фудбал

Бејл блиску до трансфер во Кардиф

После повеќегодишниот престој во Реал Мадрид, на велшкиот репрезентативец Герет Бејл овај месец му завршува актуелниот договор со кралскиот клуб.

Последниов период името на Бејл се поврзуваше со трансфер во повеќе клубови од Англија, како Саутемптон, Тотенхем и Њукасл, но според последните информации во медиумите, тој е многу блиску до враќање во својата татковина, Велс.

Имено, за услугите на Бејл сериозен интерес покажува екипата на Кардиф која настапува во Чемпионшип лигата. Засега најбитна работа за офанзивниот играч е тој да има константни настапи за да биде во одлична форма пред настапот со репрезентацијата на Велс на СП во Катар.

Конечната одлука околу изборот на неговиот нов клуб ќе се знае во наредните денови кога фудбалерот ќе се врати од летниот одмор.


Атлетико Мадрид го договори Аксел Витсел

Аксел Витсел е блиску до преселба во Атлетико Мадрид. Мадридскиот клуб е пред Олимпик Марсеј во трката за потписот на 33-годишниот фудбалер.

Шпанскиот клуб му понудил на Витсел договор до 2023 година со опција за уште една година со поголема плата.

Минатата сезона Витсел постигна два гола на 41 натпревар за Борусија во сите натпреварувања.

Неговиот договор со клубот е до 30 јуни 2022 година


Реал Мадрид заинтересиран за Един Џеко

Шпанска „Марка“, објавува ексклузивна вест дека Реал Мадрид е заинтересиран за доведување на напаѓачот Един Џеко од Интер.

Според информациите кралскиот клуб е во потрага по офанзивен играч кој поседува искуство и би бил поддршка за Бензема во нападот на тимот.

Един Џеко помина една сезона во Интер, но по се изгледа дека не е повеќе во плановите на тренерот Инзаги. Заминувањето на Џеко во Реал Мадрид би била идеална можност за фудбалерот кој претходно настапуваше за Манчестер Сити, Рома и Интер.


Полјакот Рибас потпиша за руски Спартак, па беше исфрлен од репрезентацијата

Бидејќи Полска е еден од најголемите критичари на руската инвазија на Украина, јавноста како и фудбалскиот сојуз го нарекоа недозволив овој потег на полскиот репрезентативец Масиеј Рибус, а селекторот на Полска Чеслав Михњевиќ повеќе нема да смета на него.

Рибус е еден од најискусните полски репрезентативци со 66 настапи, а во Спартак доаѓа од Локомотив Москва.

„Оваа ситуација им се случи и на неговите соиграчи од репрезентацијата, Грегор Краховијак од Краснодар и Себастијан Шимански, членот на Динамо од Москва, кои веднаш ја напуштија Русија. Рибус имал неколку разговори со селекторот на репрезентацијата, кој го известил дека нема да биде повикан на натпреварите, како и на Светското првенство во Катар“, соопшти Фудбалскиот сојуз на Полска.

Рибус досега настапуваше и за Лион, Ахмат Грозни и Легија Варшава.


Ливерпул по една сезона го враќа Вајналдум во своите редови

Ливерпул во летниот преоден рок сака да го засили средниот ред, но поголемиот дел од буџетот е веќе потрошен.

„Црвените“ го доведоа Дарвин Нуњес за 100 милиони евра, а медиумите тврдат дека стратегијата на клубот е следното лето да го доведе Џуд Белингам од Борусија Дортмунд. Поради тоа Ливерпул сака да доведе привремено решение, а медиумите шпекулираат дека тоа може да биде Вајналдум.

Холанѓанецот минатото лето си замина од „Енфилд“ како слободен агент, но не се снајде во ПСЖ и сака да ја промени средината.

ПСЖ е спремен да го пушти играчот на позајмица, а Ливерпул сака да го доведе како позајмен играч на една сезона.


