фудбал

Милан и Арсенал преговараат за Локонга

Милан е силно заинтересиран за белгискиот играч за врска, Самби Локонга, кој минатото лето се пресели во Арсенал.

Локонга во првите неколку месеци играше редовно, но подоцна го загуби местото во првиот тим кај Артета.

22-годишниот играч за врска може да игра на сите позиции во средниот ред и веќе дебитираше за белгиската репрезентација.

Сега силен интерес за него покажува италијанскиот шампион Милан, кој во Локонга гледа идеална замена за Кеси.

Малдини веќе стапил во контакт со агентите на Белгиецот, кој е отворен за трансфер на „Сан Сиро“. „Росонерите“ наскоро ќе испратат и официјална понуда, а го сакаат Локонга на позајмица со право на откуп.


Британски милијардер сака да го купи Манчестер Јунајтед

Откако се прошири веста дека моменталните сопственици на Манчестер Јунајтед, семејството Глејзер од САД, размислуваат за продажба на клубот за шест милијарди фунти, веднаш се појави и потенцијален купувач во името на Сер Џим Ратклиф.

Ратклиф е британски милијардер, сопственик на хемиската групација „Инеос“, како и сопственик на фудбалските клубови Ница и Лозана. Името на Ратклиф неодамна се поврзуваше и со купување на Челзи но тој не успеа во таа намера иако имаше понуда од 4,25 милиони фунти, па сега сака повторно да ја искористи шансата за купување на клуб од Премиер лигата.

Останува да се види дали семејството Глејзер ќе се одлучи за дефинитивна продажба на Манчестер Јунајтед.


Мунир заминува од Севиља

Напаѓачот на Севиља, Мунир Ел Хадади е блиску до заминување од тимот. Според шпанското издание на „Мундо Депортиво“, играчот наскоро ќе се пресели во Хетафе.

Главната причина за заминувањето на играчот од Севиља е фактот што тој не се вклопува во шемата за игра што ја користи главниот тренер на тимот Хулен Лопетеги. Токму поради оваа причина, фудбалерот беше надвор од составот за натпреварот од 1. коло на шпанската Примера со Осасуна. Исто така еден од претендентите за ангажирање на Мунир Ел Хадади е турски Трабзонспор.

Мунир потекнува од школата на Барселона. Фудбалерот се пресели од каталонскиот тим во Севиља во јануари 2018 година за сума од околу еден милион евра. Минатата сезона, мароканскиот напаѓач одигра 16 средби, на кои постигна два гола. Порталот Трансфермаркт го проценува играчот на осум милиони евра.


Бернардо Силва останува во Манчестер Сити

Медиумите од Англија пренесуваат дека фудбалерот на Манчестер Сити, Бернардо Силва, се откажал од заминување во Барселона.

Според информациите постојат многу мали шанси португалскиот репрезентативец да се пресели на Камп Ноу поради што Силва се одлучил да се посвети на својата иднина во англискиот клуб.

Тренерот на Сити, Пеп Гвардиола повтори дека Силва може да го напушти клубот само со обештетување од 100 милиони евра, пари кои Барселона поради лошите финансиски проблеми не е во можност да ги издвои.

Заклучокот е дека многу извесно Силва ќе остане во Манчестер и повторно ќе биде еден од главните фудбалери во тимот.


Наполи го договори Распадори од Сасуоло

Џакомо Распадори може да се смета за играч на Наполи. Синоќа спортскиот директор на Сасуоло Џовани Карневали потврди дека е постигнат договор меѓу двата клуба и дека остануваат да се разработат само ситни детали пред зделката да стане реалност.

Напредокот во преговорите се случи доцна синоќа. Се очекува Наполи да го земе Распадори на позајмица за 5 милиони евра, со опција за откуп за 25 милиони евра.

Исто така, има дополнителни бонуси од 5 милиони евра поврзани со настапот на играчот и дали Наполи ќе се квалификува во Лигата на шампионите во следните сезони.


