фудбал

Левандовски се израмни со легендата Герд Милер

Полската „гол машина“ на Баерн, Роберт Левандовски ја започна 2021 година со нов блесок – со два гола во победата на Баварците со 5-2 на домашен терен против Мајнц. Така Левандовски уште еднаш си најде место меѓу легендарните голгетери, овојпат покрај легендата Герд Милер. После Милер, Левандовски е играчот со најмногу голови по првите 14 кола од германскиот шампионат во историјата на Баерн. Милер е рекордер со 20 погодоци во првите 14 средби, а Левандовски веќе има 19 погодоци по првите 14 кола од сезоната 2020/21 во Бундеслигата. Баерн Минхен е лидер на табелата со 33 поени, а го следи РБ Лајпциг со 31 и Баер Леверкузен со 28 поени.


Јуве купува напаѓач, Жиру или Љоренте опции за Пирло

Еден од приоритетите на Јувентус во овој преоден рок ќе биде централен напаѓач. „Бјанконерите“ имаат намера да доведат некој кој нема скапо да го платат, а во игра се две имиња. Една од опциите е Фернандо Љоренте кој веќе во минатотo го носеше дресот на „старата дама“, а втората е напаѓачот на Каљари, Лука Паволети. Теретот на првиот дел од сезоната на свој грб го изнесоа Кристиjано Роналдо и Алваро Мората, додека Паоло Дибала разочара. Желба на Јувентус е и Оливие Жиру, но според најавите од Италија Французинот во овој момент е прескап за клубот од Торино.


Покетино во ПСЖ остана надвор од топ 10 платените менаџери на светот

Маурисио Покетино викендов и официјално стана нов тренер на Париз Сен жермен, откако на Божиќ отказ доби германецот Томас Тухел.
Покетино со францускиот шампион постигна договор на една и пол сезона, со можност договорот да биде продолжен на уште една година. Според потпишаното, аргентинскиот стручњак ќе заработува седум милиони годишно, што не го сместува ниту помеѓу десетте најплатени тренери на светот.
Прв на таа листа е тренерот на Манчестер Сити, Пеп Гвардиола кој годишно заработува 23 милиони евра, а десетти е тренерот на Баерн, Ханси Флик кој има годишна плата од осум милиони евра.
Единствените двајца тренери кои се на листата, а не се во Европа, се Рафаел Бенитез и Фабио Канаваро, кои работат во Кина. Тие се четврт и петти на листата најплатени со плата од 13,5 милиони, односно 12 милиони евра годишно.


“Спектакуларен” трансфер на Едгар Давидс!

Славниот холандски фудбалер Едгар Давидс, го презеде португалскиот третолигаш Олханенсе, откако овој клуб минатиот месец ја раскина соработката со неговиот претходник, јавуваат медиумите од Португалија.
Последниот ангажман на Давидс беше како тренер на холандскиот второлигаш Телстар.
Давидс својата кариера ја заврши во 2014. година во англискиот нисколигаш Барнет, каде и ги имаше своите први чекори како тренер.


Жиру откри каде сака да ја заврши кариерата

Искусниот француски напаѓач, Оливие Жиру изјави дека би сакал да ја заврши кариерата во Челзи, со кого има договор до крајот на сезоната.
Статусот на репрезентативниот шампион на светот на „Стемфорд Бриџ“ се провлекува веќе неколку месеци, но во изјавата за француските медиуми откри дека нема намера да ја менува средината.
„Остатокот од мојата краткотрајна кариера го гледам во Челзи. Знаеме дека во фудбалот се се одвива многу брзо. Се ќе се знае на крајот од сезоната.“ – изјави Жиру.
Французинот со доаѓањето на Тимо Вернер ова лето падна во втор план, но на крајот од годината постигна четири погодоци против Севиља во ЛШ, со што повторно го заслужи вниманието.


