фудбал

Распродажба во Реал – Перез „брка“ дури девет играчи

Шпанскиот реномиран весник „Марка“ објави текст под наслов „Планот на Мадрид: Продажби да, позајмици не“, во кој детално ги опишува плановите на Флорентино Перез и Реал за претстојниот трансфер период. Целта на Реал ова лето ќе биде максимално да ги намали трошоците, но и со продажбата на играчи да заработи што повеќе пари, кои веднаш ќе се вложат во нови играчи. Главна мета е Килијан Мбапе од ПСЖ, но се споменуваат уште неколку играчи како што се Ерлинг Халанд и Едуардо Камавинга. Планот на Реал всушност е едноставен. Перез и неговите соработници одлучија да се ослободат од дури девет играчи, па со заработката од нивните трансфери да инвестираат во нови играчи. Брахим Диаз, Дани Себаљос, Лука Јовиќ, Хесус Ваљехо, Такефуса Кубо, Иско, Борха Мајорал, Герет Бејл и Реиние се играчите кои се најдоа на пописот. Некои од нив се во клубот, некои на позајмици, а еден играч ќе претставува посебен проблем. Се работи секако за Бејл, кој во моментот е позајмен на Тотенхем, а клубот од Лондон нема намера да го откупи неговиот договор. Веќе неколку трансфер периоди Бејл е главна тема кога е Реал во прашање, но досега не е пронајден ниту еден клуб кој би имал желба во целост да ја преземе неговата плата. Истата мисија го очекува Реал и ова лето.


Ројс одби да игра за Германија на Европското првенство

Репрезентацијата на Германија на Европското првенство ова лето ќе биде без Марко Ројс. Фудбалерот на Борусија Дортмунд веќе му соопштил на Јоаким Лев дека нема да игра на турнирот овал ето затоа што се чувствува уморно. „После една комплицирана и му благодарам на Бога успешна сезона, заедно со мојот тренер одлучивме да не играм на ЕП. Одлуката беше тешка за мене затоа што со гордост играм за мојата земја. Паузата ќе ја искористам да се одморам кој ќе ми помогне подобро да ја започнам сезоната. За Германија ќе стиксам палци Јоги и момците да имаат што поголем успех“, изјави Ројс. За Германија Ројс собра 44 настапи и постигна 13 гола, дресот на репрезентацијата го носи од 2011 година.


Давид Луиз по втор пат го напушта Арсенал на крајот на сезоната

Микел Артета ја потврди веста која ја најави „Дејл меил“ дека Давид Луиз нема да стави потпис на нов договор и си заминува по крајот на оваа сезона. Искусниот бразилски стопер става крај на авантурата во Арсенал по точно две сезони иако на големо се шпекулираше дека ќе си замине уште по првата година.
„Вистина е, Давид Луиз си заминува. Тој е играч кој освои се во фудбалот и има право да носи самостојни одлуки. Тој е фантастичен играч и фантастична личност. Беше привилегија да се работи со него во изминатите 18 месеци откако сум тука. Тој многу ми помогна во Арсенал, на теренот, но и во соблекувалната е пример за сите“, изјави менаџерот на Арсенал.


Бензема добива нов договор во Реал Мадрид

Голгетерот на Реал Мадрид, Карим Бензема е на добар пат да потпише нов договор со „кралевите“.
Актуелниот договор на Бензема истекува следната сезона, но се очекува до крајот на сезоната да стави потпис на нов договор до 2023 година.
Така во клубот ќе ја запазат политиката на играчите над 30 години да им ги продолжуваат договорите само за една сезона. Преговорите со Бензема течат во добра насока и се очекува Французинот многу брзо да стави потпис на новиот договор.


Финале на Купот – двете екипи веруваат во победа!

Фудбалерите на Академија Пандев и Силекс со почеток од 19.00 часот ќе ги одмерат силите во финалето од Купот на Македонија. Натпреварот меѓу овие две екипи ќе се одигра на Националната арена „Тодор Проески”.
Тренерот на Академија Пандев, Александар Васовски вели дека неговите фудбалери се максимално фокусирани и подготвени за овој натпревар, очекува добра игра од своите фудбалери и освојување на пехарот.
„Одлично сме подготвени за овој натпревар, се надевам дека и втора година по ред Академија Пандев ќе биде тимот што ќе го освои трофејот. Тоа е наша цел. Шансите се подеднакви за двете екипи. Очекувам да се претставиме во добро светло, се надевам на добра игра и победа.“
Фудбалерот на Академија Пандев, Ѓорѓи Стоилов се надева на победа и освојување на пехарот.
„Играме против противник кој заслужува почит. Ја анализиравме играта на Силекс, подготвени сме за овој предизвик, и се надевам дека повторно ќе се радуваме на победа и освојување на трофеј во купот.“
Тренерот на Силекс, Горан Симов вели дека е време по 24 години пауза, пехарот да се врати во Кратово.
„Се надевам дека по пауза од 24 години, ќе успееме да го освоиме трофејот. Шансите и на двете екипи се подеднакви, во прашање е еден натпревар и се е можно. Добро го анализиравме противникот и подготвени сме за ова финале.“
Капитенот на Силекс, Ангелчо Тимовски се надева дека победникот на овој меч ќе биде решен во регуларниот дел.
„Финалето е посебна инспирација и мислам дека и двата тима имаат еднакви шанси. Лично, посакувам финалната пресметка да се реши пред евентуално изведување пенали”.


