фудбал

„Не треба посебен мотив да се игра против Германија“

На официјалната прес конференција во пресрет на натпреварот против Германија од квалификациите за Светското првенство 2022. селекторот на македонската репрезентација, Игор Ангеловски и капитенот Горан Пандев истакнаа дека посебна мотивација за мечот со големиот противник и не треба. Германија е голем фаворит, но ние во минатото покажавме дека можеме да се носиме и со репрезентации од рангот на противникот.
„Германија не е фаворит само против нас, туку е фаворит на сите Светски и Европски првенства. Ова ќе биде специјален меч за нас и ќе биде задоволство да се игра со ваков противник. Затоа не ни треба посебна мотивација и самото тоа што играме против поранешен светски шампион ни ја зголемува желбата и мотивот за надигрување. Очекувам возбудлив натпревар. Против силни противници играме добро. Верувам дека така ќе биде и на утрешниот дуел. Германците се физички силни и имаат огромен квалитет. Доколку после тренингот биде се добро со Велковски и Адеми и двајцата ќе конкурираат за место во почетникот состав.“ – изјави Ангеловски.
„За нас е чест што ќе играме против голем противник. Ние сме подготвени да го дадеме максимумот, иако ова ќе ни биде трет натпревар за седум дена. Германците знаат против кого играат, знаат со каков квалитет располагаме и сигурно одлично ја анализирале нашата игра. Но, ние сме сосема различна репрезентација од пред пет или шест години, сега сме далеку посилни, сега сме учесници на ЕП и сметам дека и противникот ќе биде претпазлив. Тие се фаворити, тоа е јасно, но мораме да веруваме во себе и да веруваме дека може да ги изненадиме.“ – изјави Пандев.


Марадона е пред Меси за фановите на Барса

Навивачите на Барселона го прогласија Диего Армандо Марадона, како најдобар фудбалер што настапил во дресот на Каталонците гледано низ историјата. Веднаш до Аргентинецот е неговиот сонародник, Лео Меси, кој е сопственик на неколку рекорди. Потоа се наредени: Роналдињо, Јохан Кројф, Андрес Иниеста, Чави, Луис Суарез, Роналдо, Жерард Пике и Карлес Пујол. На листата што ја направија фановите ги нема Нејмар, Ривалдо и сегашниот тренер, Роналд Куман.


Англичаните ветија фанови за Европското првенство

Шефовите на Фудбалската асоцијација на Англија преговараат со УЕФА да им се дозволи најмалку 45.000 гледачи на Вембли за време на натпреварите на ЕП 2020 . Ако состојбата со пандемијата започне да се смирува, тогаш бројката може да се искачи на 60 000. Англија е подготвена да организира повеќе натпревари од шампионатот. Сите федерации имаат рок до 7 април да објават колку гледачи ќе можат да бидат присутни на трибините. Потоа УЕФА ќе одлучи дали ќе има одредени промени од организациски аспект.


Гатузо и Наполи нема да го откупат Бакајоко од Челзи

Фудбалерот од средниот ред на Челзи, Бакајоко, кој во моментов е на позајмица во Наполи, ќе го напушти италијанскиот клуб на крајот од сезоната. Обновување на позајмицата или откуп на играчот не е дел од идните планови на Наполи. Претходно, агентот на Бакајоко изјави дека фудбалерот е подготвен да го продолжи договорот за закуп со италијанскиот клуб. Францускиот играч за врска се пресели во Челзи од Монако во 2017 година, беше на позајмица во Милан и Монако во последните две сезони, а сега е позајмен во Наполи. Во тековната сезона во италијанската Серија А, Бакајоко одигра 23 натпревари и постигна еден гол.


Повредата е минато, Фирмино се враќа за дербито со Арсенал

Роберто Фирмино се врати на тренинг по повредата на коленото пред гостувањето на Арсенал во Премиер лигата во сабота. Фирмино ги пропушти последните три натпревари на „црвените“, но учествуваше на тренингот синоќа, покажуваат фотографиите на клупската веб-страница. Бразилецот оваа сезона има шест голови и пет асистенции на 27 натпревари од шампионатот. Ливерпул сè уште е без централните дефанзивци Вирџил ван Дајк и Џо Гомез (двајцата со повреди на коленото), Жоел Матип (скочен зглоб) и играчот за врска Џордан Хендерсон. Ливерпул ја освои својата прва титула во Англија во последните 30 години минатата сезона, но повредите и лошата форма ги оставија на седмото место на табелата во моментов со 46 бода, 25 помалку од лидерот Манчестер Сити.


