фудбал

Милан му нуди трампа на Ливерпул: Кеси за Тиаго

Милан размислува за размена на играчот од средниот ред Франк Кесие за играчот на Ливерпул, Тиаго Алкантара.

Договорот на играчот од Брегот на Слоновата Коска истекува следното лето и во оваа фаза тој одбива повторно да потпише. Така, за да не го загубат без пари, „росонерите“ во јануари ќе се обидат да го разменат за шпанскиот репрезентативец , објавија медиумите во Милано. Директорите на Милан, Фредерик Масара и Паоло Малдини, тргнаа да преговараат за ваков договор со преставниците на Ливерпул.

Од Ливерпул може да размислат за таков предлог, бидејќи Кесие е играч кој го сака Јирген Клоп. Тој е 6 години помлад од Тиаго Алкантара, а покрај тоа, Шпанецот не импресионираше во својата прва сезона на „Енфилд“, постигнувајќи само 1 гол на 30 натпревари.
Инаку, за само неколку дена Ливерпул и Милан ќе го продолжат ривалството во Лигата на шампионите. Двата тима се соочуваат еден против друг следната среда на „Енфилд“ во натпревар од групата Б.


На Озил му здодеа во Фенер, се сели во МЛС лигата?

Месут Озил има уште три години од неговиот договор со Фенербахче, но играчот за врска веќе во јануари би можел да ја промени средината.

Според најавите од Турција Озил не е среќен во Фенербахче каде што дојде пред само осум месеци. Тогаш тврдеше дека играњето за турскиот гигант за него е исполнување на сонот.

Во Фенербахче пристигна како слободен играч од Арсенал кој долго време се обидуваше да се ослободи од неговата огромна плата од 350.000 фунти неделно.

Озил не ги оправда очекувањата од него во Турција, па сега се најавува дека би можел во МЛС лигата.


Поради физички напад – Боатенг ќе плати скоро два милиони евра

Германскиот повремен репрезентативец, Џером Боатенг ќе мора да плати 1.8 милиони евра оштета за физички напад на својата поранешна девојка, одлучи судот во Минхен.

Сканадалот се случил пред три години, кога Боатенг беше обвинет од неговата поранешна девојка Шерин Сенлер дека физички ја нападнал.

Боатенг го загуби случајот на суд, па покрај финансиската казна може да заврши и во затвор најмногу до пет години.

Дефанзивецот јавно говореше дека Сенлер е ментално нестабилна, дека сакала да се самоубие и затоа ја прекинала врската со него, но сега приказната доби поинаков расплет.


Македонски талент пред „вратите“ на Партизан

Димитар Митровски од ова лето повеќе не е член на тимот на Спортинг Лисабон.

Фудбалерот кој со Дарко Чурлинов беше носител на играта на у21 репрезентацијата на Македонија наскоро би можел да има нов клуб затоа што преку проба ќе се обиде да се наметне кај еден од најдобрите балкански клубови, Партизан.

Медиумите во соседствоот пренесуваат дека 22 годишниот Митровски ќе се обиде да ги задоволи апетитите на тренерот на Партизан,  Александар Станојевиќ.

Преодниот рок во Србија завршува на 17 септември, па дотогаш веројатно ќе биде познато дали Митровски ќе направи трансфер во тимот кој оваа сезона ќе се натпреварува во групната фаза во Конференциската лига на УЕФА.


Ветеранот Љоренте бара нов клуб, најблиску е до потпис во Чемпионшип

Фернандо Љоренте во моментов е слободен агент откако му заврши договорот со Удинезе и си бара нов клуб.

Љоренте нема намера да стави крај на кариерата и активно бара нов ангажман, пренесува „Мундо Депортиво“.

Медиумите откриваат дека Љоренте бил предложен на Интер и Јувентус, меѓутоа тие не покажале интерес за ветеранот.

Постои можност Љоренте да ја продолжи кариерата во Чемпионшип, бидејќи во моментов е слободен агент и слободно може да потпише со нов клуб.


У-19 репрезентацијата на меѓународен турнир во Словенија

Mладата репрезентација на Македонија предводена од селекторот Дашмир Беари во периодот од 1. до 7. септември учествуваше на меѓународен турнир за фудбалери до 19 години во Словенија.

Нашите млади фудбалери на овој турнир одиграа три силни натпревари против домаќинот Словенија, Саудиска Арабија и Словачка.

Првиот натпревар го одигравме на 2. септември против Словенија. Нашите фудбалери може да жалат за претрпениот пораз од домаќинот. Македонија имаше предност од 2:0 и 3:1, но на крајот беа поразени со 4:3. Одличен натпревар одигра нашиот голман Гоце Јовчев, кој покрај одбранетиот пенал на противникот имаше и неколку одлични интервенции.

