фудбал

Кампос и Галтие ќе го решаваат проблемот помеѓу Мбапе и Нејмар

Француските медиуми пренесуваат дека фудбалерот на Париз Сен Жермен, Килијан Мбапе, побарал од челниците на клубот до крајот на летниот преоден рок да го продадат Бразилецот Нејмар.

Односите помеѓу двајцата фудбалери се влошени откако Нејмар дознал дека Мбапе барал од главните луѓе во клубот да го продадат бразилскиот фудбалер. Медиумите истакнуваат дека Мбапе со продолжувањето на договорот добил големи овластувања во клубот, каде има и улога на консултант. Според информациите целата ситуација ќе се обидат да ја смират тренерот на ПСЖ Галтие и спортскиот директор Луис Кампос.


Рекорд во Серија А: Без реми на стартот од сезоната

Нешто невидено во изминативе 51 години се случи во првото коло од новата сезона во Серија А. Ниту еден од натпреварите во колото не заврши нерешено. Од десетте натпревари, на пет победија домаќините, на пет гостите. Последното такво нешто се случи во сезоната 1971/72, но разликата е во тоа што тогаш италијанското првенство го сочинуваа 16 екипи и соодветно се одиграа 8 натпревари. Тогаш во првото коло 6 победи запишаа домаќините и 2 гостите.

Ова е четврти ваков случај во историјата на Серија „А“. Освен сезоната 1971-72, имаше уште два наврати кога немаше нерешено во првото коло на Калчото. Ова се случи во 1933-34 и во 1934-35 година.

Првото коло во Серија „А“ беше необично и од друга причина. Никогаш досега во историјата сите осум екипи кои минатата сезона завршија на првите 8 места во конечниот пласман не ги добиле своите први натпревари од новата кампања. Сепак, тоа сега е факт откако Милан, Интер, Наполи, Јувентус, Лацио, Рома, Фиорентина и Аталанта забележаа победи во своите дуели.


ПСЖ му нуди нов договор на Лео Меси

Раководството на ПСЖ сака да го продолжи договорот со напаѓачот Лионел Меси, пренесува „Л’Екип“. Парижаните во блиска иднина ќе започнат преговори со 35-годишниот Аргентинец. Актуелниот договор му истекува во летото 2023. ПСЖ се уверени дека ќе биде потпишан нов договор за уште една сезона.

Меси би можел да се врати во Барселона во 2023 година, но во оваа фаза нема контакт меѓу претставниците на играчот и шпанскиот клуб.


Меси: Бензема имаше одлична сезона, фаворит е за „Златната топка“

Напаѓачот на ПСЖ, Лионел Меси, кој за првпат по 2005 година не се најде на списокот на кандидати за „Златната топка“, смета дека Карим Бензема од Реал Мадрид ја заслужил наградата.

„Мислам дека нема да има никаков сомнеж оваа година. Карим Бензема имаше одлична сезона“, изјави Меси за Football Espana.

Аргентинскиот репрезентативец седум пати ја освојуваше „Златната топка“ и моментално е најдобар играч во светот во изборот на „Франс Фудбал“.

Триесет и четиригодишниот Бензема минатата сезона навистина блесна во сите натпреварувања и со Кралскиот клуб го освои шампионатот и шпанскиот Суперкуп, Лигата на шампионите и Суперкупот на УЕФА.

Французинот во сезоната 2021/2022 на 46 натпревари постигна 44 гола и забележа 15 асистенции.


Фројлер петнаесетто засилување на Нотингем Форест

Новајлијата во англиската екипа, Нотингем Форест го договори своето 15-то засилување во овој преоден рок.

Клубот од Премиер лигата го купи играчот од средниот ред на Аталанта, Ремо Фројлер. Условите на договорот не се откриени.

Според инсајдерот Фабрицио Романо, за трансферот биле исплатени 9 милиони евра плус бонуси.


Клоп за Нуњез: Ќе го оставам да преспие па ќе му објаснам некои работи

Екипата на Ливерпул одигра само нерешено 1:1 на домашен терен со екипата на Кристал Палас, во второто коло од Премиер лигата. Кристал Палас поведе на натпреварот со одличен контра напад преку Заха, а Ливерпул изедначи со голот на Луис Дијаз.

Новиот напаѓач на Ливерпул, Дарвин Нуњез заработи црвен картон на средбата, после непромислениот удар кон противничкиот фудбалер од обраната.

„Не можам да одрекнам дека тоа беше за чист црвен картон. Се разбира дека тоа не е однесување какво би требало да биде. Ќе го оставам Дарвин да ја преспие ноќта, а потоа ќе имам разговор со него“, истакнува Клоп, кој сепак на крајот е задоволен од резултатот со оглед на целокупните настани на средбата.


Обамејанг одбива да ја напушти Барселона

Според последните информации од медиумите блиски до Барселона, напаѓачот Пјер-Емерик Обамејанг кој е трансфер мета на лондонски Челзи, ја одбил варијантата да го напшти Камп Ноу и да замине на Стенфорд Бриџ.
Тренерот на Челзи, Тухел, последниве денови често изјавува дека би сакал да го види Обамејанг во својата екипа, бидејќи му се добро познати квалитетите на фудбалерот со кого соработуваше во Борусија Дортмунд.

Меѓутоа Обамејанг не планира скорешно заминување од Барселона и се надева дека ќе избори место како стандарден играч во екипата предводена од Чави.


Баерн и Телеком Германија потпишаа финансиски „дебел“ договор

Баерн Минхен е без конкуренцијата во Бундеслигата, а за Баварците нема зима и на финансиски план.

Баерн го продолжи договорот со својот главен спонзор до 2027 година и така ќе добијат нови 250 милиони евра, односно по 50 милиони годишно.

Германскиот „Телеком“ и Баерн имаат дводецениска соработка и се очекуваше дека нема да има проблеми за продолжување на договорот, посебно затоа што Баерн во изминатата деценија нема конкуренција во Германија, а освоија и две европски титули во 2013 и 2020 година.

Оваа сезона Баерн веќе освои еден трофеј, германскиот Суперкуп. Бундеслигата ја започна со две победи во првите два натпревари.


„Шумарите“ потпишаа со Емануел Денис

Нигерискиот напаѓач од екипата на Ватфорд, Емануел Денис, треба да ја продолжи кариерата во Премиер лигата, откако потпиша договор со Нотингем Форест.

24-годишниот фудбалер му се приклучи на Ватфорд од белгискиот Бриж во 2021 година и минатата сезона забележа вкупно 35 настапи во сите натпреварувања, постигнувајќи десет гола.


Тен Хаг ги казни фудбалерите со трчање на 13,8 километри

Тренерот на Манчестер Јунајтед Ерик тен Хаг реши да ги казни фудбалерите со вонреден тренинг после поразот во второто коло на Премиер лигата од Брентфорд со 4:0, пренесува Скај Спортс.

Тимот на Јунајтед на стартот од новата сезона во Премиер лигата претрпе два порази од Брајтон и Брентфорд. Според објавите во медиумите, Тен Хаг одлучил да го укине предвидениот слободен ден на фудбалерите, и ги казни играчите со тоа што ги натера да истрчаат 13,8 километри. Само за потсетување, фудбалерите на Брентфорд за 13,8 километри колективно повеќе претрчаа од играчите на Манчестер Јунајтед на нивниот меѓусебен дуел.

Нареден натпревар на Манчестер Јунајтед е големото дерби против Ливерпул на 22.август.