фудбал

Парагваецот Санабрија потпиша за Торино

Торино успеа да го ангажира напаѓачот на Бетис, Антонио Санабрија. 24-годишниот интернационалец од Парагвај потпиша четиригодишен договор со „биковите“. Тој ќе мора да помине одреден период во карантин бидејќи на задолжителните лекарските прегледи било утврдено дека е заразен со ковид-19. Санабрија има искуство од Серија А бидејќи ги носеше дресовите на Рома, Сасуоло и Џeнова. Тој во тековнава сезона во шпанското првенство одигра 16 мечеви за Бетис и успеа да постигне три гола.


Нејмар се предомисли и сега сака нов договор со ПСЖ

Бразилскиот фудбалски интернационалец во редовите на ПСЖ, Нејмар, кој има договор до летото во 2022 година се определил да ја продолжи соработката со францускиот состав. Според одредени информации, брзоногиот напаѓач сака да остане што е можно подолго на „Паркот на принцовите“ и затоа потенцирал дека нема амбиции да го напушти Париз. „Сакам да останам во Пари Сен Жермен. Навистина сум среќен. Многу работи се променија. Исто така сакам да остане и Килијан Мбапе”, потенцирал Нејмар.


УЕФА и ФИФА му дадоа поддршка на ФФМ во спорот со АМС

Повторно покажувајќи ја својата транспарентност, отвореност и посветеност за вистинските фудбалски вредности, Фудбалската федерација на Македонија како што најави на прес – конференцијата одржана на 22 јануари го споделува официјалниот допис од генералните секретари на УЕФА и ФИФА во врска со спорот помеѓу Агенцијата за млади и спорт и Фудбалската федерација на Македонија.
„Во насока на нашата постојана комуникација, ФИФА и УЕФА ја подржуваат Фудбалската федерација на Македонија, Статутот да биде предмет на разгледување целосно откако ќе се одржи изборното Собрание на ФФМ и ќе биде избран новиот Управен одбор. Согласно праксата на добро раководење, ФИФА и УЕФА силно препорачуваат нивните членки да не прават промени во нивните статути пред одржување на изборите, туку само потоа.
Иако датумот на изборното Собрание сеуште не е утврден, веруваме дека истото ќе се одржи навремено и во разумен рок. Целта на ревизијата на Статутот на ФФМ не е само во насока на усогласеност на истиот со Статутите на ФИФА и УЕФА, туку и во насока на усогласеноста со националното законодавство. Веруваме дека ФФМ може да организира изборен процес независно и без влијание“.


Нов рекорд за Горан Пандев во Серија А

Горан Пандев вчера на натпреварот против Кротоне постави рекорд.
Имено, тој го израмни рекордот за најмногу натпревари во историјата на Серија А на кои еден фудбалер влегол во игра од клупата за резерви.
Ова за него беше вкупно 154-ти натпревар во кој влегува во игра од клупата, а со тоа се изедначи со Серџо Пелисие и многу веројатно дека до крајот на сезоната ќе биде апсолутен рекордер.
Пандев во Серија А е од 2003-та година, а настапуваше за Анкона, Лацио, Интер, Наполи и Џенова.


Толисо се тетовираше, па остана „полесен“ за 50 илјади евра

Фудбалерот на Баерн Минхен, Корентин Толисо е казнет со 50 илјади евра поради кршење на протоколите во борбата против КОВИД-19, откако францускиот фудбалер ја направи својата најнова тетоважа.
Поранешниот фудбалер на Лион поради ваквото однесување е исклучен од тимот за дуелот против Хофенхајм кој се одигра викендов.
26-годишниот играч за врска го пропушти и претходниот дуел против Шалке, а сезонава имаше проблеми со повреди и суспензии поради исклучување.
Толисо е член на Баерн веќе три и пол години, а во тоа време стана стандарден играч на екипата која минатата сезона ги освои сите можни титули.