Газдата на Сити ќе им ги плати трошоците на сите фанови за финалето на ЛШ

Сопственикот на Манчестер Сити, Шеикот Мансур, ќе ги покрие трошоците на фановите кои ќе го поддржуваат тимот во Португалија во финалето од ЛШ. Финалето беше преместено од Истанбул во Порто, па двата финалисти добија по 6.000 билети за своите фанови. Натпреварот ќе се одигра на 29-ти мај.
„Пеп и тимот одиграа фантастична сезона. Пласманот во финалето од Лигата на шампиони претставува историски момент за клубот. Затоа е многу важно колку што може повеќе фанови да присуствуваат на тој специјален меч. Особено тие кои го поддржуваат Манчестер Сити многу години во добро или лошо“, изјави сопственикот на Сити.


Кристал Палас потврди дека Хоџсон заминува на крајот на сезоната

Кристал Палас денес и официјално потврди дека Рој Хоџсон ќе го напушти „Селхуст парк“ на крајот од сезоната.
Поранешниот селектор на Англија помина четири години во клубот каде што ја започна својата фудбалска кариера во минатата. Оваа сезона „орлите“ се на чекор да завршат на 14. позиција како и минатата сезона.
Сега следи потрагата за нов тренер, а се издвојуваат две имиња. Тоа се Френк Лампард и Крис Вајлдер.
Лампард остана без ангажман откако Тухел го замени во јануари, додека Вајлдер го напушти Шефилд кон средината на март.


Тотенхем крои планови за живот без Кејн

Желбата на Хари Кејн да ја промени средината го примора Тотенхем да бара нов врвен напаѓач. Тотенхем како евентуална замена за Кејн посочил двајца фудбалери од Манчестер, Габриел Жесус од Сити и Марсијал од Јунајтед.
Вчера сите бритинаски медиуми пренесоа дека Кејн побарал трансфер од раководството, откако Тотенхем и оваа година остана без трофеј.
Тотенхем сигурно нема лесно да го пушти голгетерот и ќе бара најмалку 100 милиони евра. Во Жесус и Марсијал гледаат идеална замена со оглед на фактот дека се млади и имаат искуство во Премиер лигата.


Бум во Лион, легенда седнува на клупата на францускиот гигант?!

Лион не се откажува од Лигата на шампионите, имаат само бод помалку од Монако кој е трет, а Депај и соиграчите ја дочекуваат Ница на домашен терен во последното коло, додека Монако гостува кај Ленс. Руди Гарсија веќе донесе одлука да си замине на крајот од сезоната. Лион веќе некое време активно бара замена за поранешниот тренер на Рома, се споменуава Галтие од Лил и Гаљардо од Ривер Плата, меѓутоа клубот би можел да го пронајде решението во своите редови. Жунињо Пернамбукано би можел да биде новиот тренер на Лион, доколку не се оствари соработка со некој од споменатите тренери. Бразилецот се врати во Лион во 2019. година, во моментот е спортски директор на клуобт, а наскоро би можеле да го видиме и покрај теренот, доколку се вистинити шпекулациите на француските медиуми. Кралот на слободните удари се повлече во 2013. година од активниот фудбал, а би било интересно да го видиме и покрај теренот.


Депај сам ќе одлучува за својата иднина

Репрезентативецот на Холандија, Мемфис Депај на крајот од оваа сезона извесно е дека ќе го напушти Лион со кој му истекува договорот во јуни и најверојатно ќе ја прифати понудата од Барселона. Поранешниот напаѓач на Манчестер Јунајтед, подолго време се поврзува со преселба во Шпанија но и во Италија, а тој на социјалните мрежи реши да испрати порака до неговите фанови поврзана со следните чекори. „Време е да ја преземам контролата над мојата кариера. Дојдов до точка кога треба да направам важен избор за својата иднина и решив да преговарам за моите идни зделки со мој тим на лица на кои им верувам поддржан од правни експерти. Јас сам ќе одлучам за мојата следна дестинација. Вие први ќе дознаете.“ – вели Депај.