на Лос Анџелес Доџерс, Тод Боли; сопственик на НБА клубот „Бостон Селтикс“ и „Аталанта“ од Серија А, Стивен Паљука.

Сите споменати треба да ги достават плановите за обнова на „Стемфорд Бриџ“ како и за финансирање на Челзи на краток и на среден рок.


Сопствениците на Манчестер Сити го купуваат Палермо

Според „Газета Дело Спорт“, компанијата Сити Фудбал Груп, кој е сопственик на Манчестер Сити, има сериозен интерес за купување на италијанскиот Палермо.

Информациите велат дека актуелниот сопственик на клубот од Сицилија е подготвен да понуди на продажба 80 % од своите акции.

Компанијата Сити Фудбал Груп во своја сопственост има 12 фудбалски клубови ширум светот, меѓу кои се Троа, Ломел, Њујорк Сити, Мелбурн Сити, Монтевидео Сити и други.

Се очекува зделката за откуп на акциите на Палермо да изнесува околу 6 милиони евра.


Конте: Лажна е веста дека ќе бидам тренер на ПСЖ

Тренерот на Тотенхем, Антонио Конте ги демантираше шпекулациите кои се појавија во последните денови дека тој сака да го напушти својот сегашен клуб и да го преземе Париз Сен Жермен. Конте овие наводи ги претстави како „лажна вест“.

„Мислам дека е добро што другите клубови ја ценат мојата работа. Сепак, вистината е дека не ми се допаѓа кога луѓето се обидуваат да измислуваат вести само за да создаваат проблеми. Ова не е правилно и не е фер кон мене, кон споменатите клубови и кон моите играчи. Целосно сме фокусирани на преостанатите пет натпревари и на постигнување на најдобри резултати. Мора да се покаже почит, а не да се создаваат лажни вести и лаги“, изјави Конте на прес-конференција.


Унаи Емери посакува трансфер на Денис од Ватфорд

Тренерот на Виљареал, Унаи Емери, сака доведување на напаѓачот од Ватфорд, Емануел Денис. 24-годишниот Нигериец импресионираше со своите игри оваа сезона, и со тоа го привлече вниманието на Емери кој бара засилување за нападот на екипата.

Моменталниот клуб на Денис, Ватфорд се движи кон испаѓање од Премиер лигата , што речиси сигурно ќе значи разделба со голем дел од сегашните играчи. Цената за напаѓачот би изнесувала околу 25 милиони евра.

Од почетокот на тековната сезона, Денис има 10 гола и 6 асистенции во 31 натпревар за Ватфорд.


Дембеле се согласил на останување во Барселона

Фудбалерот на Барселона, Усман Дембеле, се согласил да ги намали финансиските побарувања од клубот за да остане во Барселона. 

Според информациите, деновиве имало средба меѓу луѓе од управата на Барселона и менаџерот на Дембеле, на која станало јасно дека напаѓачот е подготвен на компромис, и двете страни се многу блиску до потпишување нов договор. И самиот фудбалер претходно изјави дека сака да работи со тренерот Чави Ернандез.


Кристал Палас спремен да го врати Ван Бисака

Кристал Палас размислува за враќање на дефанзивецот Арон Ван-Бисака од Манчестер Јунајтед. Во последните недели се повеќе се зборува дека дефанзивецот ќе биде ставен на трансфер листата на „црвените ѓаволи“ на лето, па лондончани ќе можат да ја искористат ситуацијата и да го вратат на „Селхрст Парк“, пренесе „Атлетик“.

24-годишниот англиски репрезентативец беше продаден од Кристал Палас на Јунајтед во 2019 година за 50 милиони фунти. Во последно време, пак, десниот бек не настапува на посакуваното ниво и на „Олд Трафорд“ веќе се во потрага по нови засилувања во оваа зона, а на лето се очекува заминување на Ван-Бисака.

Кристал Палас сака да го врати својот дефанзивец. Сепак, клубот прво ќе се обиде да го изнајми, бидејќи тешко може да си дозволи да повлече голема сума за трансфер, и покрај тоа што неговата цена драстично падна и моментално чини околу 25 милиони фунти.


Замената на Рудигер во Челзи доаѓа од Виљареал

Дефанзивецот на Виљареал, Пау Торес може да ја продолжи кариерата во англиската Премиер лига. Лондонски Челзи е заинтересиран за услугите на 25-годишниот Шпанец, информираат медиумите во Шпанија.

Челзи го гледа Торес како директна замена за Антонио Рудигер, кој најверојатно ќе го напушти Лондон на крајот на сезоната и ќе премине во Реал Мадрид. За Пау Торес се заинтересирани уште Манчестер Сити и Манчестер Јунајтед, но Челзи е подготвен финансиски да ги надмине предлозите на клубовите од Манчестер.

Да потсетиме дека Торес за првиот тим на Виљареал настапува од 2017 година. Оваа сезона, дефанзивецот учествуваше на 28 натпревари од шампионатот на Шпанија и постигна четири гола. Од 2019 година Торес е повикан во шпанската репрезентација.


ПСЖ спремен да достави понуда за Ријад Марез

Пари Сен Жермен има интерес за крилото на Манчестер Сити, Ријад Марез. На „Паркот на принцовите“ Алжирецот го гледаат како добра опција да го замени Анхел ди Марија, кој заминува на лето и се подготвени да дадат понуда за него.

31-годишниот Марез има силна сезона за Манчестер Сити со 23 гола и 9 асистенции на 43 натпревари во сите натпреварувања. Сепак, неговиот договор истекува за една година и на „Етихад“ се подготвени да слушнат понуди за него на лето. Се проценува дека клубот е подготвен да се раздели со него за 40 милиони евра.

Пари Сен Жермен е подготвен да ја искористи оваа ситуација и да се обиде да го земе Марез во својот тим. Алжирецот е посакуван и од други клубови во Европа, но Парижаните важат за фаворит за неговиот потпис, бидејќи имаат најсериозни финансиски средства и нема да имаат проблем да ги задоволат високите финансиски барања на играчот.