фудбал

Вердер го врати Томас Шааф на клупата на едно коло до крајот на Бундеслигата

Вердер по викендашкиот пораз на теренот на Аугсбург му врачи отказ на тренерот, Флоријан Кофелт, стои во соопштението објавено на официјалната веб-страница на тимот.
Во завршницата од Бундеслигата на мечот со Борусија Менхенгладбах, клубот ќе го води легендата, Томас Шааф, кој претходно ја имаше таа позиција. Вердер се наоѓа на 16-то место во поредокот на само една рунда пред крајот на сезоната.
„Среќни сме што Томас ја презеде задачата во неизвесна ситуација за клубот. Се надеваме дека со неговото искуство тој може да ги подготви играчите за последниот натпревар во сезоната“, изјави извршниот директор на Вердер Бремен, Франк Бауман.


Суперкупот на Европа ќе се игра во Истанбул

Финалето во овогодинешниот Суперкуп на Европа кое требаше да се игра во Белфаст ќе биде преместено во Истанбул, градот кој требаше да биде домаќин на финалето во Лигатан а шампионите. Истанбул требаше да ги пречека двата најдобри тима на „стариот континент“, но одлуката на крајот падна Сити и Челзи да играат на „Драгао“ во Португалија. Турците секако ќе добијат материјална оштета поради трошоците за организација во изминатите месеци, но УЕФА дополнително им излезе во пресрет и им дозволила да го организираат Суперкупот кој е планиран да се одигра кон крајот на летото. И во него би можеле да гледаме дуел на две англиски екипи затоа што Манчестер Јунајтед во финалето од Лигата на Европа игра против Виљареал.


Чалханоглу од Милан се сели во Јуве

Италијанските медиуми тврдат дека Јувентус е на чекор да го „украде“ Хакан Чалханоглу од редовите на Милан.
Турскиот репрезентативец во последно време игра во фантастична форма и е клучен играч кај „росонерите“, но проблем за Милан е што неговиот договор истекува на крајот на сезоната.
Милан сака по секоја цена да го задржи на „Сан Сиро“, но двете страни се далеку од договор. „Росонерите“ нудат 4 милиони евра по сезона, а турскиот плејмејкер бара 6 милиони евра.
Италијанските медиуми пренесуваат дека Јувентус е спремен да ги задоволи финансиските барања на Чалханоглу и играчот е многу блиску до трансфер во Јувентус.


Италијанското финале на Купот ќе се игра пред фанови на трибините

Раководството на италијанската Серија А одлучи финалето од Купот на Италија да се игра со присуство на навивачи. Јувентус и Аталанта на 19 мај ќе играат на „Мапеи“ стадионот во Реџо Емилија каде што ќе одлучат кој оваа година ќе биде шампион во Купот на Италија. Управата на Серија А одлучи да дозволи присуство на навивачи од 20% од капацитетот на стадионот, па според тоа на трибините ќе има 4.000 навивачи. Двата тима ќе добијат по 2.000 влезници за своите навивачи, а секако дека ова е добар чекор кон враќањето на публиката на стадионите во Италија. Ќе потсетиме Италија беше помеѓу најпогодените земји од коронавирусот и за целата земја ова сигурно ќе биде голема работа. Финалето од купот се игра во среда од 21:00 часот, минатата сезона овој трофеј го освои екипата на Наполи.


Кун Агуеро се враќа во Шпанија, ќе го облече дресот на Барса

Се погласи се најавите дека Серхио Агуеро ќе стане нов играч на Барселона. Аргентинските медиуми објавија дека Агуеро ги договорил сите услови со каталонскиот гигант околу неговото преминување на „Камп Ноу“. Според последните информации се ќе биде официјализирано после финалето во Лигата на шампионите во кое Сити ќе игра против Челзи. Кун во претходните денови разговарал со претседателот на Барселона Жоан Лапорта и се согласил на условите кои му ги понудил каталонскиот тим. Агуеро така после 10 години повторно ќе заигра во Ла Лига каде што претходно го носеше дресот на Атлетико Мадрид, а од Сити заминува после една деценија помината во клубот.


