фудбал

Норвич го отпушти тренерот Фарке

Само неколку часа после победата над екипата на Брентфорд со 2:1 во Премиер лигата, од Норвич стигна веста дека клубот му даде отказ на тренерот Даниел Фарке.

Спортскиот директор на Норвич, Стјуарт Вебер изјави дека одлуката за отпуштање на Фарке не била воопшто лесна и дека го бараат само најдоброто за клубот.

Даниел Фарке пристигна како тренер на Норвич во 2017 година и го водеше тимот до две шампионски титули во втората англиска лига во 2019 и 2021. Оваа сезона екипата на Норвич не успеа да забележи ниту една победа во првите десет кола од Премиер лигата.


Барса го враќа Бакамбу од Кина во зимскиот преоден рок

Барселона изминатата ноќ го потврди доаѓањето на Чави на клупата, а сега веќе се зборува и за потенцијалните засилувања.

Чави на клупата ќе дебитира после репрезентативната пауза и ќе има доволно време да се запознае со целата екипа. Барселона се соочи со проблем со отсуството на Агуеро кој надвор од терените ќе биде најмалку три месеци. На располагање во нападот Чави ќе го има Лук Де Јонг кој не ги оправда очекувањата од доаѓањето од Севиња.

Поради тоа во јануари клубот ќе се обиде да доведе напаѓач. Во нападот Барселона би можела да се засили со Седрик Бакамбу кој игра во кинескиот Гауан.


Наполи со посебно дизајниран дрес ќе му оддаде почит на Марадона

Фудбалскиот клуб Наполи ќе го прослави животот на Диего Марадона со специјално дизајниран дрес кој го нарекоја Марадона гејм. Овој дрес играчите на Наполи ќе го носат на трите натпревари во Серија А што ќе се играат во ноември, и тоа против екипите на Верона, Интер и Лацио.

Аргентинската легенда пристигна во Наполи од тимот на Барселона во 1984 година и ја предводеше екипата до двете титули во Серија А, во 1987 и 1990. 

Диего Марадона почина на 25 ноември минатата година на 60-годишна возраст и засекогаш ќе остане легенда на Наполи.


Дидие Дешамп сака да тренира клуб од Франција

Селекторот на актуелниот светски шампион Франција, Дидие Дешамп, во интервју за француската телевизија најави дека по завршувањето со водење на репрезентацијата сака да се врати како тренер во клубскиот фудбал. Договорот на Дешамп со француската фудбалска федерација истекува наредната година.

„Сакам да бидам тренер на клуб во Франција. Искрено, не знам кој, но знам дека ќе биде возбудливо. Тоа е повеќе потреба што ја чувствувам, тренерската работа го подига адреналинот. Денес сум ретко на теренот и веќе ми недостига “, изјави поранешниот тренер на Монако, Јувентус и Олимпик Марсеј.


Лапорта најави 3 нови засилувања за Барселона во оваа зима

Шпанскиот весник Марка објави дека претседателот на Барселона, Жоан Лапорта, на средбата со фановите на Барса во Галиција најавил дека во зимскиот период  каталонскиот тим ќе доведе 3 нови засилувања.

Приоритет на Барселона ќе биде нов централен напаѓач поради здравствените проблеми на Серхио Агуеро, кој ќе отсуствува од терените најмалку три месеци поради откриена срцева аритмија. Реализацијата на трансферите ќе започне многу наскоро, најавил претседателот на клубот.

Жоан Лапорта ветил дека сите активности за доведување нови играчи ќе бидат координирани со новиот тренер на клубот, Чави Ернандез.


Шевченко ќе биде нов тренер на Пандев во Џенова

Андриј Шевченко ќе потпише договор со Џенова до 2023 година со опција за продолжување на уште една сезона. Тренерот ќе заработува 1,8 милиони евра годишно во Џенова, плус бонуси.

Во стручниот штаб на Шевченко ќе бидат Андреа Мулдера и Мауро Тасоти, кои соработуваа со него во репрезентацијата на Украина.

