фудбал

Интер го договори бесплатниот трансфер на Џон Стоунс

Интер постигна целосен договор за ангажман на Џон Стоунс, кој наскоро ќе стане нов фудбалер на италијанскиот гигант. Англискиот дефанзивец ги прифатил личните услови и останува само да ги мине лекарските прегледи пред официјално да биде претставен како ново засилување на „нераѕурите“.

Според договореното, Стоунс ќе потпише договор со Интер до јуни 2028 година, а ќе заработува околу четири милиони евра нето по сезона.

Триесет и двегодишниот стопер зад себе има богата кариера. Во Манчестер Сити пристигна во 2016 година од Евертон и во изминатите години беше еден од најважните играчи во тимот на Пеп Гвардиола. Со „граѓаните“ освои шест титули во Премиер лигата, Лигата на шампионите, два ФА Купа, четири Лига купови, Суперкупот на Европа и Светското клупско првенство.

Стоунс во наредните денови ќе отпатува во Милано, каде што ќе ги мине задолжителните лекарски прегледи, по што Интер и официјално ќе го потврди неговиот трансфер.


Огромни финансиски проблеми за Ал-Наср

Алармот во редовите на Ал Наср, клубот на Кристијано Роналдо, е запален. Поради огромен долг кој надмина 200 милиони долари, саудискиот шампион е принуден да ги запре сите дојдовни трансфери. Летниот преоден рок е практично замрзнет додека не се реши финансиската криза.

Проблемите со ликвидноста се толку сериозни што некои плаќања се одложени, вклучително и парите што им се должат на играчите. Приоритет на клубот е да ги намали трошоците и да пронајде нови извори на приход за да се избегне продлабочување на кризата, што би можело да влијае на амбициите на екипата.

Доколку жолто-сините го стегнат ременот, над главата на Роналдо ќе се појави прашалник. Легендарниот Португалец стана синоним за клубот, донесе огромен број следбеници и го лансираше публицитетот до небото, но тоа има своја цена. Тој е еден од најплатените спортисти на планетата, па прашањето е дали Ал Наср ќе може да ги исполни неговите барања во иднина.

Засега нема официјални информации дека Роналдо побарал да го напушти Ријад. Петкратниот освојувач на Златната топка има договор до следното лето, што значи дека треба да остане во Саудиска Арабија барем уште една сезона. Меѓутоа, доколку дојде до промена на планот, несомнено ќе има многу клубови кои ќе се редат да го потпишат фудбалерот кој наскоро ќе наполни 42 години.


Чаби Алонсо: Палмер и Роџерс може да играат заедно

Менаџерот на Челзи, Чаби Алонсо, изјави дека веќе има идеја како да го вклопи рекордното засилување Морган Роџерс со Кол Палмер, еден од најдобрите играчи на лондонскиот клуб.

Роџерс стана најскапиот британски фудбалер во историјата минатата недела откако се пресели од Астон Вила на Стемфорд Бриџ за 117 милиони фунти.

24-годишниот играч од средниот ред моментално е на одмор откако играше за Англија на Светското првенство, додека Челзи веќе ги започна подготовките за новата сезона на турнеја во Сиднеј.

Алонсо верува дека Роџерс е токму играчот што му беше потребен на неговиот тим.

„Ни требаше важен играч на таа позиција и сигурен сум дека немаше многу подобри опции од Морган Роџерс“, рече Алонсо.

Шпанскиот стручњак очекува новото засилување брзо да се вклопи.

„Сигурен сум дека на Морган нема да му треба долго време да се прилагоди на клубот, системот и неговите соиграчи.“

Едно од главните прашања ќе биде како Алонсо ќе ги искористи двајцата креативни англиски фудбалери.


Дембеле се согласи на нов договор со ПСЖ

Францускиот фудбалски репрезентативец Усман Дембеле донесе конечна одлука и со која стави крај на сите шпекулации и останува во ПСЖ и ќе го продолжи договорот со оваа екипа.

Преговорите се во завршна фаза,а соработката наскоро ќе биде официјализирано, што значи дека крилниот напаѓач ќе остане на „Паркот на принцовите“ и следната сезона.

Ал-Хилал претходно воспоставил контакти со цел да го доведе Французинот, надевајќи се дека ќе успее со својата финансиска моќ.

СПСЖ веднаш даде до знаење дека не размислува за продажба и дека подготвуваат нов договор за Дембеле.


Гркот Карецас е замената за Адејеми во Дортмунд

Трансферот на Константинос Карецас во Борусија Дортмунд е официјализиран. Германскиот клуб постигна конечен договор со белгискиот Генк за 19-годишниот офанзивен играч за врска, кој ќе стане нов играч на хрватскиот тренер Нико Ковач. Управата на Борусија двапати патуваше во Белгија за да ги забрза преговорите, а конечниот договор беше постигнат откако клубот ја зголеми понудата.

Спортскиот директор Оле Бак остана во Европа за лично да го заврши трансферот, бидејќи тимот веќе замина на подготвителна турнеја во Јапонија. Карецас ги договори личните услови со Борусија и е задоволен од планот за развој што му беше претставен. Тој ќе потпише петгодишен договор, а Генк, со вклучени бонуси, ќе заработи над 35 милиони евра.

