Полсен нема да игра годинава, ќе се врати на стартот на бундеслигашката пролет
Јусуф Поулсен ќе биде надвор од терените до нова година. Данскиот репрезентативец заработи повреда на потколеницата на средбата со репрезентацијата и ќе се опоравува пет недели, најави тренерот на Лајпциг Џеси Марш.
„Лоши вести за нас. Јуси го скина мускулното влакно на потколеницата. Беше во најдобра форма и неговото отсуство воопшто не е добро за нас”, изјави Марш.
Добра вест за германскиот вицешампион е враќањето на дефанзивците Вили Орбан и Лукас Клостерман, кои најверојатно ќе бидат во стартниот состав за првенствениот натпревар против Хофенхајм в сабота.
Манчестер Јунајтед бара замена за Пол Погба
Манчестер Јунајтед е во потрага по долгорочна замена за Пол Погба кој би можел да го напушти клубот во текот на летото по истекот на неговиот актуелен договор.
Доколку Французинот го напушти „Олд Трафорд“, како негов наследник се споменува играчот од средината на теренот во Борусија Дортмунд, Џуд Белингам.
18-годишниот Белингам е репрезентативец на Англија и е еден од најголемите фудбалски таленти во светот.
Според германскиот весник „Билд“, Борусија Дортмунд за евентуална продажба на својот играч ќе бара огромни 100 милиони фунти.
Дани Алвес: За два часа можам да го вратам Меси на „Ноу Камп“
Бразилецот Дани Алвес кој пред неколку денови се врати во својот поранешен клуб Барселона, изјави дека популарната Барса ќе ја врати славата која ја заслужува, без оглед на тешката финансиска ситуација во која се наоѓа.
38-годишниот Алвес вели дека му е жал што легендата на „каталонците“ Лионел Меси летово го напушти клубот и се пресели во Париз Сен Жермен.
„Мислам дека Меси е најдобриот играч во светот, и за мене тој е соиграч од соништата. Дајте ми два часа и ќе го вратам Меси во Барселона“, изјави во свој стил ветеранот Алвес.
Дани Алвес во дресот на Барселона има освоено 23 трофеи,одиграл 391 натпревари со постигнати 21 гол и 101 асистенција.
Аријан Адеми оптимистички пред баражот за СП: Ќе биде тешко но не и невозможно
Репрезентативецот на македонската фудбалска репрезентација, Аријан Адеми, кој настапува за хрватскиот шампион Динамо Загреб, во изјава за тамошните медиуми даде кратко интервју со свое мислење за нашата репрезентација и претстојните бараж средби.
„Навивав од дома, бев пресреќен кога заврши мечот со Исланд. Не само што бев среќен, туку бев и горд. Голема работа е да се пласирате на бараж за СП, тоа е голема работа за цела Македонија. Не знам да објаснам како дојде до ваков раст во репрезентацијата. Но, ако го погледнете тимот, ќе видите дека во екипата има многу квалитетни играчи кои играат во најсилните клубови од Европа. И порано имаше добри играчи, но сега се случи некој „клик“, и се си дојде на свое место. После пласманот на Европското првенство се промени целата атмосфера.
„На првиот натпревар во баражот нема да може да сметаме на Елмас и Костадинов, играчи кои многу ни значат. Ќе биде навистина тешко, но јас сум оптимист. После Европското првенство, можеме и во Катар. Не очекуваат два тешки натпревари, но треба да се пројдат. Не сме фаворити, ние сме во втората група на неносители, во полуфиналето ќе играме на гостински терен против посилен притивник. Ќе биде тешко, но не и невозможно. Се надевам дека ќе бидам здрав и дека ќе бидам подготвен за тие два натпревари во март.
Адеми поради повреда не настапи на натпреварите против Ерменија и Исланд во кои Македонија славеше победа и успеа да избори бараж за пласман во Катар 2022.
Интер без напаѓачи пред дербито: Лаутаро и Алексис неизвесни за Наполи
Алексис Санчез и Лаутаро Мартинез би можеле да го пропуштат дербито со Наполи кое на програмата е во недела.
