фудбал

Го имаме најубавиот гол на ЕП!

Без дилеми.
Патрик Шик апсолутно заслужено ја доби наградата за стрелец на најубавиот погодок на ЕВРО 2020, по ремек-делото на чешкиот напаѓач на натпреварот против Шкотска.

https://twitter.com/i/status/1415343066949603338

Зa паметење е вториот погодок на Шик на натпреварот, кога од половина терен маестрално ја смести топката во мрежата на голманот на Шкотска, Маршал.


Хрватот Влашиќ е замената за Чалханоглу во Милан

Италијанските медиуми пренесуваат дека Милан е на чекор од комплетирање на трансферот на Никола Влашиќ од ЦСКА Москва.

Хрватскиот репрезентативец беше голема желба на „росонерите“ бидејќу во него гледаат идеална замена за Чалханоглу.

Влашиќ може да игра на неколку позиции,  како класична „десетка“, но и како крилен фудбалер.

23-годишниот Хрват минатата сезона постигна 12 гола и 6 асистенции на 34 натпревари за ЦСКА Москва, а одигра добро и на Европското првенство. Милан понудил 5 милиони евра за едногодишна позајмица, плус 20 милиони евра за откуп следното лето. Доколку Милан се пласира во Лигата на шампиони откупот ќе биде задолжителен.


Жоао Марио раскина со Интер и потпиша за Бенфика

Фудбалскиот состав Интер потврди дека спогодбено ја прекина соработката со фудбалерот од средниот ред, Жоао Марио.

28-годишниот Португалец пристигна на „Сан Сиро“ во август во 2016 година од Спортинг Лисабон, но, никогаш не успеа да се етаблира во клубот. Тој во континуитет беше на позајмица во различни екипи.

Иако Спортинг најави дека има намера да  го ангажира, последните информации тврдат дека фудбалерот ќе направи трансфер во Бенфика.


Нов премиерлигаш се вклучи во трката за Антоан Гризман

Францускиот напаѓач, Антоан Гризман, може да добие понуда да заигра како позајмен во екипата на Челзи, најавија медиумите во Англија.

„Сините“ сакаат да ја засилат навалната линија а тука во преден план се наметнува играчот на Барса. Шпанците соочени со големи финансиски проблеми се ослободија од неколку играчи, но, на списокот и натаму се имињата на Гризман, Филипе Кутињо и Осман Дембеле.

Челниците од „Стемфорд Бриџ“ доколку успеат во намерата да го ангажираат 30-годишниот фудбалер ќе мора да му ја покријат и целата плата.


Шкотите сакаат да го прогласат Манчини за почесен граѓанин на оваа земја

Шкотскиот весник „Национал“ предложи селекторот на италијанската репрезентација Роберто Манчини да биде прогласен за почесен граѓанин на земјата откако тимот ја совлада Англија во финалето на ЕВРО 2020 (1:1, на пенали – 3:2).

 „Направете го Роберто Манчини почесен граѓанин на Шкотска“, стои во повикот на весникот.

Ги повикуваме читателите на „Национал“ да придонесат за наградата на Манчини за услугите на Шкотска, се вели во објавата на весникот на Твитер.

На 10 јули, ова издание го претстави Манчини како херој на „Храброто срце“ алудирајќи на истоимениот филм во кој се раскажува за борбата на Шкотска за независност против доминацијата на Англија.

Страницата на весникот беше придружена со текстот: „Спаси не, Роберто, ти си нашата последна надеж. Не можеме да ги издржиме да зборуваат за тоа уште 55 години“.

Во неделата Италија по втор пат стана европски шампион, додека Англичаните кои се подготвуваа за големо славје на „Вембли“ во Лондон, не успеаја за прв пат да го освојат трофејот на едно Европско првенство.


Руи Патрисио потпиша за Рома

Португалскиот чувар на мрежата Руи Патрисио е првото засилување на Жозе Мурињо во италијанскиот калчолигаш Рома.

Руи Патрисио во екипата на Рома ќе се пресели од англискиот премиерлигаш Вулверхемптон.

„Волците“, пак, местото голман ќе го пополнат со Хосе За кој треба да ги помине медицинските прегледи во клупската болница.


Украинецот Забарниј интересен за Јуве и Челзи

Челзи и Јувентус покажуваат сериозен интерес за младиот талент на Динамо Киев, Илија Забарниј, пренесуваат италијанските медиуми.

18-годишниот дефанзивец остави одличен впечаток за време на Европското првенство, каде беше незаменлив во тимот на Шевченко.

Челзи прв покажа интерес за Украинецот, но според последните информации Тухел одлучил да се насочи кон други цели.

Таквата ситуација е спремен да ја искористи Јувентус кој во моментов е во пол-позиција за потписот на Забарниј. „Старата дама“ е спремна да понуди 5,5 милиони евра плус бонуси.


Два поранешни европски прваци го сакаат Берарди

Милан, Ливерпул и Лестер се заинтересирани за италијанскиот репрезентативец Доменико Берарди. Милан сака да ја засили десната крилна позиција, а најголема желба на тренерот Пиоли е токму Доменико Берарди.

Берарди одигра уште една одлична сезона, постигна 17 голови, а покажува добри партии и на Европското првенство.

Меѓутоа, на „росонерите“ нема да им биде лесно да ја победат конкуренцијата бидејќи интерес за Италијанецот покажуваат уште Ливерпул и Лестер.

Сасуоло е спремен да го пушти, но за неговата слобода бара 40 милиони евра.


Само десет фудбалери во иста година освоиле ЛШ и Европско првенство

29-годишниот играч за врска на Италија и Челзи, Жоржињо го запиша своето име во историјата со тоа што стана еден од ретките играчи што постигнал едно несекојдневно статистичко достигнување, објави УЕФА на Твитер .

Според изворот, Жоржињо станал само десетти фудбалер кој во една сезона успеа да го освои Европското првенство и Лигата на шампионите. Минатата сезона за Челзи, Жоржињо учествуваше на 43 средби во сите натпреварувања, на кои постигна осум гола и две асистенции.

На Европскиот шампионат, тој одигра седум натпревари без да биде постигне гол или асистенција, но беше важен фактор во играта на својата репрезентација. Токму тој беше стрелец на решавачкиот пенал во дуелот со Шпанија во полуфиналето.


Мурињо: Еден фудбалер одби да шутира пенал

Италија го освои Европското првенство, ја совлада Англија во финалето по подоброто изведување на пенали, а трагичар за Англија беше 18-годишниот Букајо Сака, кој го промаши одлучувачкиот пенал.

По натпреварот во разговор за „Токспорт“ се огласи и тренерот на Рома, Жозе Мурињо, кој тврди дека има информации.

„Се случи играчите, кои требаше да бидат таму и шутираат пенал, да побегнат од одговорност. Не прашувајте ме за кој играч се работи, бидејќи нема да ви дадам име, но кажано ми е дека еден играч требаше да шутира, а тоа го одби. Понекогаш тоа се случува. Каде беше Рахим Стерлинг? Џон Стонс? Лук Шо? Сака да ја има судбината на нацијата на својот грб, тоа е премногу. Жал ми е за него.“ – рече Мурињо.