фудбал

Повик од Премиер лигата за Николо Барела

Николo Барела, може да добие понуда да се пресели во Премиер лигата.
Наводно, за неговите услуги се заинтересирани Ливерпул и Тотенхем. 23-годишниот Барела кој потекнува од школата на Калјари се пресели на „Џузепе Меаца“ за 40 милиони евра. Тој има договор со Интер до 2024 година што значи дека неговата откупна клаузула ќе мора да се активира доколку некој сака да го купи.
Медиумот од „чизмата“ проценува дека „нероаѕурите“ сепак нема да му дозволат да си замине бидејќи во континуитет покажува одлични партии на теренот.


Норвежанецот Одегард преговара со Арсенал

Мартин Одегард побарал трансфер од Реал Мадрид бидејќи не е задоволен од минутажата која ја добива оваа сезона.
Одегард оваа сезона на теренот беше само 367 минути, по што тој бара да биде позајмен во друг клуб, иако Зидан сака да го задржи до крајот на сезоната.
Најсилен интерес за Норвежанецот покажува Арсенал и „топџиите“ веќе стапиле во контакт со неговиот агент.
Шпанските медиуми пишуваат дека за 22-годишниот фудбалер, се уште не донел одлука дали да ја прифати понудата на „топџиите“ бидејќи интерес за него покажува и Реал Сосиедад.


Милик претставен на „Велодром“ во Марсеј

Аркадиуш Милик, кој многу често мораше да прави паузи поради повреди, до крајот на сезоната ќе ги брани боите на Олимпик Марсеј, објави екипата од Неапол.
Корпулентниот напаѓач во тековнава сезона нема одиграно ниту еден дуел за италијанскиот состав кој му дозволи да направи трансфер во елитниот тим од Франција.
Доколку луѓето од „Велодром“ бидат задоволни со настапите на Полјакот, тогаш на крајот на сезоната ќе може да му го откупат договорот.


Маркус Пауло од Флуминенсе се сели во Атлетико Мадрид

Атлетико Мадрид е блиску до комплетирање на трансферот на бразилскиот крилен напаѓач, Маркос Пауло од Флуминенсе.
Лидерот од Примера води преговори со Флуминенсе веќе еден месец, а агентот на играчот веќе има комплетен договор со „јорганџиите“.
Се очекува Пауло сега да потпише договор со Атлетико и да остане во Флуминенсе до крајот на сезоната.
Маркос Пауло дебитираше за првиот тим во 2019 година, а оваа сезона постигна 3 гола на 25 меча.
Бразилецот беше мета на неколку европски гиганти, но Атлетико успеа да ја победи конкуренцијата.


Стефан Ристовски се сели во грчкиот шампион?

Според информациите на португалскиот медиум „О’Жого“, македонскиот репрезентативец Стефан Ристовски сезоната ќе ја доигра во Олимпијакос, со што ќе заврши неизвесноста за дефанзивецот кој подолго време не е во прв план на тренерот на Спортинг.
Преговорите меѓу Спортинг и Олимпијакос се во завршна фаза, апрашање на време е кога ќе сеофицијалзира трансферот на Ристовски во Олимпијакос.
Ристовски наводно ќе биде позајмен на Олимпијакос со обврска клубот од Грција подоцна и перманентно да потпише договор со македонскиот репрезентативен десен бек.


Агуеро позитивен на коронавирус, ги пропушта наредните три натпревари

Напаѓачот на Манчестер Сити, Серхио Агуеро објави дека е позитивен на коронавирус. Агуеро ги пропушти последните два натпревари на „граѓаните“ бидејќи беше во самоизолација поради близок контакт со заразена личност, а сега тој ја потврди информацијата дека и самиот е позитивен на вирусот. Сити игра три натпревари во наредните 10 дена, а голема е веројатноста дека Агуеро нема да настапи на ниту еден од нив.


Клоп е искрен, „глупаво“ е да се зборува за титула!

Тренерот на Ливерпул, Јирген Клоп изјави дека поразот од Барнли е „тежок удар“ и ја презеде целосната одговорност. „Ова е тешка шлаканица. Ако нешто не оди, морате повеќе да се трудите, почесто, подолго. Ако седам тука, изгубам од Барнли, не дадам гол на најмалку четири натпревари и зборувам за трката за титулата, колку би било тоа глупаво?“ – изјави Клоп. Ливерпул сега заостанува шест бода зад лидерот Манчестер Јунајтед, а нема победа во последните пет натпревари во Премиерлигата. Викендов има нов тежок предизвик, против Јунајтед во ФА Купот, а потоа уште две тешки гостувања во Премиерлигата, кај Тотенхем и Вест Хем, сето тоа во седум дена.


Мануел Нојер го израмни рекордот на Оливер Кан

Мануел Нојер може да се пофали со уште едно значајно достигнување. На натпреварот против Аугсбург (1:0), тој го израмни рекордот на Оливер Кан за најмногу „суви мрежи“ во Бундеслигата. Двајцата не примија гол на 196 натпревари во елитната германска лига. На мечот со Аугсбург домаќините промашија пенал и тоа му помогна на Нојер да го повтори достигнувањето на Кан. Ова беше само трет натпревар оваа сезона на кој Нојер не прими гол. „Имаме 39 бода и се наоѓаме на првото место. Беше важно да се вратиме на победите по неколку слаби игри. Сигурно ќе го анализираме нашиот учинок и ќе играме подобро следниот пат”, изјави тренерот на Баерн, Ханси Флик.


Белоти не сака нов договор, желба му е трансфер во Милан

Андреа Белоти, нема намера да го продолжи договорот со Торино, бидејќи сака на крајот на сезоната да го напушти тимот, објавија дел од медиумите. Популарните „бикови“ во тековнава сезона се борат да опстанат во Серија А, а Белоти во контактите со раководството побарал да му биде дозволено да си замине иако неговиот договор истекува во 2022 година. Наводно врвниот голгетер има договор со Милан и сака кариерата да ја продолжи во редовите на „росонерите“ кои во тековнава сезона се борат за титулата во италијанското Калчо.


Премиерлигата воведува ново правило, тренерите ќе бидат среќни

Новото правило за замени на фудбалерите во текот на натпреварот во случај на потрес на мозокот на некој од нив, ќе биде тестирано во Премиерлигата каде расте загриженоста поради повреди на главата, а тоа го договорија клубовите.
Тимовите во текот на натпреварите ќе можат да извршат две дополнителни замени во случај некој од играчите да доживее потрес на мозокот во текот на натпреварот или ако постои сомнеж за тоа.
Правилото ќе започне да се применува кога лигата заедно со ФИФА ќе ги утврдат деталите, вклучувајќи го и пристапот до приватните медицински податоци на играчите.
„Додатните замени поради нечиј потрес на мозокот можат да се извршат без оглед на бројот на замени кои веќе биле извршени во текот на натпреварот.“ – наведува Премиерлигата.
Овој потег на англиската Премиерлига доаѓа по тешката повреда на напаѓачот на Вулверхемптон, Раул Хименез, кој заработи фрактура на черепот на натпреварот против Арсенал.