фудбал

Инсиње следното лето се сели во МЛС лигата

Играчот од средниот ред на Наполи, Лоренцо Инсиње, следната сезона може да се пресели во МЛС лигата. Како што објавија некои италијански медиуми, агентот на Инсиње добил примамлива понуда од канадскиот тим Торонто.

Договорот на играчот со наполитанскиот клуб е со важност до крајот на оваа сезона, па затоа Торонто би сакал да год оведе како слободен играч. Канаѓаните му понудиле на Инсиње 3-годишен договор со плата од 8 милиони евра годишно, што реално, е одлична понуда и за која италијанскиот репрезентативец треба сериозно да размисли.


Барселона закажа официјална презентација за Феран Торес

Спортскиот весник „Мундо Депортиво“ ја пренесе веста дека Фудбалскиот клуб Барселона, официјална вест за трансферот на Феран Торес од редовите на Манчестер Сити, ќе ја објави на 27. декември.

Веќе за наредниот ден е планирана и презентација на Торес како играч на клубот од „Камп Ноу“. Според информациите, подготовките за настанот веќе се започнати.

Барселона за трансферот на 21-годишниот шпански репрезентативец ќе плати 55 милиони евра плус дополнителни 10 милиони во бонуси.


Клоп го сака Камавинга на позајмица во јануари

Ливерпул е силно заинтересиран за младата ѕвезда на Реал Мадрид, Едуардо Камавинга, пренесуваат медиумите на Островот.

19-годишниот Французин ова лето пристигна на „Сантиаго Бернабеу“ и веднаш го покажа својот квалитет, но има мала минутажа поради големата конкуренција во средниот ред на „кралевите“. Ливерпул сака да ја искористи таквата ситуација и спрема напад на Камавинга во зимскиот преоден рок.

„Камавинга и Валверде мора да напредуваат и да разберат дека тие ќе ја преземат лидерската улога во иднина. Камавинга има огромен квалитет и талент, но мора да учи и да добива искуство“, изјави Анчелоти.

„Црвените“ спремаат богата понуда, но тешко дека Реал ќе дозволи да го загуби еден од најголемите таленти во тимот.


Оливер Кан: Баерн нема потреба од Халанд, ние си го имаме Левандовски

Извршниот директор на Баерн Минхен, Оливер Кан, во интервју за германските медиуми изјави дека клубот не е заинтересиран за доведување на ѕвездата на Борусија Дортмунд, Ерлинг Халанд.

„Што ќе ни е Халанд, кога ние го имаме Левандовски“, изјавил Кан.

Роберт Левандовски иако има 33 години, продолжува да ги тресе мрежите во Бундеслигата. Неговиот договор со Баерн Минхен има важност до 2023 година.


Костадинов промовиран во полскиот Пјас Гливици

Тихомир Костадинов ја продолжува кариерата во Пјас Гливици од Полска, тим со кој потпиша договор до 2025 година.

Костадинов се одлучи да го напушти Ружемборк каде што настапуваше во претходните четири сезони и сега 25-годишниот фудбалер од средниот добива нов предизвик.

„За мене ова беше лесна одлука. Сигурен сум дека правам чекор напред во кариерата. Пјаст е голем клуб и игра во силна лига, мило ми е што добивам ваква прилика. Се надевам ќе помогнам за подобри резултати на тимот“, изјави Костадинов.


Гвардиола: Нема да купуваме напаѓач оваа зима

Тренерот на Манчестер Сити, Пеп Гвардиола, на новинарско прашање во врска со потенцијални засилувања во нападот на тимот, одговори дека не планира доведување на нов голгетер во јануарскиот трансфер период.

„Нема да доведуваме ниту еден напаѓач оваа зима“, истакна шпанскиот тренер на прес конференцијата, каде меѓу другото го потврди и заминувањето на Феран Торес во Барселона.

После ова е јасно дека Манчестер Сити, остатокот на сезоната ќе го одигра со еден класичен центарфор – Габриел Жесус. Но Гвардиола повеќе пати во улога на напаѓачи ги користи и Фил Фоден како и Рахим Стерлинг.

Нема сомнеж дека популарните „Граѓани“, планираат засилување за следното лето и ќе припремат примамлива финансиска понуда за тоа. Останува да се види дали повторно ќе тргнат по Хари Кејн или во план се и Душан Влаховиќ, односно Ерлинг Халанд.


Сите спортски манифестации во Германија ќе бидат без публика

Германскиот канцелар, Олаф Шолц, соопшти дека сите спортски натпреварувања во Германија, започнувајќи од 28.декември ќе се играат без публика.

Оваа одлука е донесена поради ширењето на омикрон сојот на коронавирус.

„Големите меѓурегионални настани повеќе нема да можат да се одржуваат со присуство на публика. Тоа особено се однесува на фудбалските натпревари“, истакнува Шолц.

Германската фудбалска лига со натпревари продолжува на 7.јануари.


Буфон: Доаѓањето на Роналдо во Јувентус ја промени тимската ДНК

Легендарниот голман на италијанската репрезентација и на екипата на Јувентус, изјави дека пристигнувањето на Кристијано Роналдо во Јуве во 2018 година доведе до губење на тимската ДНК.

„Јувентус имаше шанса да ја освои Лигата на шампионите во првата година кога дојде Роналдо, тоа беше годината кога бев во Пари Сен Жермен и не можев да сфатам што се случи. Кога се вратив, работев со Роналдо две години и добро се снајдовме заедно, но мислам дека Јувентус ја загуби својата ДНК како тим. Стигнавме до финалето на Лигата на шампионите во 2017 година бидејќи бевме тим полн со искуство, но пред се генерално бевме едно, имаше голема конкуренција во составот. Со доаѓањето на Кристијано го загубивме тоа“, изјави Буфон.

Роналдо во дресот на „бјанконерите“ постигна 101 гол на 135 натпревари и два пати беше освојувач на Серија А. Но клубот со Роналдо во своите редови, три години не успеа да го мине четвртфиналето во Лигата на шампионите.


Одложени два натпревари од божиќната програма на Премиер лигата

Деновите што претстојат отсекогаш биле посебен период во животот на секој љубител на англискиот фудбал. Како што се приближува популарниот „Боксинг деј“, толку е поголема еуфоријата кај сите навивачи. За жал, се чини дека овој фудбалски празник нема да биде вистинскиот сезонава, а се надеваме дека нема да има целосно одложување, што е се пореално.

Натпреварите меѓу Ливерпул и Лидс, односно Волвс и Ватфорд се одложени поради зголемениот број на позитивни случаи на коронавирус. Овие две средби требаше да ја отворат целата програма и низата на возбудливи натпревари, на 26 декември. Лидс и Ватфорд беа лидери и креатори на овој предлог, а четата на Марсело Бјелса беше принудена дури и да го затвори тренинг кампот. Што се однесува до моменталниот однос на челниците во лигата, планот е натпреварите, без разлика на неизбежните одложувња, да се одиграат, барем некои од нив. Буквално секој натпревар ќе биде под голем знак прашалник до последен момент.


Спалети: Уморни сме, одморот добро ќе ни дојде

Фудбалерите на Наполи вчера доживеаја шокантен пораз од Специја на домашен терен а нивниот тренер, Лучијано Спалети, проценува дека екипата е истрошена и дека и треба одмор.

„Имавме неколку навистина лоши натпревари во последно време. Првин треба да се одмориме а потоа и да ги анализираме грешките.Предолго ја контролиравме средбата и не успеавме да направиме конкретна шанса“, вели Спалети.

Наполи по кратката пауза во Серија А, на 6 јануари го чека дербито на теренот на Јувентус.