фудбал

Халанд нема да настапи на натпреварот против Глазгов Ренџерс

Напаѓачот Ерлинг Халанд не е во составот на Борусија Дортмунд за натпреварот на домашен терен против Глазгов Ренџерс, во првиот натпревар од нокаут фазата на Лига Европа.

Норвежанецот сеуште не е целосно опоравен од повредата која ја доби на гостувањето кај Хофенхајм пред повеќе од три недели.

Тренерот на Борусија, Марко Розе, изјави дека се надева оти Халанд ќе биде подготвен за игра до неделниот натпревар од Бундеслигата против Борусија Менхенгладбах.


Де Геа се израмни со Шмајхел и влезе во историјата на Јунајтед

Голманот на Манчестер Јунајтед, Давид де Геа успеа да ја сочува својата мрежа на заостанатиот натпревар од 18. коло од англиската Премиер лига со Брајтон кој го добија со 2-0.

Како што беше објавено по натпреварот, со ова Шпанецот го повтори рекордот на „црвените ѓаволи“ по бројот на чисти мрежи. Давид Де Геа е изедначен на првото место со данскиот голман Петер Шмајхел, кој играше за клубот од Манчестер од 1991 до 1999 година, двајцата во нивните настапи за Манчестер Јунајтед имаат 128 натпревари без да примат гол.

Давид де Геа игра за Манчестер Јунајтед од 2011 година. Голманот оваа сезона настапи на 25 првенствени натпревари и прими 32 гола. Шест пати Шпанецот успеа да ја сочува својата мрежа.

Манчестер Јунајтед се наоѓа на четвртото место на табелата во Премиер лигата со 43 бода од 25 одиграни натпревари.


Мбапе: Ги игнорирам гласините за трансфер и само играм фудбал

Францускиот репрезентативец Килијан Мбапе изјави дека е среќен во ПСЖ, но неговата иднина се уште е нејасна. Договорот на Мбапе истекува на крајот од сезоната, а тој е меѓу главните трансфер цели на Реал Мадрид. Двата тима се сретнаа во осминафиналето на Лигата на шампионите, а ПСЖ победи со 1-0 преку голот кој го постигна токму Мбапе.

“Не сум одлучил за мојата иднина. Во моментов играм за Пари Сен Жермен, еден од најдобрите тимови во светот. Давам се од себе и потоа ќе видиме што ќе се случи следната сезона”, вели Мбапе.

“Како да ги игнорирате разговорите за трансфер? Лесно е, само треба да играте фудбал. Поставуваме премногу прашања и зборуваме за Париз Сен Жермен и Реал. Во моментов сум играч на ПСЖ и сум среќен “, изјави Французинот после натпреварот.


Хуан Мата заминува од Манчестер Јунајтед

Играчот од средниот ред на Манчестер Јунајтед, Хуан Мата сака да го напушти клубот со слободен трансфер ова лето.

33-годишниот Шпанец би можел да се врати во Ла Лига, бидејќи интерес за негово ангажирање изразуваат екипите на Реал Сосиедад и Барселона.

Мата настапува за Манчестер Јунајтед од јануари 2014 година. За тимот запиша вкупно 277 натпревари, на кои постигна 51 гол и 47 асистенции.


Инзаги: Ливерпул е фаворит, но имаме желба за надигрување

Тренерот на Интер, Симоне Инзаги изјави дека неговиот тим ги има сите квалитети да му се спротивстави на Ливерпул. Двата тима ќе се сретнат во Милано во натпревар од осминафиналето на Лигата на шампионите.

„Ливерпул е еден од најдобрите тимови во Европа, но нашите играчи заслужуваат да играат на вакви натпревари. Не сме играле во осминафинале од ЛШ долги години и знаеме дека ќе биде тешко, но ќе се обидеме да се справиме. На хартија, Ливерпул е фаворит, но ќе им кажам на моите играчи да излезат психички растеретени и да ги покажат квалитетите кои ги поседуваат. Желбата за победа ќе ја направи разликата меѓу двата тима“, изјави Инзаги.


Иниеста сака да се врати во Барса како тренер или спортски директор

Поранешниот играч за врска на Барселона, Андрес Иниеста изјави дека би сакал да се врати во каталонскиот клуб. Во моментов Шпанецот настапува како дел од јапонскиот клуб Висел Кобе.