Рудигер ја одбил Барса за да потпише за Реал

Реал Мадрид го претстави Антонио Рудигер како свое ново засилување.

Веќе неколку недели е познато дека германскиот репрезентативец постигнал договор со „кралевите“, но се чекаше официјалното претставување по деталните лекарски прегледи кои успешно ги помина утрово.

Стоперот пристигна во Мадрид како слободен играч без обештетување бидејќи му истече договорот со Челси.

Рудигер потпиша четиригодишен договор со Реал Мадрид.

На претставувањето пред новинарите, фудбалерот откри дека го контактирале и најголемиот ривал на Реал Мадрид, но дека не сака да започне преговори со нив.


Франција прв фаворит на Мундијалот во Катар

Фудбалската репрезентација на Франција има најголеми шанси да го освои светското фудбалско пренство во Катар оваа зима, велат податоците на позната аналитичка куќа „Опта Спорт“. Според нивните статистички проценти, „триколорите“ имаат 17,93% шанси да го одбранат светскиот трон и да го направат она што никој од 1962 година не успеал.

На Бразилците им се даваат шанси од 15,73 отсто и тие се втори фаворити за светската круна, додека Шпанците се на третото место на оваа листа на фаворити со 11,53% шанси за најголемиот успех. До петтото место следуваат Англија и Белгија, а интересно Германија има само 7,21% шанси за светската круна, кои ја сместуваат на 7. место на листата на фаворити.


Интер во финални преговори со Лукаку и Дибала

Извршниот директор на Интер, Џузепе Марота, изјавува дека клубот е во завршни преговори за доведување на напаѓачот на Челзи, Ромелу Лукаку, како и фудбалерот на Јувентус Пауло Дибала.

Англиските медиуми пренесуваат дека Лукаку се согласил на видно намалување на својата плата само да заигра на позајмица во Интер.

На 28-годишниот Аргентинец, Дибала, договорот со Јувентус му завршува на крајот од овај месец и тој се очекува да потпише за Интер како слободен играч без обештетување.

Директорот на Интер додава дека клубот веќе ги договорил трансферите на Хенрик Михтарјан од Рома, и на голманот Онана од Ајакс.


Рајан Гигс не е повеќе селектор на Велс

Легендарниот поранешен фудбалер на Манчестер Јунајтед, Рајан Гигс, си поднесе оставка од функцијата селектор на репрезентацијата на Велс.

Причината за оставката, самиот Гигс ја објаснува со фактот дека не сака неговите лични проблеми да ги пореметат подготовките на селекцијата пред Мундијалот во Катар.

Рајан Гигс беше именуван за селектор на Велс во јануари 2018 година, а од ноември 2020 година не ја извршува функцијата поради обвинувањата кон него за физички напад врз неговата девојка и нејзината сестра. Гигс во август го очекува ново појавување пред судот по оваа основа.


Биелса се враќа во Билбао ако Аречабалата победи на клупските избори

Аргентинскиот тренер Марсело Биелса денес потврди дека ќе биде следниот тренер на Атлетик Билбао, со оглед на тоа што Ињаки Аречабалета е пред победа на претседателските избори во клубот, кои ќе се одржат во петок.

Тренерот кој ја претстави својата кандидатура за следната сезона е Аргентинецот Марсело Биелса“, објави Аречабалета на прес-конференција. Покрај него, кандидати за функцијата се Рикардо Баркала и Хон Уриарте, кои сакаат да го наследат Аитор Елисеги.

„Мислам дека ќе дадам позитивен одговор, рече самиот Биелса во видео обраќањето на прес-конференцијата, бидејќи предлогот за Атлетик му беше даден во март. 66-годишниот тренер веќе го водеше Атлетик Билбао од 2011-2013 година и рече дека му треба време да донесе одлука бидејќи многу е голема одговорност да водиш тим како Атлетик и особено за мене, кој веќе бев таму“ рече Биелса.