фудбал

ФИФА поведе дисциплинска постапка против тројца фудбалери

Дисциплинската комисија на ФИФА започна истрага и отвори постапка за двајца фудбалери и една фудбалерка, под сомневање дека ги прекршиле правилата за допинг во 2013. година.
Ова го потврдија од Фудбалската федерација на Русија, иако не посочија за кои фудбалери, односно фудбалерка се работи. Не е потврдено ниту дали станува збор за репрезентативци.
Ова е уште еден сканал поврзан со спортисти во Русија, откако пред шест години светската антидопинг агенција ВАДА презентираше докази дека голем број на руски спортисти користиле допинг, по што им беше забрането учество на Олимписките игри.
Русија нема да може да се натпреварува под своето знаме и на престојните ЛОИ во Токио и на ЗОИ во Пекинг.


Копа Америка редовно ќе се одржи со десет селекции

Десет тимови на Конфедерацијата ќе учествуваат на Купот на Америка 2021 година, објави прес-службата на КОНМЕБОЛ.
Традиционално, екипи од други континенти играат на турнирот, но Австралија и Катар, кои добија покана, одбија да учествуваат. Купот на Америка требаше да се одржи во 2020 година, но поради пандемијата на коронавирусот, тој беше одложен за една година и се совпадна со квалификациите за СП во Азија во 2022 година.
Турнирот ќе се одржи од 11 јуни до 10 јули, за прв пат во историјата домаќини ќе бидат две земји – Колумбија и Аргентина. Екипите ќе бидат поделени во две групи. Во групата А ќе играат Аргентина, Боливија, Парагвај, Уругвај и Чиле. Во групата Б се Бразил, Венецуела, Колумбија, Перу и Еквадор. Четири екипи од секоја група ќе се пласираат во плеј-офот.


Ѕвездата на Јунајтед сака да го напушти клубот

Дони ван де Бек е незадоволен со минутажата и статусот во Манчестер Јунајтед, бара да разговара со раководството на клубот и има желба да го напушти Олд Трафорд каде пристигна пред почетокот на сезонава.
Манчестер Јунајтед го доведе Холанѓанецот во трансфер вреден повеќе од 45 милиони евра, но 23-годишниот фудбалер не успеа да се избори за место во стартниот состав на „црвените ѓаволи“. Одигра само 13 лигашки натпревари за клубот, а на нив настапи во просек по 25 минути.
Поради насобраното незадоволство и стравот дека седењето на клупата би можело да го чини и место во холандската репрезентација, тој е подготвен на трансфер со кој повторно би ја презел улогата на носител на играта на друг клуб.
Неговиот договор со Манчестер Јунајтед е со трајност до 2025. година.


Мамиќ во затвор, Адеми и Ристовски имаат нов тренер

Динамо Загреб реагираше брзо по поднесената оставка на Здравко Мамиќ од функцијата прв тренер на клубот.
Дамир Крзнар ќе биде нов предводник на екипата, но и нов спортски директор, откако денеска по одлуката на Врховниот суд на Хрватска, браќата Мамиќ и долгогодишниот директор Врбановиќ добија затворски казни поради финансиски криминал направен со сметката на клубот.
Динамо Загреб го раскина договорот со тренерот и новото решение во пресрет на реваншот со Тотенхем го најде во Крзнар.
Зоран Мамиќ изјави дека не се чувствува виновен, но дека поднесува оставка и му посака многу среќа на Динамо Загреб во иднина.


Ангеловски: Никому не е одземено правото за настап во националниот тим

Македонија следниот четврток во Букурешт против Романија ќе го започне новиот циклус квалификации за пасман на Светското првенство во Катар 2022.
Селекторот на Македонија, Игор Ангеловски реши да не направи драстични промени во однос на повиканите играчи, па на списокот се најдоа 26 фудбалери.
„Списокот е составен од играчи кои беа дел од репрезентацијата веќе подолг период. Може да се забележи дека 99% од повиканите играчи се оние истите кои претходно го понесоа товарот, играа во Лигата на нации и квалификациите за ЕП и успеаја да ѝ го донесат историскиот успех на Македонија со пласманот на Европското првенство за прв пат во својата историја во сениорска конкуренција, нешто на кое чекавме од нашата независност. Како човек и како селектор, никогаш не би му го одземал правото на некој да биде дел од националниот тим, а тоа да го заслужува и со односот кон репрезентативниот дрес и со постигнатите резултати преку повеќегодишна макотрпна работа.“ – изјави Ангеловски. Македонија на 25. март ќе игра со Романија во Букурешт, на 28. март во Скопје ја дочекува селекцијата на Лихтејнштајн, а на 31. март ќе гостува во Дуизбург во Германија.