Гвардиола: Сакав да се пензионирам, но сега се предомислив

Пеп Гвардиола пред медиумите призна дека размислувал да ја заврши тренерската кариера, но се предомислил. Шпанецот ќе наполни 50 години, а веќе долго време е еден од најдобрите тренери во светот. Кариерата ја започна во Барселона, каде испиша историја, потоа го водеше Баерн Минхен, а сега е на кормилото на Сити.
„Со тек на годините станав подобар. Искуствата ми помогнаа многу за да напредувам. Мислев дека ќе ја завршам кариерата, но се предомислив. Наскоро ќе наполнам 50 години“, кажа Гвардиола.


Роналдо го сруши Пеле, пред него само уште еден фудбалер!

Кристијано Рoналдо во победата на Јувентус над Удинезе во 15. коло од Серија А постигна два погодоци, со кои оствари историски потфат Португалскиот генијалец го прескокна бразилскиот. Роналдо со овие два гола дојде до 758 погодоци во кариерата, со што стана подобар од Пеле, кој има вкупно 757. Пред Роналдо остана уште Јосеф Бикан. Голгетерот кој од 30. до 50. години од минатиот век „растураше“ низ Австрија и Чехословачка, има 759 погодоци. Ваков учинок на тројцата најефикасни фудбалери во историјата даваат највлијателните статистички показатели. Меѓутоа, постојат и параметри според кои Роналдо е дури четврт. Според тие извори, пред него се Пеле (767), Ромарио (772) и Бикан со 805 голови.


„И вонземјани би сфатиле дека ВАР му помага на Реал!“

Главен фаворит за нов претседател на Барселона е Жоан Лапорта, кој веќе беше на таа позиција од 2003. до 2010. година. Во спроведените анкети, навивачите најмногу го посакуваат него како нов претседател, а Лапорта им ветува дека ќе го задржи Меси и ќе ја врати Барселона на врвот на шпанскиот и светскиот фудбал. Додатни симпатии најверојатно ќе добие и по коментарите на сметка на Реал Мадрид и ВАР. „Доколку вонземјани дојдат на оваа планета, многу брзо ќе сфатат дека ВАР го фаворизира Реал.“ – изјави Лапорта во разговор за Марка. Предизборната кампања стартува на 15 jануари, додека изборите се на 24. јануари.


Голманите избраа – Буфон е најдобар во историјата!

Италијанскиот голман Џанлуиџи Буфон е избран за најдобар фудбалски голман на сите времиња во изборот на неговите колеги, меѓу кои беа и Мануел Нојер и Петер Шмајхел, пренесуваат италијанските медиуми. Во анкетата која ја направи „Газета дело Спорт“, прашањето кој е најдобар голман на сите времиња беше испратено на адреса на 18 голмани од 18 земји. Многу од нив не можеа да се одлучат, па именуваа повеќе од еден голман, а најмногу гласови доби голманот на Јувентус, Џанлуиџи Буфон, вкупно седум. Втор во изборот беше рускиот голман Лав Јашин со пет гласови, а трет Дино Зоф со два. По еден глас добија Гордон Бенкс, Икер Касиљас, Сеп Мајер, Ладислао Мазуркевич, Рожерио Сени, Клаудио Тафарел и Петер Шмајхел. „Џиџи е неверојатен, секогаш сум се угледувал на него, не само на теренот каде има феноменални рефлекси, туку и поради неговиот карактер надвор од терен.“ – изјави голманот на Баерн, Мануел Нојер, кој гласаше за Буфон.


Ибра се враќа во репрезентацијата на Шведска, ќе игра и на ЕП 2020

„Газета дело Спорт“ во своето денешно издание пренесе ексклузивна вест поврзана со Златан Ибрахимовиќ. Имено, искусниот напаѓач би можел да се врати во репрезентацијата на Шведска за претстојниот континентален собир кој е закажан за летото 2021 година. Во јавноста селекторот на Шведска, Јан Андерсон во неколку наврати зборуваше дека нема намера да го повикува Ибрахимовиќ, но како што стојат работите тој веројатно ќе попушти со своите ставови. Причината за тоа е што Ибрахимовиќ го направил првиот чекор и разговарал со Андерсон на состанок на кој е пронајден заеднички јазик и по кој веројатно Ибра ќе се најде во составот на шведската репрезентација.