Санчез играше само 36 минути за репрезентацијата на Чиле против Еквадор и го напушти теренот поради мускулна повреда. Тој ќе се врати утре во Милано каде ќе му бидат направени детални лекарски прегледи, но говото сигурно нема да биде спремен за дуелот во недела.
Под знак прашалник е и настапот на Лаутаро Мартинез, кој беше заменет синоќа на полувреме на дуелот против Бразил.
Ова ќе биде голем хендикеп за тренерот Инзаги, особено отсуството на Лаутаро Мартинез.
Киран Трипие останува трансфер цел на Манчестер Јунајтед
Екипата на Манчестер Јунајтед не се откажува од идејата да го донесе дефанзивецот на Атлетико Мадрид, Киран Трипие.
Репрезентативецот на Англија уште во текот на летото се поврзуваше со трансфер на „Олд Трафорд“ но тренерот на Атлетико, Симеоне, ја одби понудата за негово заминување од тимот.
Преговорите помеѓу двата клуба се очекуваат да започнат наскоро бидејќи се очекува договорот да биде постигнат во јануари.
Доколку Киран Трипие се пресели во Манчестер Јунајтед, големи се шансите „Олд Трафорд“ да го напушти Португалецот Далот кој би заминал кај Жозе Мурињо во Рома.
Полицијата во Манчестер уапси десет лица вмешани во мајските немири
Полицијата во Манчестер уапси десет лица на возраст од 20 до 51 година. Тие се осомничени за вмешаност во мајските немири во градот кога навивачите на Јунајтед излегоа на протест против сопствениците кој ескалираше и прерасна во судири со органите на редот.
Некои фанови упаднаа на Олд Трафорд иако во тоа време стадионите беа затворени за навивачи. Веднаш потоа од безбедносни причини беше одложено дербито меѓу Манчестер Јунајтед и Ливерпул.
Апсењата се со образложение дека предметните лица се осомничени за поттикнување и учество во нереди, насилство и кражби
Дибала под знак прашалник за дуелот против Лацио
Напаѓачот на Јувентус, Пауло Дибала е под знак прашалник за натпреварот против Лацио во Серија А овој викенд.
Репрезентативецот на Аргентина заработи повреда на коленото на натпреварот од квалификациите за СП против Уругвај кој се одигра минатата недела.
Дибала поради повредата го пропушти мечот со Бразил и се врати во Торино на медицински прегледи по што од медицинскиот тим на Јувентус ќе треба да одлучат дали тој ќе може да настапи против Лацио во сабота.
Џовани Ван Бронкхорст е наследникот на Џерард во Глазгов Ренџерс
Според „Скај Спортс“, Џовани ван Бронкхортс ќе биде нов тренер на Глазгов Ренџерс. Преговорите помеѓу холандскиот стручњак и управата на клубот се во завршна фаза и се очекува да финализираат во следните 24 часа.
Ван Бронкхортс е бивш фудбалер на Ренџерс, Арсенал и Барселона, а на клупата на шкотскиот шампион ќе го наследи Стивен Џерард кој се врати во англиската Премиер лига како тренер на Астон Вила.
Џовани бан Бронкхорст има тренерско искуство од Холандија, каде ја водеше екипата на Фејнорд и од Кина каде беше тренер на Гванжу.
Обамејанг неизвесен за дербито против Ливерпул
Напаѓачот на Арсенал, Пјер-Емерик Обамејанг поради повреда би можел да отсуствува од тимот во дерби пресметката со екипата на Ливерпул.
Обамејанг повредата ја заработи на натпреварот помеѓу неговиот Габон и селекцијата на Либија. Играчот се врати во Лондон на дополнителни прегледи по што ќе бидат објавени повеќе детали за сериозноста на повредата.
Дерби натпреварот од англиската Премиер лига помеѓу Ливерпул и Арсенал се игра во сабота од 18:30 часот, а домаќин е тимот од „Енфилд“.