фудбал

Бенитез се враќа на Островото на клупата на великан!

Познатиот шпански тренер Рафа Бенитез е блиску до именување за нов шеф на стручниот штаб на шкотскиот великан Селтик, пренесуваат медиумите. Трофејниот стручњак само еден ден по напуштањето на кинески Далиан се најде во фокусот на медиумите, кои веќе го преселија на клупата на гигантот од Глазгов. Необично во целата оваа приказна е што за главен ривал во шампионатот ќе го има Стивен Џерард, со кого успешно соработуваше во Ливерпул и ја освои Лигата на шампионите во 2005. година во славното Истанбулско финале. Доколку најавите испаднат точни, Бенитез на клупата на Селтик ќе го замени Нил Ленон, а доаѓањето во Глазгов ќе биде враќање во Европ по две години од заминувањето од Њукасл.


Варан најавил заминување од Реал Мадрид

Според последните информации од Шпанија уште еден играч сака да замине од Реал Мадрид, станува збор за стоперот на овој тим, Рафаел Варан. Варан како што се пишува е незадоволен и сака нова авантура, па ќе побара нов предизвик. Во овој момент не е познато каде би можел да ја продолжи кариерата. Неговиот договор истекува на лето наредната година. Ќе потсетиме претходно се пишуваше и дека Мартин Одегард побарал да си замине, Норвежанецот би можел да се пресели на позајмица во Арсенал.


Уште еден великан во трката за потписот на Станковски

Италијански Наполи пројавува сериозен интерес за потписот на Лука Станковски, младинскиот репрезентативец на Македонија кој е член на Работнички. Клубот од Дебар Маало бара еден милион евра за младиот талентиран фудбалер, а Наполи е веќе во преговори со раководството на Работнички. Интерес за Станковски владее и кај турски Фенербахче, но во трката влезе и Наполи, кој во своите редови го има и Елиф Елмас. Станковски одигра одлична прва полусезона во македонското првенство, постигна седум погодоци и имаше две асистенции, а голема е веројатноста дека 19-годишниот фудбалер од на пролет ќе ги брани боите на некој европски великан.


Ливерпул планира нови договори за Ван Дајк и Салах

Управата на Ливерпул како приоритет го има потпишувањето на новиот договор со централниот бек Вирџил ван Дијк , и нов договор со напаѓачот Мохамед Салах. Договорите на двајцата играчи истекуваат летото 2023 година, а Ливерпул смета дека останувањето на Холанѓанецот е главната мисија. Клубот планира да објави нова зделка со Ван Дијк ова лето. Ливерпул има намера да му понуди подобрени услови во договорот на дефанзивецот, со кој тој сигурно ќе заработува повеќе од Салах, кој сега е најплатен играч во клубот и заработува 200.000 фунти неделно.


Мбапе: Ми треба време да одлучам дали ќе останам во ПСЖ

Килијан Мбапе, кој беше привлечен за 180 милиони евра во ПСЖ, призна дека засега нема да брза со евентуално обновување на договорот со својата екипа. Тој има договор со клубот до 30 јуни 2022 година, а за него е заинтересиран Реал Мадрид. „Разговараме со луѓето од клубот за да се обидеме да го најдеме вистинскиот план. Многу сум среќен тука и отсекогаш сум бил таков. Навивачите и клубот секогаш ми помагаа и секогаш ќе бидам благодарен за тоа. Но, сакам да размислувам за тоа што сакам да направам во следните години и каде сакам да бидам. Ова е она што го разгледувам. Ќе треба да донесам одлука наскоро, но сепак размислувам. Ако го имав одговорот сега, ќе ви кажев. Не сакам да потпишам нов договор и една година подоцна да одлучам дека сакам да заминам. Ми треба време да донесам одлука, дали ќе останам во ПСЖ или ќе заминам некаде на друго место“ изјави Мбапе.


Толисо се сели во Италија, ѕвездата на Баерн има две понуди од Серија А

Јувентус и Интер се сериозно заинтересирани за играчот на Баерн Минхен и француски репрезентативец, Корентин Толисо. 26-годишниот играч за врска на лето ќе влезе во последната година од договорот со Баерн Минхен, а нема најави за негово продолжување. Баварците се спремни да го продадат, а италијанските гиганти сакаат да ја искористат таквата ситуација. Толисо пристигна на „Алијанц Арена“ во 2017 година од Лион за 40 милиони евра, а Баерн за неговата слобода ќе бара 25 милиони евра.


