фудбал

Ангеловски избра проверени сили за стартот на квалификации за СП

Селекторот Игор Ангеловски ги октри адутите на Македонија за воведните три натпревари од квалификациите за пласман на Светското првенство во Катар. Ангеловски и македонската селекција на Романија, Лихтенштајн и Германија ќе им се спротистават со проверени сили. „Црвено жолтите“ првиот меч против Романија го играат на гостински терен во Букурешт, вториот со Лихтенштајн во Скопје, а во третиот ќе се судрат со Германија во Дуисбург. Подготовките на македонската селекција стартуваат на 22 март. Списокот: Голмани: Столе Димитриевски (Рајо Ваљекано, Шпанија), Дамјан Шишковски (Докса, Кипар), Мартин Богатинов (Етникос Ахна, Кипар), Ристе Јанков (Работнички);
Одбрана: Стефан Ристовски (Динамо Загреб, Хрватска), Висар Муслиу (Фехервар, Унгарија), Егзон Бејтулаи (Шкендија), Кире Ристевски (Ујпешт, Унгарија), Дарко Велковски (Ријека, Хрватска), Езѓан Алиоски (Лидс Јунајтед, Англија), Ѓоко Зајков (Шарлроа, Белгија);
Среден ред: Енис Барди (Леванте, Шпанија), Аријан Адеми (Динамо Загреб, Хрватска), Бобан Николов (Лече, Италија), Стефан Спировски (АЕК Ларнака, Кипар), Елиф Елмас (Наполи, Италија), Тихомир Костадинов (Ружомберок, Словачка), Даниел Аврамовски (Кајзериспор, Турција), Марјан Радески (Академија Пандев), Ферхан Хасани (Партизани, Албанија);
Напад: Горан Пандев (Џенова, Италија), Иван Тричковски (АЕК Ларнака, Кипар), Илија Несторовски (Удинезе, Италија), Александар Трајковски (Мајорка, Шпанија), Крсте Велкоски (Сарајево, БиХ), Влатко Стојановски (Шамбли, Франција).


Баварците спремни да го купат Саул Нигез

Баерн Минхен има желба да го купи играчот за врска на Атлетико Мадрид, Саул Нигез. 26-годишниот фудбалер долго време се поврзуваше со трансфер во различни тимови, а досега најчесто се споменуваа имињата на Барселона и Реал Мадрид. Сепак, според последните информации, Баварците во моментов се на чекор од негов потпис, бидејќи веќе контактирале со претставници на играчот за да започнат првични разговори за можен трансфер. Оваа сезона Саул се почесто е на клупата за сметка на Маркос Љоренте и Коке. Саул има договор со „јорганџиите“ до 2026 година.


Конечно разрешница, ѕвездата на Ливерпул се сели во Барселона!

Џорџињо Вајналдум во наредниот трансфер период ќе го напушти Ливерпул како слободен играч и ќе потпише за Барселона. Играчот за врска на актуелниот англиски шампион и холандската репрезентација, на крајот од сезоната ќе стане слободен играч и според информациите на англиските и шпанските медиуми, тој нема намера да го продолжи.
Наместо тоа, тој ќе се пресели во Барселона. Во наредниот трансфер период не се очекуваат големи трансфери од каталонскиот клуб, реално е доведување на играчи кои би можеле да пристигнат без отштета. Мадридска Марка веќе претходно наведе дека тоа би можеле да бидат Серхио Агуеро, Ерик Гарсија, Мемфис Депај и токму Вајналдум, за кого сега се тврди дека тој трансфер е веќе „скоро завршен“.
Вајналдум претходно можноста да настапува за Барселона ја опиша како исполнување на сонот, па затоа нема намера да остане во Ливерпул.


Ван Дајк го демантираше Клоп?

Јирген Клоп во текот на викендот потврди дека Вирџил ван Дајк нема да настапи на претстојното Европско првенство, но во Холандија веруваат во спротивното.
Релевантниот медиум „Де Телеграф“ повикувајќи се на извори блиски до дефанзивецот на Ливерпул истакнуваат дека Ван Дајк не сака да ја исклучи можноста за настап на Европскиот шампионат.
Неговиот план е да се врати на тренинзи во текот на месец мај, па во согласност со неговата форма и со консултации со лекарскиот тим да донесе одлука.
Ван Дајк неодамна почна да тренира и одлично се опоравува од тешката повреда на коленото, а останува да видиме дали ќе биде спремен во јуни.
Во Ливерпул инсистираат Ван Дајк да го пропушти ЕП и да биде подготвен за подготовките за наредната сезона, додека Холанѓанецот не ја исклучува можноста да настапи на шампионатот.


Зидан го сака Милинковиќ-Савиќ, подготвен да плати и 70 милиони евра

Раководството на Реал Мадрид интензивно бара замена за 35- годишниот хрватски играч за врска, Лука Модриќ и верува дека играчот на Лацио, Сергеј Милинковиќ-Савиќ, е токму фудбалерот кој им е потребен.
„Кралскиот клуб“ е подготвен да плати 70 милиони евра за 26- годишниот Србин, што, според Флорентино Перез, одговара на пазарната вредност на играчот во моментот. Тренерот на Реал Мадрид, Зинедин Зидан веќе даде зелено светло за операцијата, бидејќи Милинковиќ-Савиќ одговара на техничките, тактичките и физичките карактеристики на тимот, што е важен фактор.


