фудбал

Последните две премиерлигашки кола ќе се играат пред публика

Продолжуваат подготовките и преговорите меѓу Премиерлигата и британската влада за враќање на гледачите на стадионите во последните две кола од сезоната. Максимум 10.000 гледачи ќе можат да ги следат натпреварите на секоја домашна екипа од 18-20 мај и 23 мај. „Се надеваме дека во последните две кола ќе присуствуваат 10.000 луѓе по натпревар. Ние сме во постојани разговори со владата и се надеваме дека ќе обезбедиме фантастичен крај на сезоната”, рече извршниот директор на Премиерлигата Ричард Мастерс, за „Би-Би- Си“. „Кон крајот на сезоната ќе се приближиме на загуби од 2 милијарди фунти поради недостаток на навивачи на трибините оваа сезона и на крајот на минатата сезона. Клубовите продолжуваат да вложуваат пари за да ги подобрат своите состави, но вистината е дека фудбалот во моментов генерира помалку приходи и затоа ќе мора да се направат помали трошоци“, рече Мастерс.


Фудбалски рецитал на Пелистер, го „збриша“ Вардар со 0:6!

Младинската школа на ФК Пелистер, генерацијата 2007 предводена од тренерот Ѓоко Илијовски викендов во пријателски натпревар одигран во тренинг центарот на ФК Вардар го совлада лутиот ривал од Скопје со убедливи 0:6.
Школата на Пелистер отсекогаш важела за една од „најплодните“ кога станува збор за фудбалот и развивањето на младите таленти, а се чини дека и оваа генерација се движи по истиот пат. Иако се работи за пријателски натпревар, резултатот и победата од 0:6 на гостински терен не можат да бидат занемарени. Тренерот Ѓоко Илијовски на теренот ги поведе: Александар Балев, Горјан Груевски, Александар Ѓоргиевски, Леонид Стојановски, Ерџан Фејзуловски, Виктор Делов, Христијан Јовановски, Меритон Шабановски, Лука Лисолајски, Дарко Димитровски и Иван Иванов.
Спортските обложувалници ЕВРОТИП се верен и активен поддржувач на младинските селекции , со цел одржување на спортскиот дух кај најмладите во градот, како и развивање на фудбалери кои се надеваме во иднина ќе бидат носители на сениорскиот клуб, па можеби и на фудбалската репрезентација на Македонија. ација на Македонија.


Игра сјајно, па клубот го награди со нов договор

Рик Карсдорп го продолжи својот договор со италијанскиот клуб Рома.
Холанѓанецот минатата сезона ја помина во Феенорд, но сезонава успеа да се избори за место во тимот каде докажа дека се работи за квалитетен фудбалер.
Оваа сезона одигра 23 натпревари, забележа пет асистенции и има еден постигнат погодок.
Сега, тој потпиша нов договор кој ќе биде важечки до јуни 2025. година.
„Навистина сум среќен за продолжувањето на договорот. Сакам да им се заблагодарам на сите оние кои ме следеа на овој пат.“ – изјави Карсдорп.
Карсдорп пристигна во Рома во јули 2017. година за сума од 16 милиони евра.


Милан со сериозни проблеми да го задржи Франк Кеси

Медиумите во Италија се повикуваат на договорот играчот од Брегот на Слоновата Коска, Френк Кеси кој е до летото 2022 година, како и зголемениот интерес за него по серијата одлични настапи во средниот ред на „росонерите“. Прашањето за можни понуди до него стана особено актуелно по неговиот одличен натпревар против Манчестер Јунајтед во Лигата на Европа, по што англиските изданија веќе се натпреваруваат да му препишат нов клуб кој е заинтересиран за него. Сепак, Милан има поитни преговори за нови договори со нови играчи, бидејќи Џанлуиџи Донарума и Хакан Чалханоглу се практично слободни да договорат нови тимови затоа што ќе бидат слободни агенти во јули. Раководството на „росонерите“ со месеци разговараше за нови договори со нивните агенти, но сеуште нема договори.


„Со Гризман, Барса има 10 играчи на терен!“

Христо Стоичков е еден од оние поранешни фудбалери кој е доста ценет во Барселона, поранешниот бугарски фудбалер имаше што да каже за играта на овој тим, а посебен осврт даде на еден играч.
Стоичков немаше баш убави зборови за Антоан Гризман.
„Секогаш кога Гризман е на теренот, Барселона игра со десет играчи. Доколку сакаат да направат нешто на подолгорочни стази, тогаш мораат да го продадат. Тринкао и Брејтвајт мораат да бидат во тимот. Што прави Гризман таму?“ – вели Стоичков.
Гризман беше стрелец на 12 погодоци оваа сезона, но треба да се зборува за неговата неконстантност, му се случува често менување на формата, што не би смеело да е случај кога станува збор за играч за кој е платена толку голема сума.
Последниот гол кој го постигна Гризман беше на 3. февруари, а од тогаш одигра десет натпревари.