Карецас е роден во Генк и има грчко потекло. Пораснал во академијата на Генк, а кратко време поминал и во помладите категории на Андерлехт. На почетокот на 2024 година се приклучи на првиот тим на Генк.


Малдини и Леонардо поднесоа оставки по само шеснаесет дена

Легендарните играчи на Милан, Паоло Малдини и Леонардо не се повеќе дел од Фудбалската федеарација на Италија, откако не успеаја да донесат нов селектор на репрезентацијата на „Аѕурите“. И покрај тоа што најчесто споменувано име беше Андреа Пирло, сепак, легендарниот фудбаелер нема да стане селектор поради поврзаност со руска обложувалница.

Најпрво беа одбиени од Пеп Гвардиола, а потоа се обидоа и со Карло Анчелоти, а кога изборот падна на Пирло, од бизарна причина тој не можеше да биде назначен за селектор.

Малдини после ова најави оставка од функцијата, и ја оствари поради неизедначени ставови со првиот човек на федерацијата, Џовани Малаго.

Следеа преговори и со други кандидати, Леонардо го предложи и Тијаго Мота, но и тој наводно не бил заинтересиран, па двајцата поднесоа оставки.

Сега во комбинција се Стефано Пиоли и Антонио Конте, кои се желба на првиот човек на италијанскиот фудбал Малаго.


Чичарито потпиша за нов второлигаш од САД

Легендарниот мексикански фудбалер Хавиер Ернандез, или познат како Чичарито, има нов клуб. Иако има 38 години, тој не размислува за пензија, па го стави потписот во својот нов тим.

Станува збор за тимот на Атлетико Далас, кој се натпреварува во МЛС Чемпионшип лигата. Тимот е формиран пред две години, и има големи амбиции да стигне до „елитата“.

Во минатото водечкиот стрелец на мексиканската репрезентација во минатото беше дел од Манчестер Јунајтед, Реал Мадрид, ЛА Галакси. Беше дел и од Вест Хем, Баер Леверкузен, Севиља. Тој нема играно фудбал од 2025 година, кога беше дел од Гвадалахара, но откако го напушти тимот, не најде нов ангажман, се до сега.

Чичарито нема да игра оваа година за новиот тим, туку тоа ќе го стори дури во следната 2027 година.


Чурлинов пред потпис со Погон

Македонскиот фудбалски репрезентативец Дарко Чурлинов се враќа во полската Екстракласа. Крилниот напаѓач веќе се договорил за условите со Погон Шчечин, објавија полските медиуми.

Викендов се појави веста дека Дарко Чурлинов е блиску до враќање во Полска, откако имаше одличен период додека беше дел од екипата на Јагелонија Бјалисток во сезоната 2024/25.

Тој сега преговараше со Погон и со Видзев Лоѓ, но се чини дека вчера работите отидоа во насока на негов трансфер во Погон.

„Се чинеше дека договорот со Видзев е веќе финализиран. Во неделата, пред натпреварот на Видзев против Мотор тој требаше да биде најавен како еден од новите играчи, но потоа Погон се вклучи силно. Откако доби понуда од Погон со слични услови, играчот одлучи да оди во Шчечин“, пишуваат полските новинари.


Мундијалското финале последно во кариерата: Винчиќ замина во пензија

Словенечкиот фудбалски судија Славко Винчиќ ја заврши својата судиска кариера само една недела откако го судеше финалето на Светското првенство. Винчиќ се пензионира на 46 години, а неговото заминување беше потврдено од Фудбалскиот сојуз на Словенија.

Винчиќ стана меѓународен судија во 2010 година. Две години подоцна, беше вклучен во Европското првенство како шести судија, а со словенечкиот тим учествуваше и во четвртфиналниот натпревар. Во 2013 година, ја делеше правдата на Европското првенство за играчи под 17 години во Словачка.

Во 2015 година, го водеше првиот натпревар од нокаут фазата на европско натпреварување во осминафиналето на Лигата на Европа, а следната година дебитираше во Лигата на шампионите.

Неговите најголеми професионални достигнувања беа забележани во последните години. Во 2021 година, тој го судеше реваншот од полуфиналето на Лигата на Европа, додека својот врв го достигна оваа година како главен судија на финалето на Светското првенство. По тој натпревар тој одлучи да ја заврши кариерата.


ПСЖ бара 170 милиони за Баркола

Бредли Баркола, одби да го продолжи договорот со Пари Сен Жермен, и според сè, следната негова дестинација ќе биде Премиер лигата. Баркола сака да го напушти клубот, поради жестоката конкуренција на неговата позиција.

Ливерпул засега покажува најголем интерес. Пари Сен Жермен реагираше и постави цена за крилниот напаѓач од 170 милиони евра.

Ако ова е премногу за Ливерпул, шампионот на најсилната лига во светот сака да ја искористи шансата. Арсенал моментално е во „лов“ на Винисиус Жуниор, а доколку тој трансфер на „Емирати“ не се реализира, тие се подготвени да го насочат вниманието кон Баркола.

Баркола кариерата ја започна во Академијата на Олимпик Лион, во Пари Сен Жермен е од 2023 година. Минатата сезона, на 49 натпревари, постигна 13 гола и запиша седум асистенции.