Паредес: ПСЖ ме замоли да не зборувам за Меси

Играчот за врска на ПСЖ, Леандро Паредес изјави дека управата на францускиот клуб му забранила да зборува за можен трансфер на напаѓачот на Барселона, Лионел Меси. Претходно, Паредес истакна дека би сакал да го види напаѓачот во парискиот тим. „Управата на ПСЖ ме замоли да не зборувам повеќе за Меси. На некои луѓе не им се допаѓаше мојот став по ова прашање, тие сметаа дека е непочитување. Не мислам така. Самиот Меси на крајот на сезоната мора мирно да одлучи што ќе стори со својата иднина“, изјавил Паредес.


Луис Енрике го наполни тимот со дебитанти за стартот на мундијалските квалификации

Селекторот на фудбалската репрезентација на Шпанија, Луис Енрике, ќе се обиде да направи подмладување во тимот за претстојните квалификации за Светското првенство. Тој за прв пат повика неколку анонимни млади играчи кои ќе треба да се наметнат за националниот дрес. Станува збор за 18-годишниот Педри од Барселона, 21-годишниот Педро Поро од Спортинг Лисабон (ангажиран од Манчестер Сити), 20-годишниот Брајан Хил од Елче (трансфер од Севиља) и 23- годишниот голман на Брајтон, Роберт Санчез. Сите тие се ставени на поширокиот список од 24 играчи со кои „Фуријата“ ќе настапи против Грција (25 март), Грузија (28 март) и Косово (31 март).


Мутилва од Осасуна на радарот на Реал Мадрид

Реал Мадрид го следи 17-годишниот талент на Осасуна, Кристиан Мутилва, пренесуваат шпанските медиуми. Мутилва е роден во 2003 година и важи за еден од најголемите таленти во Шпанија, игра како дефанзивец, а „кралевите“ останале воодушевени од неговите квалитети. Тинејџерот игра во младиот тим на Осасуна и скаутите на Реал го следат веќе подолго време, па ќе се обидат да го купат на лето. Мутилва се уште нема запишано меч за сениорскиот тим на Осасуна, а неговиот договор истекува во јуни.


Ангеловски избра проверени сили за стартот на квалификации за СП

Селекторот Игор Ангеловски ги октри адутите на Македонија за воведните три натпревари од квалификациите за пласман на Светското првенство во Катар. Ангеловски и македонската селекција на Романија, Лихтенштајн и Германија ќе им се спротистават со проверени сили. „Црвено жолтите“ првиот меч против Романија го играат на гостински терен во Букурешт, вториот со Лихтенштајн во Скопје, а во третиот ќе се судрат со Германија во Дуисбург. Подготовките на македонската селекција стартуваат на 22 март. Списокот: Голмани: Столе Димитриевски (Рајо Ваљекано, Шпанија), Дамјан Шишковски (Докса, Кипар), Мартин Богатинов (Етникос Ахна, Кипар), Ристе Јанков (Работнички);
Одбрана: Стефан Ристовски (Динамо Загреб, Хрватска), Висар Муслиу (Фехервар, Унгарија), Егзон Бејтулаи (Шкендија), Кире Ристевски (Ујпешт, Унгарија), Дарко Велковски (Ријека, Хрватска), Езѓан Алиоски (Лидс Јунајтед, Англија), Ѓоко Зајков (Шарлроа, Белгија);
Среден ред: Енис Барди (Леванте, Шпанија), Аријан Адеми (Динамо Загреб, Хрватска), Бобан Николов (Лече, Италија), Стефан Спировски (АЕК Ларнака, Кипар), Елиф Елмас (Наполи, Италија), Тихомир Костадинов (Ружомберок, Словачка), Даниел Аврамовски (Кајзериспор, Турција), Марјан Радески (Академија Пандев), Ферхан Хасани (Партизани, Албанија);
Напад: Горан Пандев (Џенова, Италија), Иван Тричковски (АЕК Ларнака, Кипар), Илија Несторовски (Удинезе, Италија), Александар Трајковски (Мајорка, Шпанија), Крсте Велкоски (Сарајево, БиХ), Влатко Стојановски (Шамбли, Франција).


Баварците спремни да го купат Саул Нигез

Баерн Минхен има желба да го купи играчот за врска на Атлетико Мадрид, Саул Нигез. 26-годишниот фудбалер долго време се поврзуваше со трансфер во различни тимови, а досега најчесто се споменуваа имињата на Барселона и Реал Мадрид. Сепак, според последните информации, Баварците во моментов се на чекор од негов потпис, бидејќи веќе контактирале со претставници на играчот за да започнат првични разговори за можен трансфер. Оваа сезона Саул се почесто е на клупата за сметка на Маркос Љоренте и Коке. Саул има договор со „јорганџиите“ до 2026 година.