фудбал

Занети: Не се сомневам во победата на Аргентина над Хрватска

Поранешниот аргентински фудбалер и потпретседател на Интер од Милано, Хавиер Занети, изјавува дека Аргентина во полуфиналето на Светското првенство во Катар, ја очекува тежок натпревар со Хрватска, но дека тој не се сомнева во победата на својата земја.

„Тоа ќе биде тежок натпревар, бидејќи Хрватска е голем тим. Нема да биде ни малку лесно, но познавајќи ја состојбата помеѓу аргентинските играчи, јас сум уверен дека ќе одиграат добар натпревар“ изјави Занети. 

Хавиер Занети очекува дека 25-годишниот напаѓач Лаутаро Мартинез ќе прикаже одлична игра, и се надева дека тој ја поврати самодовербата во својата игра после постигнувњето на одлучувачкиот пенал против Холандија.


Барселона заинтересирана за Мароканецот Унахи

Шпанските медиуми пренесуваат дека фудбалскиот клуб Барселона е заинтересиран за репрезентативецот на Мароко, Азедин Унахи.

22-годишниот Унахи е член на францускиот клуб Анже каде минатата година пристигна од третолигашот Авранш за 300 илјади евра. Неговиот договор со францускиот клуб истекува во 2026 година.

Унахи бил забележан од скаутите на Барселона после неговите одлични фудбалски партии во дресот на Мароко на Мундијалот во Катар. Играчот од средниот ред во селекцијата на Мароко, избори пласман во полуфиналето на СП, каде ќе се сретне со Франција.

Унахи за Мароко има одиграно 15 натпревари и постигна два гола.


40 илјади Аргентинци пристигнуваат во Катар

Амбасадата на Аргентина во Катар известува дека се очекува пристигнување на околу 35-40 илјади Аргентинци во Доха за натпреварот од полуфиналето на СП против селекцијата на Хрватска.

Оваа бројка ќе претставува најголем контингент на навивачи кои ќе пристигнат од Аргентина во Катар за време на Мундијалот.

Најдобриот аргентински фудбалер, Лионел Меси порачува дека репрезентацијата треба да ги искористи овие моменти со навивачите кои ќе бидат во Доха како и оние кои ќе останат во Аргентина и кои се под голема еуфорија.

Натпреварот помеѓу Аргентина и Хрватска се игра во вторник на стадионот Лусаил.


Модриќ: Хрватска има иста ДНК како Реал Мадрид

Хрватска утре ќе го игра полуфиналето на Мундијалот со Аргентина, а претходно со шпанските новинари разговараше најдобриот играч на „коцкестите“, Лука Модриќ.

„Едвај чекам да играм против Аргентина. Меси е нивниот најдобар играч, ќе биде тешко да го запреме, но ние сме подготвени. Ќе дадеме се од себе. Ќе се обидеме да го одиграме најдобриот натпревар во нашите животи“, изјави Модриќ.

Во разговорот, легендарниот играч за врска направи интересна паралела меѓу неговите два тима, Реал Мадрид и хрватската репрезентација:

„Им кажав на соиграчите во Реал пред првенството да внимаваат на Хрватска, можете да ги прашате“, низ смеа рече тој, додавајќи: „Никој не сметаше на нас, но хрватската репрезентација има иста ДНК како Реал, секогаш оди до крај и никогаш не се предава“.


Јошко Гвардиол го пропушти тренингот на Хрватска

Еден од најдобрите хрватски фудбалери на Мундијалот во Катар, Јошко Гвардиол, го пропушти вчерашниот тренинг со соиграчите од репрезентацијата.

Според известувањата од хрватските новинари, дефанзивецот Гвардиол не бил повреден, туку добил одмор од селекторот Далиќ, со цел потполно да се опорави после тешкиот натпревар со Бразил. Цел тренинг не одработил ниту Марцело Брозовиќ кој исто така чувствувал замор.

