фудбал

Томасон ја освои титулата и си замина од Малме

Малме објави дека се разделува со тренерот Јон Дал Томасон. Тој беше назначен на функцијата пред речиси две години – во јануари 2020 година.

45-годишниот поранешен дански репрезентативец, кој има 123 натпревари за Данска, а играше и за Милан, ги освои последните 2 титули на Шведска со Малме. Сепак, тимот заврши на последното место во својата група во Лигата на шампионите и тренерот реши да си замине.

„Беше тешка одлука да се збогувам, но во исто време се чувствувам добро. Затоа што имам чувство дека го напуштам тимот на врвот“, изјави Томасон за клупската веб-страница.


Мауро Икарди како замена за Кавани во Манчестер Јунајтед

Манчестер Јунајтед подготвува план во случај Едисон Кавани да го напушти клубот во јануари. Во тој случај има информации дека од „Олд Трафорд“ ќе пробаат да го доведат Мауро Икарди од ПСЖ.

Кавани веќе извесен период се споменува како потенцијално засилување на Барселона и големи се шансите 34-годишниот Уругваец пред време да го раскине договорот со Јунајтед.

Мауро Икарди сигурно радо би пристигнал на „Олд Трафорд“ бидејќи со доаѓањето на Меси во ПСЖ, тој многу ретко добива шанси за настап и неговата кариера е во стагнација.


Кеирош ги вклучи сите египетски ѕвезди за Купот на Африка

Ѕвездата на Ливерпул, Мохамед Салах, ќе го предводи египетскиот тим кој ќе настапи на Африканскиот фудбалски куп на нации во Камерун.

Селекторот на „фараоните“, Карлос Кеирош, го повика и Трезеге кој по подолг период  ја санираше повредата и се врати во Премиер лигата. Во тимот се вклучени и напаѓачот на Галатасарај, Мостафа Мохамед и играчот од средниот ред на Штутгарт.

Египет кој има седум рекордни титули  е еден од фаворитите на турнирот закажан од 9 јануари до 6 февруари.


Анчелоти ќе го задржи Јовиќ до крајот на сезоната

Српскиот напаѓач Лука Јовиќ нема да го напушти Реал Мадрид во текот на зимскиот преоден рок.

Многу се шпекулира за иднината на Јовиќ и медиумите тврдеа дека сигурно ќе ја промени средината во јануари, бидејќи за него интерес покажуваат неколку клубови ширум Европа. Меѓутоа, ситуација се промени во последно време, бидејќи Анчелоти почна да му дава поголема минутажа, а Јовиќ ја оправда довербата.

Анчелоти сака да го има во тимот до крајот на сезоната и му порачал на раководството да не преговара за негова продажба.

Јовиќ има договор со „кралевите“ до 2025 година, а на лето готово сигурно ќе биде продаден.


Букајо Сака изразил желба да игра за Ливерпул

Медиумите во Англија излегоа со шпекулација дека младата Ѕвезда на Арсенал, Букајо Сака, изразил желба својата кариера да ја продолжи во Ливерпул.

Неколку европски гиганти веќе ја следат ситуацијата со Сака кој има актуелен договор со Арсенал до 2024 година, и сигурно е дека клубот од Лондон нема така лесно да се откаже од екстра талентираниот играч.

20-годишниот крилен напаѓач веќе се етаблира како еден од поважните поединци во Арсенал по што заигра и за англиската репрезентација.

Букајо Сака оваа сезона на 19 натпревари има постигнато 5 гола и 4 асистенции. Неговата вредност се проценува на 65 милиони евра.


Хуго Лорис после Тотенхем се враќа во Франција

Голманот на Тотенхем, Хуго Лорис има желба да се врати во Франција и да заигра за Ница после истекот на неговиот договор со клубот од Лондон следното лето.

Фудбалскиот клуб Ница е матичен клуб на Лорис, каде тој ја започна својата голманска кариера и од каде потоа премина во Лион.

Во Лион помина пет години за во 2012 година да се пресели во Лондон и Тотенхем.

Лорис влегува во последните 6 месеци од актуелниот договор со Тотенхем и веќе е извесно дека не планира продолжување на соработката со клубот и најверојатно ќе замине како слободен играч.


Монако го отпушти тренерот Нико Ковач

Медиумите во Франција ја пренесоа информацијата дека Фудбалскиот клуб Монако му врачил отказ на досегашниот тренер, Нико Ковач.

Како причина за отпуштањето на хрватскиот стручњак, од клубот ги наведуваат слабите резултати на екипата во последниве месеци.

50-годишниот Ковач го води Монако од јули 2020 година. Тој претходно беше тренер во Бундеслигата каде ги водеше екипите на Баерн Минхен и Ајнтрахт Франкфурт. Во својата кариера Нико Ковач беше и селектор на хрватска репрезентација. 

По одиграни 19 натпревари, Монако има 29 бодови и се наоѓа на шестото место од француската Лига 1.


Нападнат и ограбен Жоао Кансело од Манчестер Сити

Играчот од одбраната на Манчестер Сити, Жоао Кансело, преку социјалните мрежи ја пренесе информацијата дека бил жртва на напад. 

Португалскиот репрезентативец објави фотографија со објаснување за случката.

„За жал, денеска бев нападнат од четворица кукавици кои ме повредија и се обидоа да го повредат и моето семејство. Еве што се случува кога ќе се спротивставите. Ми го украдоа целиот накит и ми нанесоја повреди на лицето. Не знам како е можно да постојат толку лоши луѓе. За среќа семејството ми остана неповредено и сите се добро. После толку многу препреки во мојот живот, ова е уште една што ќе ја надминам. Силен како и секогаш“, напиша Кансело на својата објава.


Одложен натпреварот помеѓу Лестер и Норвич

Одложена е средбата од Премиер лигата помеѓу екипите на Лестер и Норвич кој требаше да се одигра на 1.јануари 2022 година.

Одложувањето е направено по барање на екипата на Норвич која поради зголемен број на ковид случаи и повредени играчи не е во можност да состави екипа со потребниот број на играчи по правилата на Премиер лигата, односно 13 играчи плус голман.

Ова е втор одложен натпревар за Норвич оваа сезона. Првиот беше против Вест Хем на 18 декември. За екипата на Лестер ова е веќе трета одложена средба.


Кулушевски побарал трансфер од Јувентус

Шведскиот репрезнетативец со македонско потекло Дејан Кулушевски не е задоволен во Јувентус и побарал трансфер од раководството.

Кулушевски оваа сезона не добива голема минутажа од Алегри и сериозно размислува да ја промени средината.

Јувентус е во потрага по класичен напаѓач и е спремен да го „жртвува“ Кулушевски, па е спремен да слушне понуди во јануари.

Швеѓанецот со македонско потекло има само 21 година и сака да се пресели во средина каде што ќе има голема минутажа.