Лампард доби нова понуда, оди на меѓународна сцена!

Како што пишуваат медиумите во Англија, Френк Лампард би можел да добие нов ангажман.
Имено, фудбалскиот сојуз на Англија размислува за именување на легендарниот фудбалер кој после искуството во Дерби, во втората сезона во Челзи доби отказ.
Тренерот на младата репрезентација Енди Ботројд ќе замине од клупата, договорот му истекува на лето и нема да биде продолжен, по неуспехот на Европското првенство за млади играчи.
Лампард би бил логичен избор, тој е легенда која би ги инспирирала младите играчи, ќе може да создаде нова генерација и во иднина би бил евентуален избор и за селектор на сениорскиот тим.
Но, прашање е дали Лампард ќе ја прифати понудата на ФА, бидејќи после отказот во Челзи се уште планира да се обиде во нов клуб.


Карашев од Русија ќе го води дуелот Германија – Македонија

Рускиот судија Сергеј Карашев е делегиран за главен судија на натпреварот меѓу Германија и Македонија утре во Дуизбург.
Ова е меч од третото коло во Ј групата за пласман на СП во Катар 2022 година, а ќе го води еден од најпознатите руски судии, кој е дел од најелитните европски клупски натпревари.
Карашев на Македонија и судел во 2012 година на гостувањето во Глазгов, каде против Шкотска одигравме 1-1.


Модриќ ќе ја „скокне“ Малта за посвеж да го дочека крајот на сезоната

Лука Модриќ, ќе го пропушти натпреварот од квалификацискиите за СП 2022 година помеѓу Хрватска и Малта.
Стручниот штаб на репрезентацијата на Хрватска реши да му даде одмор на 35-годишниот предводник на хрватскиот тим. Натпреварот со Малта ќе се одигра вечерва во Загреб.
Модриќ, кој го одигра целиот натпревар со Кипар (1-0), го одигра 135- от натпревар за репрезентацијата и го престигна дефанзивецот Дарио Срна, кој го заврши својот настап во националниот тим во 2016 година. По Модриќ и Срна по бројот на одиграни натпревари за репрезентацијата, тука се Стипе Плетикоса (114 натпревари), Иван Ракитиќ (106), Јосип Шимуњиќ (105), Ивица Олиќ (104), Ведран Чорлука (103).
Покрај Хрватска и Малта, во групата Х играат селекциите на Русија, Словачка, Словенија и Кипар.


Тоа и го очекувавме – се враќаат навивачите во Англија!

Еден натпревар од полуфиналето на англискиот фудбалски ФА Куп ќе биде во рамки на пилот проектот на британските власти за враќање на поголем број навивачи на спортските натпреварувања за време на пандемијата на коронавирусот.
Британскиот министер за култура, Оливер Дауден рече дека еден натпревар ќе биде вклучен во проектот. Челзи и Манчестер Сити играат на 17. април, а ден подоцна ќе играат Лестер и Саутемптон.
„Сакаме да вратиме што повеќе луѓе на најбезбеден начин.“ – вели Дауден.
Во рамки на проектот е и Светското првенство во снукер, кое од 17. април до 3. мај ќе се одржи во Шефилд. Кон крајот на неделата властите ќе објават кои спортови ќе бидат опфатени со проектот, по потврдата дека наредната фаза на попуштање на мерките ќе стапи на сила на 12. април.
Според информациите, на натпреварот на Вембли би можело да има до 4 илјади гледачи, а во викендот кој следи потоа, на финалето од Лига купот, посетата би можело да биде двојно поголема.
Се истражува можноста на финалето од ФА Купот да има 20 илјади навивачи.


Порто-Челзи на неутрален терен, познато и каде!

Фудбалерите на Порто најверојатно ќе го дочекаат Челзи на неутрален терен во првиот натпревар од четвртфиналето на Лигата на шампионите кој е на програмата во среда на 7. април.
Оваа информација се уште не е официјално потврдена, но според најавите, засега најголеми шанси за организација на натпреварот има шпанскиот град Севиља.
Отворено останува и прашањето дали шест дена подоцна Челзи ќе може да го дочека Порто на својот „Стемфорд Бриџ“, но за тоа дополнително ќе се одлучува.
Останатите парови од четвртфиналето се Манчестер Сити – Борусија Дортунд, Реал Мадрид – Ливерпул и Баерн Минхен – ПСЖ, а првите натпревари се веќе наредната недела.