Абрамович ќе му даде богатство на Тухел за трансфери летово

Роман Абрамович ќе му даде на Томас Тухел 150 милиони фунти за летни трансфери, пренсуваат медиумите на Островот. Челзи минатото лето потроши 250 милиони за летна селекција, не ја започна добро сезоната, но Тухел успеа да го однесе тимот во финалето од Лигата на шампиони и ФА Купот. Раководството на клубот е исклучително задоволно од работата на Германецот и ќе му даде солиден буџет за да донесе засилувања по негова мерка. Се очекува примарна цел да биде централен напаѓач бидејќи Жиру и Абрахам се на излезна врата, а Вернер не ги оправда во целост очекувањата.


Артета во проблеми, столбот на одбраната го напушта Арсенал

Искусниот бразилски фудбалер Давид Луиз ќе го напушти Арсенал на крајот од оваа сезона бидејќи не се согласи со лондонскиот клуб на продолжување на соработката, пренесува британскиот весник Дејли Мејл.
Луиз пред две години пристигна на „Емирати“ од Челзи, а според сознанијата на овој извор, одлучи да го напушти клубот по истекот на сегашниот договор.
Во клубот имаа желба да го задржат 34-годишниот Бразилец, но намерите не им се поклопија, па веќе ова лето ќе мора да бараат друго решение за централната дефанзива.
Луиз досега одигра 73 натпревари за Арсенал и важеше за еден од незаменливите играчи во тимот на Микел Артета.


Проблеми во Јувентус, се бара одложување на исплата на платите

Според пишувањата на италијанскиот Газета дело Спорт, Јувентус побара од своите играчи да прифатат одложување на исплата на платите. Наводно се работи за период од четири месеци, од март до јуни годинава.
Тој медиум уште во април пишуваше дека тоа е опција, но тогаш никој од Јувентус не ја потврди информацијата. Минатата година играчите на сега веќе поранешниот италијански шампион се согласија на слично барање поради кризата предизвикана од пандемијата на коронавирусот. Проценката е дека „старата дама“ на тој начин минатата година заштеди околу 90 милиони евра.
Тренерот Андреа Пирло пред неколку дена ги демантираше гласините за таквите барање и изјави дека платите се исплаќаат редовно. Во наредните неколку денови би требало да се знае дали играчите ќе се согласат на договор со клубот.
За потсетување, Интер неодамна ги замоли играчите на слична одлука.


Милан пак купува од Лил, Ренато Санчез на пат кон „Сан Сиро“

Италијанските медиуми пренесуваат дека португалскиот играч за врска, Ренато Санчез е главна трансфер цел на Милан.
Ренато Санчез важеше за најголем европски талент, направи трансфер во Баерн каде не се снајде.
Португалецот ја „оживеа“ својата кариера во Лил, каде веќе втора сезона игра фантастично и го привлече вниманието на многу европски гиганти.
Тренерот на Милан, Пиоли бара квалитетно засилување за средниот ред бидејќи се поизвесно е дека „росонерите“ следната сезона ќе играат во Лигата на шампиони.


ТВ правата за Премиерлигата продадени за 5,5 милијарди евра

Англиската фудбалска Премиер лига објави дека постигна договор околу продажба на правата за телевизиски преноси од натпреварите со Скај спортс, БТ Спорт, Амазон Прајм Видео и Би-Би-Си Спорт, вреден околу 5,5 милијарди евра за период од 2022. до 2025. година.
Износот е речиси еднаков како и претходниот тригодишен договор, за 1,83 милијарди евра по сезона, и доаѓа како резултат на непосредна спогодба, а не преку јавно наддавање, за што Премиер лигата, поради пандемијата на коронавирус, доби дозвола од британската Влада.
Договорот вреден 5,5 милијарди евра ја остави Премиер лигата на водечкото место според заработката од телевизиските права, пред француската Прва лига, со приход од 1.172 милијарди евра (за периодот 2020 – 2024), германската Бундеслига (1.16 милијарди евра, 2017-2021), шпанската Ла Лига (1.14 милијарди евра 2019-2022) и италијанската Серија А со заработка од 973 милиони евра по сезона за периодот од 2019-2021 година.