Левандовски: Уверен сум дека ќе освојуваме трофеи сезонава

Роберт Левандовски уште еднаш изрази уверување дека Барселона ќе освои титули и покрај тешкиот старт во Примера против Рајо Ваљекано (0-0).

„Мислам дека беше доволно време Барса да биде без трофеј. Сигурен сум дека ќе освоиме неколку. Кога првпат дознав дека Барселона е заинтересирана да ме донесе во тимот, веднаш помислив дека ова е совршен момент и за мене и за клубот. Не сакав цела кариера да ја играм само во една лига. Во Бундеслигата сè беше совршено за мене, стекнав непроценливо искуство, но знаев и дека заминувањето во Ла Лига ќе биде чекор напред за мене“, признава Левандовски.


Челзи ги продолжува преговорите со Обамејанг

Фудбалерот на Барселона Пјер-Емерик Обамејанг до крајот на неделава ќе ги продолжи преговорите за трансфер во Челзи.

Тренерот на Барселона Чави сака да го задржи репрезентативецот на Габон во клубот, меѓутоа челниците на каталонскиот клуб се подготвени за продажба на фудбалерот за обештетување од 30 милиони евра.

На Челзи му е потребен голгетер во тимот и во лондонскиот клуб мислат дека Обамејанг би бил идеално засилување. Англиските медиуми пренесуваат дека преговорите помеѓу претставниците на Челзи и менаџментот на фудбалерот ќе продолжат до крајот на неделата.


Баерн ќе го продаде Циркзе во Андерлехт

Баерн Минхен сигурно ќе се раздели со уште еден играч пред крајот на преодниот рок. Баварците влегуваат во преговори за продажба на младиот напаѓач Џошуа Циркзе, пишува „Билд“.

21-годишниот напаѓач го бараат два англиски клуба, плус Штутгарт, а сега во битката за неговиот потпис ќе се вклучи и Аугзбург. На „Алијанц Арена“ сакаат да добијат најмалку 15 милиони евра за Холанѓанецот кој има договор на уште една година.

Минатата сезона Циркзе играше како позајмен во Андерлехт.


Галатасај го бара Еден Азар

Фудбалерот на Реал Мадрид и белгиски репрезентативец, Еден Азар, би можел својата кариера да ја продолжи во турискиот Галатасарај, пренесуваат шпанските медиуми.

31-годишнот Азар пристигна во Реал во 2019 година од Челзи во трансфер вреден 115 милиони евра. Меѓутоа поради честите повреди и слабата форма го изгуби местото во стартната постава на мадридскиот клуб.

Азар од пристигнувањето во Реал одигра 67 натпревари и постигна само шест гола. Неговиот договор со кралскиот клуб истекува во јуни наредната година.

Галатасарај сака да се врати на старите победнички патеки, и евентуалниот ангажман на Азар ќе биде големо засилување за тимот.


Заниоло се предомисли, ќе игра и оваа сезона за Рома

Стравуваа навивачите на Рома ова лето дека нивниот миленик Николо Заниоло може да го напушти „Олимпико“.

Се поврзуваше Заниоло со Јувентус, го сакаше и Конте во Тотенхем, но стрелецот на победничкиот гол за Рома во финалето од Конференциската лига одлучи да остане верен на „волчицата“. Како што пренесуваат медиумите во Италија 23-годишниот репрезентативец на Италија ќе го продолжи договорот со Рома и ќе остане во Рим до 2027 година.

Оваа одлука посебно го израдува Жозе Мурињо. Португалскиот стратег повеќе пати истакнуваше колку му значи Заниоло и дека се надева на негово останување и како што стојат работите желбата ќе му се исполни.

Заниоло во Рим дојде од Интер во 2018 година во трансфер вреден 4.5 милион евра. За четири години одигра повеќе од 100 натпревари за „волчицата“ и постигна 22 гола, а подели уште 15 асистенции.