фудбал

Сити и Барса подготвуваат трампа Лапорт-Де Јонг

Барселона сака дополнително да го засили тимот во зимскиот преоден рок во битката за место кое води во Лигата на шампиони.

После Феран Торес, Каталонците се заинтересирани за уште еден играч на Манчестер Сити, а станува збор за дефанзивецот Емерик Лапорт.

„Граѓаните“ се спремни да го продадат, но не за помалку од 60 милиони фунти, што е проблем за Барселона која има финансиски проблеми.

Поради тоа каталонскиот клуб е спремен да му понуди трампа на Сити, така што во спротивна насока ќе го испрати играчот за врска Френки де Јонг.

Вредноста на двајцата фудбалери е приблична, а Чави е спремен да се откаже од услугите на Холанѓанецот за да го добие потписот на Лапорт.

Манчестер Сити исто така е отворен за таква трампа, па се очекува во наредните денови двата клуба да седнат на преговарачка маса.


Канаваро: Влаховиќ ќе доминира во следните десет години

Фабио Канаваро има големи пофалби за Душан Влаховиќ. Канаваро беше гостин пред медиумите во својата земја, зборуваше за неговата тренерска кариера, но и за актуелните ситуации во италијанското првенство. Тој откри дека бил блиску да седне на клупатан а Фиорентина, па доби и прашање за Душан Влаховиќ кој во овој момент важи за еден од најдобрите напаѓчи во Европа.

„Би сакал да тренирам таков играч. Можев да седнам на клупата на Фиорентина, но на крајот тоа не се случи затоа што имав договор со Гвангажу и не се поклопија работите. Влаховиќ е идеален напаѓач кој секој тренер би го посакал. Знае да постигнува голови, соработува со соиграчите и ги надополнува заостанувањета. Влаховиќ е биде најдобар во наредните 10 години. Халанд повеќе е свртен кон голот, додека Влаховиќ има способност да направи разлика и кога е со грб свртен кон противникот“, изјави Канаваро.

Во разговорот Канаваро најави негово враќање и порача дека сака да води тим од Европа.


Манчестер Јунајтед трага по засилувања за средината на теренот

Англискиот „Скај Спортс“ пренесува дека Рубен Невес од Вулверхемптон и Бубакар Камара од Марсеј се двајца од фудбалерите кои Манчестер Јунајтед ги гледа како потенцијални засилувања за екипата на позицијата играчи за врска.

За 22-годишниот Камара чиј што договор истекува на лето и може да потпише прелиминарен договор со клуб надвор од Франција заинтересирани се и Њукасл Јунајтед и Рома.

Рубен Невес, кој одигра одлична партија при победата на неговиот Вулверхемптон над Манчестер Јунајтед на „Олд Трафорд“,има договор со „волците“ до 2024 година.

Приоритет на „црвените ѓаволи“ за доведување нови играчи останува летниот преоден рок, но клубот е отворен за договори овој месец доколку некој од овие играчи се согласи за трансфер во Манчестер.


Маркињос добива нов договор во ПСЖ

Дефанзивецот на ПСЖ, Маркињос е блиску до потпишување нов договор со францускиот клуб.

Преговорите меѓу двете страни се во завршна фаза. Новиот договор на 27-годишниот бразилски фудбалер со Пари Сен Жермен ќе важи до летото 2026 година. Оваа сезона Маркињос учествуваше на 14 натпревари од француската Лига 1 и постигна 3 гола. Бразилецот се пресели во ПСЖ од италијанска Рома во јули 2013 година за 31 милиони евра.

Неговата цена во моментов се проценува на 75 милиони евра, а неговиот актуелен договор со ПСЖ завршува во летото 2024 година.


Фирентина се засили со Кшиштов Пјонтек

Екипата на Фиорентина го доведе полскиот напаѓач Кшиштов Пјонтек. 

26-годишниот Пјонтек до крајот на сезоната, ќе настапува за Фиорентина како позајмен играч од Херта Берлин, по што популарните „виолетови“ ќе можат да го откупат неговиот договор.

