фудбал

УЕФА го зголемува бројот на гледачи за Европското првенство

УЕФА има намера да ја укине одредбата со која максималниот дозволен број на гледачи за време на пандемијата на коронавирусот е 30 отсто од капацитетот на стадионот, а сето тоа како би се зголемил бројот на навивачи за претстојното Европско првенство.
Руските и англиските власти веќе најавија дека на стадионите во Санкт Петербург и Лондон би можеле да дозволат поголем број на гледачи, па УЕФА согласно тоа подготвува одредба со која максималниот дозволен број на навивачи ќе можат да го одредат локалните власти.
Домаќините на Европското првенство до 7. мај треба да одлучат колку гледачи ќе бидат дозволени на нивните стадиони, а мнозинството се надева дека нивните влади ќе дозволат отворање на трибините.


Четири великани во трка за потписот на Агуеро

Серхио Агуеро и официјално ќе го напушти Манчестер Сити по крајот на сезоната, па како слободен играч со 33 години ќе тргне во потрага по нов клуб каде ќе ја продолжи кариерата. Го напушта Сити како најдобар стрелец на сите времиња со постигнати 257 погодоци во 384 одиграни натпревари.
Последните неколку денови се пишуваше дека кариерата би можел да ја продолжи во Барселона, каде го бара репрезентативниот соиграч Лионел Меси, но шпанските медиуи наведуваат дека тоа не е дел од визијата на Роналд Куман.
Заинтересирани за Агуеро има. Ако Барселона навистина се откаже од неговото доведување, Агуеро ќе може да ги разгледа и другите понудени опции. Во прашање се клубови со шампионски амбиции, па се наведува дека постои интерес од Интер и Јувентус, Париз Сен Жермен, а се споменува и дека во Англија би можел да остане во Манчестер, но во дресот на Јунајтед.
Сите наведени заинтересирани клубови веќе стапија во контакт со агентот на аргентинскиот напаѓач.


Два полски репрезентативци позитивни на ковид-19

Фудбалските репрезентативци на Полска, Грегор Криховјак и Камил Пјатковски, имаат позитивни тестови на ковид-19 и нема да се појават на денешната пресметка со Англија во 3 коло од квалификациите за место на Мундијалот во Катар.
Веста за заразените фудбалери е потврдена и од страна на Полската репрезентација која треба да добие допонителни инструкции од УЕФА.
Полјаците за денешниот дуел ќе бидат и без првата ѕвезда, Роберт Левандовски а ќе ги немаат и Матеуз Клик и Лукас Скорупски.


„Не треба посебен мотив да се игра против Германија“

На официјалната прес конференција во пресрет на натпреварот против Германија од квалификациите за Светското првенство 2022. селекторот на македонската репрезентација, Игор Ангеловски и капитенот Горан Пандев истакнаа дека посебна мотивација за мечот со големиот противник и не треба. Германија е голем фаворит, но ние во минатото покажавме дека можеме да се носиме и со репрезентации од рангот на противникот.
„Германија не е фаворит само против нас, туку е фаворит на сите Светски и Европски првенства. Ова ќе биде специјален меч за нас и ќе биде задоволство да се игра со ваков противник. Затоа не ни треба посебна мотивација и самото тоа што играме против поранешен светски шампион ни ја зголемува желбата и мотивот за надигрување. Очекувам возбудлив натпревар. Против силни противници играме добро. Верувам дека така ќе биде и на утрешниот дуел. Германците се физички силни и имаат огромен квалитет. Доколку после тренингот биде се добро со Велковски и Адеми и двајцата ќе конкурираат за место во почетникот состав.“ – изјави Ангеловски.
„За нас е чест што ќе играме против голем противник. Ние сме подготвени да го дадеме максимумот, иако ова ќе ни биде трет натпревар за седум дена. Германците знаат против кого играат, знаат со каков квалитет располагаме и сигурно одлично ја анализирале нашата игра. Но, ние сме сосема различна репрезентација од пред пет или шест години, сега сме далеку посилни, сега сме учесници на ЕП и сметам дека и противникот ќе биде претпазлив. Тие се фаворити, тоа е јасно, но мораме да веруваме во себе и да веруваме дека може да ги изненадиме.“ – изјави Пандев.


