фудбал

Барса му должи на Меси над 50 милиони евра!

Барселона потфрли во најважната мисија, да го задржи Лионел Меси, кој веќе започна нова авантура во ПСЖ, но приказната со каталонскиот гигант се уште не е завршена.

Според информациите на повеќе шпански медиуми, Барселона уште му е должна на Меси, ни помалку, ни повеќе, 52 милиони евра. Претходното раководство на клубот се договори со Меси на пониска плата поради пандемијата со коронавирусот, а скратената сума да му биде исплатена откако работите ќе се вратат во нормала.

Без разлика што Аргентинецот веќе не е на „Камп ноу“, Барселона има обврска да го исплати долгот, а најавено е дека ќе го стори тоа во текот на претстојната сезона, најдоцна до летото 2022. година.


Бенитез без пет првотимци на стартот на Премиерлигата

Тренерот на Евертон, Рафаел Бенитез нема да може да смета на дури пет играчи на отворањето на Премиерлигата.

Како што рече популарниот Рафа на последната прес конференција пред стартот на сезоната, причината е коронавирусот.

Меѓу играчите кои недостасуваат се наоѓа и Хамес Родригез.

„Имаме неколку играчи кои се во изолација и ќе мора да се справиме со тоа. Мора да бидеме внимателни, некои играчи треба да останат дома. Хамес е еден од нив. Нема да ги именувам другите бидејќи мислам дека е подобро така.“ – изјави Бенитез.


Клоп повторно го „пецна“ Јунајтед

Јирген Клоп не е најзадоволен од трансфер политиката на неговиот Ливерпул, финансиската криза го направи своето, а летово го доведоа Ибрахима Конате за Лајпциг за 40 милиони евра.

Германецот го коментираше трансферот на Меси во ПСЖ, како и на дел од гигантите во Европа, а го „пецна“ и најголемиот ривал Манчестер Јунајтед.

„Не можеме да трошиме пари што клубот ги нема, не сум воопшто изненаден од трансферите кои ги направи ПСЖ, но не ми е јасно како го прави тоа Манчестер Јунајтед.“ – изјави Германецот.


Солскјер ќе го „фрли в оган“ Санчо од првото коло на Премиер лигата

Оле Гунар Солскјер рече дека тимот се уште не може да смета на играчот од средниот ред Џејдон Санчо, кој се приклучи на клубот ова лето од Борусија Дортмунд.

„Џејдон Санчо имаше одмор по Еуро 2020, а потоа – мали здравствени проблеми. Тој направи тренинг и пол со нас, така што не направи премногу. Треба да почекаме да дојде во форма. Но, во текот на сезоната Санчо ќе биде многу важен играч за нас“, изјави Солскјер.

Денес Манчестер Јунајтед ќе го одигра натпреварот број 1 од новата сезона во Премиер лигата со Лидс Јунајтед. Средбата ќе се одигра на стадионот „Олд Трафорд“ во Манчестер со почеток во 13.30 часот.


Стоичков „удри“ по Лапорта заради продажбата на Меси

Трансферот на Лионел Меси од Барселона во ПСЖ ќе остане засекогаш запишан во историјата на фудбалот. Прво бидејќи станува збор за одлуката најдобриот фудбалер на светот да го промени клубот по 21 година на исто место, а второ бидејќи тоа го направи како слободен играч, без никакво обештетување.

„Има луѓе од управата кои ветија, се колнеа со живот, дека ќе го задржат Меси во клубот. Им дадоа ветување на навивачите кое не беа во состојба да го исполнат“, истакна Стоичков во интервјуто за јужноамериканската телевизија „ТУДН“.

Стоичков додава дека имал посебен однос со аргентинската ѕвезда.

„Ќе биде чудно сега. Тешко, но тоа е животот. Каде и да игра, секогаш ќе го ценам поради сето она што го направи за Барселона и моите деца. Го запознав кога имаше 12-13 години. Одев да го гледам на тренинзи, откако пристигна во клубот имаше добар карактер, скромен и полн со почит кон сите“.

Бугаринот не сакаше да зборува за фудбалските квалитети на Меси, истакнувајќи дека тие се веќе добро познати, туку го фалеше како личност.


Тотенхем го сака Додо, Шахтјор ја одби првата понуда

Бразилскиот дефанзивец од екипата на Шахтјор Доњецк, Додо, доби понуда од Тотенхем. Бразилските медиуми пишуваат дека лондончани испратиле понуд аво висина од 20 милиони евра за играчот, но истата била одбиена.

Преговорите не се прекинати, но украинскиот клуб е подготвен да го продаде играчот само за повисока цена.

Бразилецот, кој се приклучи во Шахтјор во 2018 година, претходно играше за Коритиба.


Клаудињо претставен како нов фудбалер на Зенит

Напаѓачот на бразилски Брагантино, Клаудио Родригез – Клаудињо, потпиша договор со руски Зенит, објави официјалната веб -страница на клубот. Договорот е на пет години.

Клаудињо ја започна својата кариера во Коринтијанс, по што играше за други бразилски клубови, а во 2019 година се пресели во Ред Бул Брагантино. Моментално беше дел и од бразилскиот олимписки тим. Минатата сезона, напаѓачот учествуваше на 35 натпревари од бразилската Серија А, во кои постигна 18 голови.


Клоп ги разочара фановите, Ливерпул нема да купува летово

Јирген Клоп тврди дека клубот нема да донесе нови засилувања во овој преоден рок.

Премиер лигата започнува утре, а „црвените“ во првото коло гостуваат кај Норвич. Поранешниот англиски првак го донесе само стоперот Ибрахим Конате, додека од екипата замина Вајналдум и тоа како слободен играч во ПСЖ.