Во второто коло, Македонија одигра натпревар против Саудиска Арабија. На овој меч, нашите репрезентивци имаа предност од 1:0, но на крајот Саудиска Арабија постигна погодок за израмнување за конечни 1:1. Натпреварот го одбележа тешката повреда на нашиот фудбалер, Андреј Стојчевски, кој доживеа скршеница на раката.

Последниот дуел го одигравме против селекцијата на Словачка. Натпреварот заврши идентично како и дуелот со Саудиска Арабија, 1:1. Нашите фудбалери доминираа во текот на целиот натпревар, беа подобар противник, создадоа многу шанси, но на крајот не успеаа да слават победа. 

„Задоволен сум од прикажаната игра, мислам дека резултатот не ја опишува вистинската слика на теренот. На моменти имавме пад на концентарција, мислам дека тоа не чинеше многу на овие три натпревари. Сакам да ја искористам оваа прилика да му посакам брзо закрепнување на нашиот фудбалер, Андреј Стојчевски, кој заработи тешка повреда на дуелот со Саудиска Арабија“. – изјави селекторот Беари.

Нашата репрезентација во октомври ќе одигра два контролни натпревари против Турција, како подготовка за ноемврискиот квалификациски турнир.


Меси во солзи – постигна хет-трик и сруши голем рекорд! (видео)

Лионел Меси со три погодоци му донесе победа на Аргентина над Боливија со 3:0 во квалификациите за Светското првенство.

Еден од најдобрите фудбалери на сите времиња со хет-трик го сруши рекордот на Пеле по број на голови за некоја јужноамериканска репрезентација и така стана најдобриот стрелец во историјата на репрезентативниот фудбал во Јужна Америка. Меси постигна 79 погодоци, два повеќе од Пеле.

Аргентинците на овој натпревар со навивачите го прославија трофејот од Копа Америка, а Меси покажа колку му значи тој трофеј.

„Тоа е тоа, ова беше мојот сон. После толку години чекање… немаше поубаво место за прослава. Мојата мајка беше тука, мојот брат… сите многу патевме, а сега славиме. Пресреќен сум.“ – рече Меси.

Аргентина по осум натпревари во квалификациите има пет победи и три нерешени натпревари и го држи второто место на табелата зад Бразил, кој знае само за победи.

https://twitter.com/Sabir_Scrip/status/1436193518385573896

Тодоровски и Хајдари ги продожија договорите со Работнички

Фудбалскиот клуб Работнички по заокружување на летниот преоден рок се фокусира на фудбалерите од сопствениот погон. Клубот ја продолжи соработката со двајцата одлични млади фудбалери, младинскиот репрезентативец Димитар Тодоровски и напаѓачот Бујар Хајдари.

Фудбалерот за врска Димитар Тодоровски го продолжи договорот за една дополнителна година. Тој е дете на клубот и останува „романтичар“ до јуни 2023 година.

Напаѓачот Бујар Хајдари потпиша двегодишен договор со Работнички.

„По заокружувањето на летниот преоден рок, клубот се фокусира на продолжување на договорите на сопствениот кадар. Продолжувањето на соработката со младите и талентирани фудбалери отсекогаш било цел на Работнички. Димитар Тодоровски е веќе докажан првотимец, дете на клубот и младински репрезентативец и ни претставува особено задоволство што ќе остане во клубот и во наредниот период. Бујар Хајдари исто така потекнува од нашата младинска академија и веруваме дека ќе се наметне со целиот потенцијал во претстојната сезона“, изјави спортскиот директор Горан Станковски.

Работнички в недела, во продолжението на првенствената сезона на арената „Тодор Проески“ го пречекува тимот на Брегалница.


Тебас продолжува со напади на адреса на ПСЖ

Првиот човек Примера, Хавиер Тебас, повторно ги критикува челниците на ПСЖ кои трошат енормни суми за засилувања.

„Тоа што го прави ПСЖ е исто толку опасно како и проектот за Супер- лигата бидејќи ќе го уништи европскиот фудбал. Клубот троши повеќе од 600 милиони евра за плати. Тоа не може да преживее“, рече Тебас.

Познато е дека шпанскиот шампионат останa без две големи ѕвезди откако Лео Меси и Серхио Рамос се преселија на „Паркот на принцовите“ како што тоа пред неколку години го направи Нејмар .


Мароканецот Ен Незири најнова трансфер цел на Арсенал

Арсенал е силно заинтересиран за напаѓачот на Севиља, Јусуф Ен Несири.

24-годишниот Мароканец одигра фантастична сезона со Севиља и го привлече вниманието на многу европски гиганти, меѓу кои и на Арсенал.

„Топџиите“ сакаат да го донесат напаѓачот следното лето, бидејќи Севиља тешко дека ќе се согласи да го пушти најдобриот играч на средина од сезоната.

Арсенал се очекува следното лето да се раздели со Обамејанг и Лаказет, па Ен Несири ќе биде примарна трансфер цел.