За Пјонтек ова е негово враќање во италијанската Серија А, каде претходно настапуваше за екипите на Џенова и Милан.

Медиумите од Италија пишуваат дека Фиорентина се подготвува за извесното заминување на Душан Влаховиќ, и дека всушност тоа е вистинската причина за доведување на центарфорот од Полска.


Илчо Ѓорѓиоски го менува Марјан Секуловски на кормилото на Брегалница

Веднаш по напуштањето на клупата на Брегалница од страна на Марјан Секуловски, клубот го објави неговиот наследник. Нов тренер на прволигашот од Штип ќе биде искусниот Илчо Ѓорѓиоски.

Новиот шеф на стручниот штаб на Брегалница е еден од најтрофејните македонски тренери, поранешен претседател на ФФМ и предводник на повеќе екипи. Првиот човек на клубот Кирил Гогов е задоволен со ова решение, затоа што Ѓорѓиоски е еминентно фудбалско име во земјава.

„Брегалница со овој чин и именувањето на Илчо Ѓорѓиоски за нов шеф на стручниот штаб отворено ја покажува намерата за дополнителен свој фудбалски развој. Нема потреба да се трошат зборови за тоа кој е Илчо Ѓорѓиоски на македонската фудбалска сцена, па единствено може да посакаме да се продолжи со успешните резултати на ФК Брегалница во иднина“, истакна првиот човек на Брегалница, Кирил Гогов.

Илчо Ѓорѓиоски во својата тренерска кариера има три шампионски титули во македонското првенство, со Македонија ЃП и со Вардар, а потоа ја предводеше и Фудбалската Федерација на Македонија.


Роналд Араухо поради скршеница на раката ќе паузира од настапите за Барселона

Дефанзивецот на тимот од „Камп Ноу“, Роналд Араухо, заработи фрактура на десната рака, поради што во наредните неколку месеци нема да биде на располагање на тренерот Чави.

Повредата на Уругваецот, претставува сериозен проблем за Барселона, бидејќи во последниов период тој беше најдобар играч од одбраната на „Каталонците“, покрај Ерик Гарсија и Пике.

Дали Чави Ернандез ќе биде приморан да купува нов дефанзивец ќе зависи од тоа дали опоравувањето на Араухо ќе се одвива со планираното темпо.


Васоски пред промоција за нов тренер на Сараево

Aлександар Васоски е еден од главните кандидат за преземање на клупата на Сараево. Во кратката изјава за босанските медиуми Васоски не демантира дека има шанса да седне на клупата на Сараево.

„Се ќе знаете во наредните ден или два. Имајте разбирање“, бил краткиот одговор на Васоски.

Се наведува дека на состокот Васоски разменил мислења со раководството на Сараево и се запознал со клубот и плановите.


Барселона ќе се обиде да го доведе Кристенсен од Челзи

Екипата на Барселона ќе се обиде да ја засили својата одбрана со дефанзивецот на Челзи, Андреас Кристенсен. 

Веќе подолг период стои информацијата дека „Каталонците“ имаат сериозен интерес за 25-годишниот Данец, чиј договор со тимот од Лондон истекува по завршетокот на сезонава и Барса се надева дека ќе го убеди да се пресели на „Камп Ноу“.

Челзи прави големи напори да го убеди Кристенсен да го продолжи неговиот актуелен договор, меѓутоа од играчот сеуште нема потврден одговор и преговорите продолжуваат во наредниов период.


Ферхан Хасани се врати во Шкендија

Поранешниот фудбалски репрезентативец на Македонија, Ферхан Хасани се врати во својот матичен клуб, Шкендија.

31-годишниот фудбалер повторно се враќа во клубот од Тетово, после неговиот престој во Тирана каде настапуваше за екипата на Партизани.

Популарниот „Буба“ беше член на Шкендија на два пати и тоа од 2007 до 2012 и од 2015 до 2018 година.