Избран најдобриот тим на годината, каде е Меси?!

Ретко кој избор за најдобар тим на светот во претходните десетина години би можел да помине без Лионел Меси, а сега се случи и тоа. Имено, ЕА Спорт, кој е сопственик на лиценцата за видео-играта ФИФА, направи тим на годината во кој немаше место за Аргентинецот за првпат од 2009. година кога се врши овој избор. Во изборот, учествуваа 10 милиони играчи од 185 земји на светот. Фудбалерите се подредени во формација 4-3-3, пред голманот Нојер се Алфонсо Дејвис, Серхио Рамос, Вирџил ван Дајк и Трент Александер-Арнолд. Средината на теренот ја држат Бруно Фернандеш, Кевин де Брујне и Џошуа Кимих, додека тројката во нападот ја сочинуваат фудбалери кои се во одлична форма, Роберт Левандовски, Кристијано Роналдо и Килијан Мбапе. Многу фанови на оваа игра тврдат дека и покрај неуспешната сезона во Барселона, требаше да има место за еден од најдобрите фудбалери на сите времиња.


Поранешен фудбалер на Шефилд Јунајтед пронајден мртов во својот дом

Фудбалерот од Јамајка, Лутон Шелтон, кој го носеше и дресот на англиски Шефилд Јунајтед, почина на 35 годишна возраст. Шелтон боледувал од амиотрофична латерална склероза, тешко заболување на моторните неврони што резултира со прогресивно губење на можноста за одење, зборување, голтање, а на крај и дишење. Тој беше пронајден починат во неговиот дом. Болеста на поранешниот фудбалер му е откриена во 2018. година, 19 месеци откако доживеа повреда во дресот на Харбор од Јамајка. Шелтон за репрезентацијата на Јамајка одигра 75 натпревари, постигнувајќи 35 гола.


Жестоки казни за учесниците во таканаречената Суперлига

Строги казни за сите клубови и играчи, кои евентуално би учествувале во најавената т.н. „затворена Суперлига“, чие формирање го заговараат неколку европски фудбалски гиганти, најавија ФИФА и шесте континентални федерации. Во врска со неодамнешните медиумски написи дека некои европски клубови би можеле да формираат европска Суперлига од затворен тип, ФИФА и шесте континентални федерации (АФЦ, ЦАФ, КОНКАКАФ, КОНМЕБОЛ, ОФЦ, УЕФА). одлучно истакнуваат дека таквото натпреварување нема да го признае ниту ФИФА, ниту која било континентална федерација, се наведува во заедничкото соопштение на челните луѓе на ФИФА и УЕФА, Џани Инфантино и Александар Чеферин, како и претседателите на преостанатите пет континентални фудбалски асоцијации. Во соопштението, исто така, се нагласува дека ниту еден клуб или фудбалер, кој би учествувал во таквата Суперлига нема да може да настапува на натпреварувањата организација на ФИФА и континенталните федерации. Идејата за формирање Суперлига, што би била алтернатива на сегашната Лига на шампиони во организација на УЕФА, веќе неколку години се споменува во медиумите.


Заради Ибра и конкуренцијата Јовиќ не потпишал за Милан

Лука Јовиќ во овој преоден рок го напушти Реал Мадрид и се пресели во Ајнтрахт Франкфурт на позајмица до крајот на преодниот рок. Интерес за Јовиќ покажуваше и италијнскиот гигант Милан, кој подолго време беше во контакт со неговиот агент. Милан и Реал постигнале договор за позајмица со право на откуп, но Јовиќ одбил да се пресели на „Сан Сиро“. Србинот барал клуб каде што ќе му биде гарантирано место во стартниот тим, бидејќи не добиваше минутажа во Реал Мадрид. 23-годишниот напаѓач проценил дека нема да добие шанса да игра покрај Ибрахимовиќ, па на крајот реши да замине во Ајнтрахт, каде сигурно ќе има поголема минутажа.