Мауро Икарди беше мета на крадци, однесоа вистинско богатство

Ѕвездата на Париз Сен Жермен, Мауро Икарди беше жртва на крадци, кои викендов влегоа во неговиот стан во Париз, додека тој со својата екипа беше на гостување во Лориен.
Како што пренесуваат франуските медиуми, крадците од луксузниот стан на аргентинскиот напаѓач украдоа ствари и накит во вредност од неверојатни 400 илјади евра.
Засега нема информации за нивниот идентитет, но јасно е дека поранешниот капитен на Интер не памете полош викенд.
За потсетување, ПСЖ беше и поразен на гостувањето кај Лориен со 3:2, па крајот на колото го дочекува со три бода заостанување зад Лил. Икарди е жител на париската населба Неји на Сена, која важи за еден од најлуксузните квартови на француската престолнина.


Како изгледа ВАР кога сте пратеник во Собрание? (видео)

На натпреварот од плејофот за шампион на лигата во Кувајт одигран синоќа, видена е веројатно најлошата одлука откако се користи ВАР во светскиот фудбал.
Ал Кувајт во гости го победи Ал Сахел со 3:2 со гол од пенал во 11. минута од судиското продолжение, иако до 87. минута губеше со 2:1. Домаќините добија црвен картон во 77. минута, во 87. примија гол за 2:2, а во 101. минута гостите стигнаа до победа по комично досуден пенал.
Играчот на Ал Кувајт го помина својот чувар во казнениот простор и замавна во празно, по што падна на земја. Судијата во истата секунда досуди пенал, а потоа, за се да биде регуларно, отиде да ја провери снимката.
До екранот за ВАР помина покрај неколку доста лути личности, меѓу кои беше и Калид Ал Ганим, сопственикот на Ал Кувајт кој е пратеник во кувајтскиот парламент. Пред да ја погледне снимката, судијата подели уште неколку жолти картони, па погледна во екранот.
Таму јасно се виде дека гостинскиот играч бесрамно симулираше, но судијата мртов ладен ја потврди своајта одлука и покажа на белата точка.


Милан сака да го откупи договорот на Далот од Манчестер Јунајтед

Милан сака да го откупи дефанзивецот на Манчестер Јунајтед, Диого Далот. Според „Скај Спорт“, управата на „росонерите“ е задоволна од играта на 21-годишниот Португалец, кој игра за италијанскиот тим на позајмица и има намера целосно да ги откупи правата на младиот дефанзивец летото 2021 година. Во сезоната 2020/2021, Далот одигра 8 натпревари во Серија А, како и 6 натпревари во Лигата на Европа. Успеа да постигне 1 гол и 2 асистенции. Милан е лидер во Серија А со 46 поени од 20 одиграни натпревари. Диого Далот дојде на „Олд Трафорд“ летото 2019 година. За неговиот трансфер, Манчестер Јунајтед му плати на Порто 22 милиони евра, а во моментов неговата вредност се проценува на 12 милиони евра.


Рој Кин: Ѕвездите на Јунајтед се исплашија од титулата во Премиер лигата

Манчестер Јунајтед врза два меча без победа во Премиер лигата, откако најпрво беше изненаден од Шефилд Јунајтед на домашен терен, а потоа одигра реми против Арсенал. Откако направи два кикса, Манчестер Јунајтед почна да ја губи битката за титулата, а легендарниот Рој Кин смета дека „црвените ѓаволите“ се исплашиле од титулата. „Ова е загрижувачко, им недостигаше верба за победа. Замислете дека сте Манчестер Јунајтед и не верувате во победа. Може да бараме изговори, ама ни недостигаше квалитет. Фудбалерите се исплашени од предизвикот“, кажа Кин. Манчестер Јунајтед во моментов има три бода помалку од лидерот Сити, кој има и натпревар помалку.


Меси: Не играм фудбал за пари, се забавувам со оваа игра

Лионел Меси проговори за важноста на фудбалот во неговиот живот. „Парите ми дозволуваат да живеам подобар живот, но тоа не е она што ме инспирира. Живеам за да играм фудбал, а не финансиски. Не играм за себе, туку за тимот“, изјави Меси за „Ел Мундо“. Договорот на Меси со Барселона важи до 30 јуни 2021 година. Минатото лето, аргентинскиот напаѓач се обиде да го напушти каталонскиот клуб, но сепак реши да остане. Главни претенденти за потписот на 33-годишниот играч се сметаат Манчестер Сити и ПСЖ. Оваа сезона, капитенот на Барселона учествуваше на 23 средби за Барселона, на кои постигна 15 погодоци и 6 асистенции.