Остатокот од екипата тренирала редовно, и подготвена ќе го дочека полуфиналниот дуел со Аргентина.


Италијанецот Орсато ќе го суди дуелот помеѓу Аргентина и Хрватска

47-годишниот фудбалски судија од Италија, Даниеле Орсато ќе биде главен судија на полуфиналниот натпревар од СП помеѓу Аргентина и Хрватска кој ќе се игра во вторник на стадионот Лусаил.

Орсато е роден во Виченца, а судија на ФИФА е од 2010 година. Ова за него е прво Светско првенство во улога на главен судија. Орсато се смета за најдобар италијански судија, а пред две години го судеше и финалето на Лигата на шампионите помеѓу Баерн Минхен и Париз Сен Жермен.


Саутгејт уште не одлучил дали ќе остане англиски селектор

Селекторот на фудбалерите на Англија, Герет Саутгејт, сега не размислува за оставка по елиминацијата од Мундијалот во Катар. Англичаните вчера загубија од Франција со 2-1 и си ги спакуваа коферите.

„Треба да размислам, на сите им треба време да ги донесат вистинските одлуки. По анализата ќе ја донесеме одлуката“ – вели Саутгејт кој има активен договор до 2024 година.  

Тој седна на кормилото во 2016 година и го предводеше „Гордиот Албион“ на Светското првенство во 2018, на Европското првенство во изминатата година и сега  во Катар.


Луис Дијаз ја обнови повредата, Клоп со нови големи грижи

Крилото на Ливерпул, Луис Дијаз го напушти тренинг кампот на „црвените“ во Дубаи и ќе се врати во Англија, откако го повреди коленото.

Тој се рехабилитираше од повреда на истото колено од 9 октомври и само што се врати на тренинзите ја обнови повредата. Пред три дека Колумбиецот се врати на тренинзите и отпатува во Дубаи со тимот.

Во клубот решија Дијаз да не го оперира коленото и паузата да ја искористи за рехабилитација, но повредата се искомплицирала.

Дијаз денес го напушти тренинг кампот и се врати во Англија да се
лекува, а наскоро ќе стане јасно колку време ќе му биде потребно за
рехабилитација.


Манчестер Јунајтед заинтересиран за Гакпо и Рамош

Англиските медиуми пренесуваат дека тренерот на Манчестер Јунајтед, Ерик тен Хаг, е заинтересиран за доведување на крилниот напаѓач од Холандија, Коди Гакпо, како и за ангажман на португалскиот напаѓач Гонсало Рамош.

Гакпо и Рамош прикажаа фантастични фудбалски партии со своите репрезентации на Светското првенство во Катар. Медиумите наведуваат дека Тен Хаг бара замена за Кристијано Роналдо кој пред еден месец реши да го напушти клубот од Олд Трафорд.

Тренерот Тен Хаг изјави дека го почитува фактот што двата фудбалери имаат актуелни договори со своите клубови, но Манчестер Јунајтед ќе направи се за да ги ангажира наведените играчи доколку се укаже таква прилика. 23-годишниот Гакпо е член на ПСВ, а Рамош кој има 21 година е играч на Бенфика.


Тотенхем застана во редот за потпис на Франк Кеси

Франк Кеси ова лето пристигна во Барселона како големо засилување, но може да го напушти „Камп Ноу“ веќе во јануари. Кеси не е задоволен од третманот што го има во Барселона каде добива мала минутажа и главно е на клупата за резерви.

Поради тоа репрезентативецот на Брегот на слоновата коста сака уште во јануари да ја промени средината, а иако се шпекулираше дека може да се врати во Серија А, сепак е најблиску до Премиер лигата.

Имено, силен интерес за него покажува Антонио Конте, а Тотенхем веќе стапил во контакт со неговиот агент.

„Спарси“ се спремни да платат 20 милиони евра за неговиот потпис, а тоа за Каталонците би бил чист профит со оглед на фактот дека Кеси пристигна како слободен агент.