Четириесет и петгодишниот Шевченко ја водеше украинската репрезентација од 2016 до 2021 година.

Џенова за која настапува Македонецот Горан Пандев, по 12 натпревари во Серија А има само една победа, шест нерешени средби и пет порази и се наоѓа на 17. место на табелата.


Анчелоти: Не сум му татко на Бејл да му кажувам дали да игра за Велс

Карло Анчелоти на прес-конференцијата зборуваше и за Герет Бејл.

Велшанецот долго време не игра, се опоравува од повредата, но Реал му дозволи да игра за Велс во квалификациите за СП.

„Има дозвола од докторите и може да тренери. Не можеме да му кажеме да не игра за Велс. Постои снимка која покажува дека се заздравил. Како прво, јас не сум негов татко. Можеби последниот период не беше добар за него, но никој не треба да заборави што направи Бејл за Реал“.


Рајт Филипс го советува Сити да не го купува Кејн

Шон Рајт Филипс смета дека клубот не треба да троши над 100 милиони фунти за ангажман на Хари Кејн и Ерлинг Халандкои се поврзуваа со трансфер на „Итихад“.

За разлика од многумина кои сметаат дека Кејн ќе биде последното делче од мозаикот на Пеп Гвардиола, Рајт Филипс тврди дека на клубот би му помогнале и напаѓачи од типот на Лаказет и Воткинс кои дефинитивно ќе чинат многу помалку од гореспоменатиот двоец.

Јасно е дека Гвардиола ќе сака да го засили нападот во следниот летен преоден рок, откако по заминувањето на Кун Агуеро остана без класичен напаѓач во тимот, а Рајт Филипс во интервју за „Сан“ го даде своето мислење за целата ситуација.

„Кога некој ме праша кој напаѓач треба да дојде во Сити, веднаш одговорив со Воткинс. Или Лаказет, и тој знае да дава голови. Знае како да ги натера соиграчите да му ја додаваат топката и секогаш велам дека кога игра за Арсенал, нивната тројка зад напаѓачот игра подобро, се чувствува подобрата поврзаност меѓу нив“, изјави Рајт Филипс.


Њукасл со план за доведување на Тер Штеген

Според информациите од Скај Спорт Германија, Њукасл Јунајтед пројавил сериозен интерес за купување на голманот на Барселона, Марк-Андре Тер Штеген. 

Членот на Премиер лигата планира да изгради сериозен проект откако сопственик на клубот стана инвестициски фонд од Саудиска Арабија. Германскиот медиум пренесува дека клубот од „Сент Џејмс Парк“ веќе испратил понуда од 55 милиони евра за 29-годишниот голман, кој има договор со Каталонците до 2025 година. Во договорот на Тер Штеген има откупна клаузула од неверојатни 500 милиони евра.

Марк-Андре Тер Штеген е член на Барселона од 2014 година кога за 12 милиони евра пристигна од екипата на Борусија Менхенгладбах.


УЕФА подготвува драконска казна за Црвена Звезда

Црвена Звезда ја очекува драконска казна од УЕФА, по серијата инциденти што нејзините навивачи ги предизвикаа по натпреварот во Лига Европа против дански Митјиланд.

Српскиот тим загуби со 1-0, а натпреварот го заврши со девет играчи по исклучувањата на Милош Дегенек и Марко Гобељиќ.

Разочарани од поразот на својата екипа, навивачите на Ѕвезда на патот кон соблекувалната фрлаа тврди предмети кон унгарскиот судија Тамаш Богнар, а притоа еден од предметите го погоди во главата помошникот тренер на белградскиот клуб, Италијанецот Федерико Панончини. Тој со повреди на главата итно беше пренесен во болница, а поради инцидентот тренерот на Црвена ѕвезда Дејан Станковиќ ја пропушти прес-конференцијата за да го посети својот помошник во болничкиот кревет.

Дел од српските медиуми објавија дека во инцидентот бил повреден и помошникот судија.