„Лето е, преоден рок, сите очекуваат нови играчи. Ќе видиме што ќе се случи. Ајде да го погледнеме нашиот состав. Сакам ли нов бек? Нов голман? Тука веќе имаме добри играчи. Во средината имаме искусни играчи како Тиаго, Фабињо, Хендерсон, Окс и Кеита“ , рече Клоп и додаде:

„Покрај нив се талентираните Елиот и Џонс. Во нападот ги имаме Мане, Фирмино, Салах, Жота, Минамино и Ориги.“


Елитниот клупски фудбал се враќа, почнуваат Премиерлигата, Ла Лига и Бундеслигата

Новата Бундеслига со „вртелешка“ на тренерите и само еден македонски фудбалер

Новата Бундеслига се најавува како никогаш понеизвесна. Главна карактеристика се тренерските смени и големиот број рокади, од кои директно зависи и нивото и квалитетот на екипите. Баерн ја брани титулата, но јавноста е убедена дека нивото со другите екипи е намалена. Јулијан Нагелсман ќе има тешка задача, посебно по скромниот преоден рок и заминувањето на Давид Алаба. Сепак, со победници и искусни играчи како Левандовски, Милер, Коман фаворитската улога пак е во Минхен.

Ако Баерн го загуби Алаба, тогаш Борусија Дортмунд остана без Санчо. Англичанецот беше продаден во Манчестер Јунајтед, а за двојно помала сума од Холандија дојде неговата замена Мален. Најголеми се очекувањата од новиот тренер Розе и од развојот на младите фудбалери. Халанд, Реина, Балинген…

РБ Лајпциг ќе го води Американацот Марш, кој дојде од РЦ Салцбург и со себе го поведе Унгарецот Собослај. Марк ван Бомел го презеде Волфзбург и ќе го води во Лигата на шампионите. Младинскиот репрезентативец Нмеча е најголемо засилување на „волците“. Ајнтрахт се раздели со Ади Хутер, кој ја презеде Борусија Менхенгладбах, а на негово место дојде Гизлер од Волфзбург.

Една од најзасилените екипи е Херта, кој го врати Кевин Принс Боатенг и му даде договор на Црногорецот Јоветиќ. Единствен Македонец во Бундеслигата и оваа сезона е Дарко Чурлинов, од кого се очекуваат големи работи во Штутугарт.

Финансиски пад на гигантите во Ла Лига, лигата го загуби Меси и сите глобални ѕвезди

Огромен пад и недостаток на ѕвезди и финансиски проблеми за двата гиганти, Реал и Барса, се главна карактеристика на шпанското фудбалско лето. Барса едвај спаси жива глава за да ги регистрира засилувањата, а мораше да се откаже од Лео Меси и неговата енормна плата, за да ги усогласи платите со финансискиот фер-плеј. Каталонците го потврдија Куман, ги донесоа Депај, Агуеро и Гарсија, а го вратија Емерсон Ројал од Бетис. Сепак, нивото е далеку од претходните и не им се даваат многу шанси за трофеи на Гризман, Кутињо, Ансу Фати… Реал целосно го насочи својот пазар во доведување на Мбапе, па не доведе многу новајлии. Алаба е единствена новина, а враќањата на позајмените Себаљос, Одегард, Бејл кај Анчелоти имаат третман на засилувања. Сепак, без Рамос и Варан, Реал не е истиот тим од минатата деценија. 

Првакот Атлетико Мадрид го доведе Де Пол и го врати Дембеле назад во Лион. Неизвесна е иднината на Саул, кој сака да си оди, но независно од неговата одлука, Симеоне нема да менува премногу во својот ростер сезонава.

Супер-инвестиции во Англија, клубовите од Манчестер најголеми фаворити


Најсилната лига во светот сезонава ќе биде уште посилна. Премиер лигата даде две финалиња на Лигата на шампионите во последните три сезони и четири различни екипи играа за двете титули. Сити ќе ја брани титулата, а тоа ќе го стори посилен за Грилиш, а можеби за Кејн. Супер-засилени се и соседите, бидејќи на „Олд Трафорд“ дојдоа Варан и Санчо, а не замина ниту еден клучен фудбалер.

Враќањето на Лукаку во европскиот првак е голем чекор напред во тимот на Тухел во битката за сите трофеи сезонава. Кога ќе се додаде идејата за ново име во одбраната (желба е Кунде), извесно е дека „сините“ ќе бидат на хартија посилни од минатата сезона. Дефанзивецот Конате е единствена новина кај Ливерпул на Клоп, а новите менаџери на Евертон и Тотенхем, Бенитез и Нуно, уште се мирни во изборот на фудбалери. „Карамелите“ ќе го продадат Хамес, но веројатно ќе го задржат Ричарлисон. Тотенхем потпиша со Голини, го доведе Ромеро и чека расплет во случајот Кејн. Арсенал го донесе Бен Вајт, го продолжи договорот со Џака, а чека расплет и со Одегард. Лестер го донесе Дака, Лидс се засили со Жуниор Фирпо, а купуваа и помалите клубови. За првпат во Премиер лигата ќе игра Брентфорд, кој во вториот плеј-оф се избори за влез во елитата.


Интер ги доведе замените за Хакими и Лукаку

Замена за Ашраф Хакими во Интер ќе биде Дензел Дамфирс. Фудбалерот кој вниманието на себе го сврте со одличните настапи на Европското првенство, но и со натпреварите за ПСВ се очекува да потпише за Интер за сума од 12.5 милиони евра, плус два како бонуси.

Во ПСВ веќе почнаа да се навикнуваат на животот без него и на таа позиција ги користат Филипо Мвне и Џордан Тезе.

Интер така пронајде замена и за Хакими, додека ќе потсетиме во нападот Лукаку ќе биде заменет од Един Џеко.