ПСЖ го нуди Паредес и пари за Бенасер

Oд Франција пристигнуваат информации дека ПСЖ го означил Исмаел Бенасер од Милан како приоритет ова лето. „Светците“ никогаш не го криеа интересот за 22 годишниот Бенасер, но сега наводно ќе тргнат во акција да стигнат до неговиот потпис. Милан минатото лето го купи Бенасер од Емполи за 16 милиони евра, но само една година подоцна Алжирецот се проценува на 50 милиони евра. ПСЖ го гледа Бенасер како клучен во „ремонтот“ во средниот ред и спремни на лето да го донесат во Париз. Спортскиот директор Леонардо му понудил трампа на „росонерите“ и е спремен покрај одредена сума да го испрати и Паредес на „Сан Сиро“.


Како реагираше Ди Марија кога дозна дека семејството му е киднапирано? (видео)

ПСЖ во 29. коло изненадувачки загуби од Нант на домашен терен со 2:1. Францускиот првак водеше со голот на Дракслер, но гостите со головите на Коло и Симон дојдоа до пресврт. Сепак, фудбалот падна во втор план во 62. минута, кога тренерот на ПСЖ Маурисио Покетино изненадувачи го извади од игра Анхел Ди Марија, а го внесе Леандро Паредес. Ди Марија мораше да излезе бидејќи во тие моменти се одвиваше голема драма во неговиот дом. Информацијата прв ја дозна спортскиот директор Леонардо кој седеше во ложата. Потоа, информацијата стигна до самиот тренер кој веднаш реагираше.
Додека излегуваше од игра, Покетино му говореше на Ди Марија дека крадци влегоа во неговиот дом во кој во тие моменти беше неговото семејство. Аргентинскиот фудбалер веднаш од стадионот замина дома. Според некои информации, сцените во куќата на Ди Марија за време кражбата биле исклучително насилни и членовите на неговото семејство биле киднапирани, но никој не е повреден. Во истовреме, крадци влегле и во куќата на родителите на Маркињос.


Паратичи: Роналдо е иднината на Јуве

Спортскиот директор на Јувентус, Фабио Паратичи ја пофали улогата на 36-годишниот португалски напаѓач Кристијано Роналдо во неговиот клуб. „Несомнено, Кристијано е иднината на Јувентус. Јас сум целосно сигурен во ова. Чест ни е што Роналдо е дел од нашиот тим. Нам ни одговара и ни се допаѓа, многу сме среќни што таквите шампиони се со нас“, изјави Паратичи. Да потсетиме, по сензационалното испагање на Јувентус од Лигата на шампионите во осминафиналето од Порто, медиумите почнаа да шират информации за можно заминување на Роналдо од Јувентус. Интерес за него се припишува на Манчестер Јунајтед, ПСЖ и Реал Мадрид. Својата класа Роналдо ја покажа и на денешниот натпревар со Каљари од 27. коло на италијанската Серија А, Роналдо постигна хет-трик за 32 минути во првото полувреме.


Бубакар Камара е желбата на Јуве за наследник на Кјелини

Јувентус покажува сериозен интерес за дефанзивецот на Марсеј, Бубакар Камара, пренесуваат медиумите на Апенините. 21-годишниот дефанзивец игра одлична сезона со Марсеј, а скаутите на Јувентус веќе подолго време ги следат неговите настапи и неговиот развој. Камара е поливалентен играч кој може да игра како централен дефанзивец, но и како последен играч за врска. Јувентус во него гледа идеална замена за Киелини, кој најави пензионирање. Италијанските медиуми пренесуваат дека Марсеј е спремен да ја пушти својата ѕвезда за 40 милиони евра, но Јувентус ќе треба да ја победи силната конкуренција.


Рамос: Се чувствувам како да имам 28 години

Дефанзивецот на Реал Мадрид и шпанската репрезентација Серхио Рамос проговори за неговите професионални планови. „Во моментов уживам во она што досега го имам направено. Се чувствувам посилно. На 34 години, се чувствувам како на 28. Мислам дека повеќе сакам да ја завршам кариерата поради некои психолошки проблеми, а не поради физички проблеми. Јас ја гледам својата форма и се грижам за моето здравје. Можам да играм на Светското првенство што ќе се одржи во Мексико, Канада и САД во 2026 година. Тогаш ќе станам единствениот фудбалер кој успеа да се натпреварува на шест светски шампионати. Ова го велам врз основа на моменталните чувства. Има се повеќе и повеќе играчи на високо ниво, кои имаат над 35 години“, изјави Рамос за „Марка“. Рамос е дел од шпанската репрезентација од 2005 година. Како дел од националниот тим, дефанзивецот е светски шампион (2010) и европски шампион (2008, 2012 година).