Марадона е пред Меси за фановите на Барса

Навивачите на Барселона го прогласија Диего Армандо Марадона, како најдобар фудбалер што настапил во дресот на Каталонците гледано низ историјата. Веднаш до Аргентинецот е неговиот сонародник, Лео Меси, кој е сопственик на неколку рекорди. Потоа се наредени: Роналдињо, Јохан Кројф, Андрес Иниеста, Чави, Луис Суарез, Роналдо, Жерард Пике и Карлес Пујол. На листата што ја направија фановите ги нема Нејмар, Ривалдо и сегашниот тренер, Роналд Куман.


Англичаните ветија фанови за Европското првенство

Шефовите на Фудбалската асоцијација на Англија преговараат со УЕФА да им се дозволи најмалку 45.000 гледачи на Вембли за време на натпреварите на ЕП 2020 . Ако состојбата со пандемијата започне да се смирува, тогаш бројката може да се искачи на 60 000. Англија е подготвена да организира повеќе натпревари од шампионатот. Сите федерации имаат рок до 7 април да објават колку гледачи ќе можат да бидат присутни на трибините. Потоа УЕФА ќе одлучи дали ќе има одредени промени од организациски аспект.


Гатузо и Наполи нема да го откупат Бакајоко од Челзи

Фудбалерот од средниот ред на Челзи, Бакајоко, кој во моментов е на позајмица во Наполи, ќе го напушти италијанскиот клуб на крајот од сезоната. Обновување на позајмицата или откуп на играчот не е дел од идните планови на Наполи. Претходно, агентот на Бакајоко изјави дека фудбалерот е подготвен да го продолжи договорот за закуп со италијанскиот клуб. Францускиот играч за врска се пресели во Челзи од Монако во 2017 година, беше на позајмица во Милан и Монако во последните две сезони, а сега е позајмен во Наполи. Во тековната сезона во италијанската Серија А, Бакајоко одигра 23 натпревари и постигна еден гол.


Повредата е минато, Фирмино се враќа за дербито со Арсенал

Роберто Фирмино се врати на тренинг по повредата на коленото пред гостувањето на Арсенал во Премиер лигата во сабота. Фирмино ги пропушти последните три натпревари на „црвените“, но учествуваше на тренингот синоќа, покажуваат фотографиите на клупската веб-страница. Бразилецот оваа сезона има шест голови и пет асистенции на 27 натпревари од шампионатот. Ливерпул сè уште е без централните дефанзивци Вирџил ван Дајк и Џо Гомез (двајцата со повреди на коленото), Жоел Матип (скочен зглоб) и играчот за врска Џордан Хендерсон. Ливерпул ја освои својата прва титула во Англија во последните 30 години минатата сезона, но повредите и лошата форма ги оставија на седмото место на табелата во моментов со 46 бода, 25 помалку од лидерот Манчестер Сити.


Лампард доби нова понуда, оди на меѓународна сцена!

Како што пишуваат медиумите во Англија, Френк Лампард би можел да добие нов ангажман.
Имено, фудбалскиот сојуз на Англија размислува за именување на легендарниот фудбалер кој после искуството во Дерби, во втората сезона во Челзи доби отказ.
Тренерот на младата репрезентација Енди Ботројд ќе замине од клупата, договорот му истекува на лето и нема да биде продолжен, по неуспехот на Европското првенство за млади играчи.
Лампард би бил логичен избор, тој е легенда која би ги инспирирала младите играчи, ќе може да создаде нова генерација и во иднина би бил евентуален избор и за селектор на сениорскиот тим.
Но, прашање е дали Лампард ќе ја прифати понудата на ФА, бидејќи после отказот во Челзи се уште планира да се обиде во нов клуб.


Карашев од Русија ќе го води дуелот Германија – Македонија

Рускиот судија Сергеј Карашев е делегиран за главен судија на натпреварот меѓу Германија и Македонија утре во Дуизбург.
Ова е меч од третото коло во Ј групата за пласман на СП во Катар 2022 година, а ќе го води еден од најпознатите руски судии, кој е дел од најелитните европски клупски натпревари.
Карашев на Македонија и судел во 2012 година на гостувањето во Глазгов, каде против Шкотска одигравме 1-1.