Поранешен фудбалер на Ливерпул доживеа срцев удар

Некогашниот фудбалер на Ливерпул, Марк Гонзалес доживеа срцев удар.
Овој 36-годишен фудбалер пред нешто повеќе од една година ја заврши активната кариера во Чиле, а неговата сопруга ја објави веста на социјалните мрежи.
Покрај тоа што напиша дека нејзиниот сопруг доживеал срцев удар, таа посочи и дека тој се чувствува „малку подобро“.
Неговите поранешни клубови Ливерпул и Бетис веќе објавија желби за што поскоро закрепнување.
Инаку, во текот на својата кариера Гонзалес играше за Универзидад Католика, Албасете, Ливерпул, Сосиедад, Бетис, ЦСКА, Спорт Ресифе, Коло-Коло и Магаљанеш.
За репрезентацијата на Чиле настапи на 56 натпревари и постигна шест погодоци.


Започнува лицитацијата, каде ќе се пресели Депај?

Мемфис Депај конечно може да се каже дека „созреа“ како фудбалер. Оној период во Манчестер Јунајтед кога направи трансфер од холандски ПСВ е веќе заборавен, од 2017. година е во Лион каде се пронајде себеси.
Депај е посебно добар на теренот оваа сезона, има импресивна форма во 2021. година бидејќи беше вклучен во 11 погодоци на Лион, постигна шест и додаде пет асистенции, повеќе од било кој друг играч во Лига 1.
Има одлична форма, а со тоа и интересот за неговиот потпис расте. Барселона покажуваше знаци, а останува да видиме кој друг европски клуб ќе се вклучи во трката, бидејќи неговиот договор со Лион завршува на крајот од оваа сезона.


Леверкузен ја одреди цената за играчот кој го бара Клоп

Спортскиот директор на Баер Леверкузен ја одреди цената за дефанзивецот за кој пројавува интерес и англиски Ливерпул.
Едмонд Тапсоба е фудбалерот кој оваа сезона ги привлекува скоро сите великани, помеѓу останатите и Ливерпул предводен од Јирген Клоп.
Тапсоба игра одлично во дресот на „аптекарите“ оваа сезона, па нормално е дека неговата цена достигна одредена висина, која изнесува 70 милиони фунти.
Токму таа е цената која Челзи ја плати минатата година за Хаверц, па Леверкузен уште еднаш сака да ја инкасира истата сума.
Тапсоба е репрезентативец на Буркина Фасо, а има само 22 години.


Позната тежината на повредата на Аријан Адеми

Тотенхем во Лондон на првиот натпревар од осминафиналето од Лига Европа го совлада Динамо Загреб со 2:0 со головите на Хари Кејн, но во 90. минута, кога средбата веќе беше решена, македонскиот репрезентативец Аријан Адеми со болна гримаса на лицето и помош на лекарите го напушти теренот, откако доби удар во еден дуел.
Капитенот на Динамо тешко се движеше и не можеше сам да се движи, па се стравуваше дека е потешко повреден. Тоа за Динамо би бил голем удар до крајот на сезоната, бидејќи Адеми е еден од клучните, ако не и клучниот играч за клубот.
Тренерот на Динамо по натпреварот изјави дека не ја знае тежината на повредата, но веќе се дозна дека се е во ред со Адеми.
Тој доби само малку посилен удар, но нема никакви последици и нормално ќе продолжи да настапува.
Тоа се одлични вести и за македонската репрезентација.


Халанд е главна мета на новиот претседател на Барселона

Прва мета на новиот претседател на Барселона, Жоан Лапорта е напаѓачот на Борусија Дортмунд Ерлинг Халанд, тврди Марка.
Лапорта се врати на функцијата на која беше од 2003. до 2010. година, откако освои скоро 55 отсто од гласовите.
Неговата инаугурација ќе биде наредната недела, но тој веќе има јасни планови. Одредени шпански медиуми пишуваа дека Лапорта сака да го доведе Халанд, а сега тоа го тврди и Марка.
Халанд има само 20 години, но и нереална статистика. Тој има постигнато 31 погодок и подели 8 асистенции во 29 натпревари за Дортмунд сезонава.
Неговиот договор со германскиот клуб е важечки до 2024. година, но Марка претпоставува дека неговиот трансфер би бил „тежок“ околу 100 милиони евра.
Покрај Халанд, клубот сака да доведе уште неколку играчи, но се работи за значително поефтини опции како што се Кун Агуеро, Давид Алаба и Џини Вајналдум, а сите тројца ова лето ќе бидат слободни играчи.