„Би сакал да се вратам во Барселона. Сè уште навистина уживам да сум во фудбалот и да размислувам за тоа. Ова е она што најмногу ме возбудува. Често сфаќам дека сакам да станам тренер или спортски директор. Сакам мојата иднина да биде поврзана со фудбалот“, изјави Иниеста.

Иниеста игра за Висел Коби од 2018 година, приклучувајќи се на тимот како слободен играч. Целиот претходен дел од својата професионална кариера, фудбалерот го мина во шпанска Барселона, освојувајќи 32 трофеи со тимот. Како дел од шпанската репрезентација Иниеста стана шампион на Европа и светот. Договорот на играчот од средниот ред со јапонскиот клуб истекува во 2024 година.


Почетино: Победата ни дава надеж за реваншот во Мадрид

Тренерот на Париз Сен Жермен, Маурицио Почетино, изрази задоволство од играта на тимот во победата од 1-0 против Реал Мадрид во првиот осминафинален натпревар во Лигата на шампионите.

Тој особено го пофали Килијан Мбапе, кој со гол во четвртата минута од судиското надополнување му донесе радост на парижаните.

„Можеби е мала победа, но ни дава надеж за натпреварот во Мадрид. Задоволен сум од настапот и се надевам дека ќе продолжиме да играме на овој начин и во иднина“, изјави Почетино по натпреварот.

И покрај разочарувањето од промашениот пенал на Лионел Меси, тренерот изрази задоволство од тоа што Париз Сен Жермен доминираше во поседот на топката.


Серија од рекорди за Манчестер Сити во победата над Спортинг

Високата победа на Манчестер Сити од 5-0 над Спортинг од Лисабон во првиот натпревар од осминафиналето во Лигата на шампионите, донесе неколку рекорди за тимот предводен од Гвардиола.

Фудбалерите на Сити се први со пет последователни победи како гости во елиминациската фаза на ЛШ. 

Тимот на Гвардиола може да се пофали со уште две работи. Сити веќе има 200 постигнати гола во Лигата на шампионите, во само 97 натпревари. 

Огромното водство од 4-0 на полувремето во Лисабон е прв случај во историјата на елиминациите од Лигата на шампионите, еден тим да има водство од најмалку четири гола до полувремето.


Потврдено – Герет Бејл заминува од Реал Мадрид

Тренерот на Реал Мадрид, Карло Анчелоти потврди дека Герет Бејл ќе го напушти клубот по крајот на сезоната. Договорот на Велшанецот истекува и тој нема да биде обновен. Крилниот напаѓач имаше неколку незаборавни настапи на Сантијаго Бернабеу, но го следеа и многу повреди.

„Разговарам со него доста често. Се трудам да ги слушам неговите проблеми, нашиот однос е многу добар. Се однесува сериозно и професионално, го почитуваат во клубот. Повредите го спречуваат да игра повеќе оваа сезона, но сега се чувствува добро. Можеби не е многу мотивиран, но Бејл сака на најдобар можен начин да ја заврши кариерата во Реал Мадрид, тој му помогна на клубот да освои многу вредни трофеи, и го заслужува најдоброто“, изјави Анчелоти пред гостувањето кај ПСЖ во Лигата на шампионите.


Трипие има скршеница, го чека долга пауза

Њукасл во наредниов период нема да може да смета на најзвучното засилување од јануарскиот преоден рок, англискиот репрезентативец Киран Трипие.

Трипие со мајсторија му донесе три бода на Њукасл на вчерашната средба против Астон Вила, но во вториот дел мораше да го напушти теренот, а деталните медицински прегледи покажаа дека има заработено фрактура на левата нога.

Имено се работи за скршеница на петтата метатарзална коска на стапалото, па од „Сент Џејмс Парк“ информираа дека дефанзивецот е биде во „аут“ престојните мечеви не посочувајќи за точно колкава пауза се работи.

Киран веднаш се наметна по трансферот од Атлетико Мадрид, даде голови против Евертон и Астон Вила и дефинитивно ќе му фали на составот кој е предводен од Еди Хау.