фудбал

Изов го објави списокот за дуелите со Англија и Австрија

Македонската женска сениорска фудбалска репрезентација овој месец ги започнува европските квалификации за пласман на Светското првенство што ќе се одигра во Австралија и Нов Зеланд 2023 година.

Македонската селекција е во групата „Д“ со Англија, Австрија, Северна Ирска, Луксембург и Летонија.

Македонските фудбалерки првите мечеви од септемврискиот квалификациски циклус ќе ги одиграат против Англија во Саутемптон на 17  септември од 19:00 часот, додека првиот домашен меч е четири денови подоцна на Националната арена „Тодор Проески“ против Австрија.

Фудбалската федерација на Македонија го обезбеди хотел „Лимак“ за тимска база на нашата најдобра женска репрезентација за претстојните натпревари.

Не очекуваат два многу тешки натпревари. Ги знаеме добро квалитетите на двете селекции, посебно на Англија, која е апсолутен фаворит во групата, но верувам дека имаме сили и во рамки на нашите можности достојно ќе се обидеме да се спротивставиме на двете репрезентации. Целта е да извлечеме поволен резултат од двете пресметки, изјави македонскиот селектор Кирил Изов пред стартот на новиот мундијалски циклус.

Радува фактот, посочи тој, што на располагање ги имаме сите фудбалерки, вклучувајќи ги и интернационалките Андонова и Рочи.

Имаме одличен спој на младост и искуство, оптимист сум дека ќе имаме добри квалификации. Атмосферата е одлична, сите се максимално фокусирани и мотивирани да одиграат добро за дресот со државен грб. Гледаме позитивно и веруваме дека оваа селекција може да напредува во квалификациските натпревари, додаде Изов во изјава за официјалниот сајт на ФФМ.

На списокот на Изов за двата воведни дуели се најдоа 23 фудбалерки:

Голмани: Магдалена Лекоска (Љуботен), Суарта Речи (АС Унитед), Верица Колевска (Скопје 2014);

Одбрана: Павлинка Николовска (Каменица Саса), Елена Панеска (Каменица Саса), Ане Бошеска (Тиверија), Јулија Живиќ (Љуботен), Положани Синдис (АС Унитед), Теодора Јанковска (Деспина), Катерина Милеска (Деспина), Сара Коларовска (Скопје 2014);

Среден ред: Јана Чубриновска (Деспина), Александра Марковска (Скопје 2014), Елена Петровска (Скопје 2014), Драгана Гегова (Скопје 2014), Сара Велкова (Тиверија), Наташа Андонова (Леванте, Шпанија);

Напад: Теодора Димоска (Тиверија), Илза Максути (АСС Унитед), Радица Чонева (СЦ Истатов), Рабија Дервиши (Скопје 2014), Хава Мустафа (Шкендија), Гентијана Рочи (Купс, Финска).


Лестер се интересира за Доменико Берарди

Лестер покажува сериозен интерес за ѕвездата на Сасуоло и италијански репрезентативец, Доменико Берарди.

Берарди одигра уште една одлична сезона, постигна 17 голови, а покажа добри партии и на Европското првенство. Негова желба беше да ја промени средината ова лето, меѓутоа заинтересираните клубови не беа спремни да платат 40 милиони евра, колку што бараше Сасуоло.

Лестер веќе стапил во контакт со неговиот агент, а Берарди дал зелено светло за трансфер во Премиер лигата.

Сасуоло не попушта и за неговата слобода бара 40 милиони евра, а „лисиците“ наскоро ќе ја испратат првата понуда.


Свен Ботман е наследникот на Пике во Барса

Барселона е во потрага по квалитетен стопер, кој ќе може да биде наследник на ветеранот Жерар Пике.

Најголема желба на Куман е дефанзивецот на Лил, Свен Ботман, и ќе се обиде да го донесе уште во зимскиот преоден рок.

Станува збор за играч кој има 21 година. Ги помина сите младински категории на Ајакс, а една сезона помина на позајмица во Херенвен. Во Лил пристигна во јули 2020 година и уште во првата сезона се наметна во еден од клучните играчи на тимот.

Ботман е холандски репрезентативец и Куман смета дека одлично ќе се вклопи во Барселона, но треба да ја победи конкуренцијата.

Лил за слободата на Ботман бара 40 милиони евра, а Барселона ќе се обиде преку преговори да ја намали таа сума.


Суперкомпјутер пресмета кој ќе ја освои Лигата на шампионите

Суперкомпјутер пресмета дека Манчестер Сити има најголеми шанси за освојување на Лигата на шампионите која започнува денеска.

Суперкомпјутерот ја пресмета веројатноста за исходот на секој натпревар, а алгоритамот ги зема предвид моменталната форма и вредноста на секоја екипа.

Шансите на Сити за освојување се 16 отсто, следат Баерн со 11, бранителот Челзи со 10 и Ливерпул со 9 отсто. Барселона има 8 отсто шанси да стане првак на Европа, Реал шест, а Манчестер Јунајтед пет отсто. Лионел Меси ова лето го засили ПСЖ, а неговата екипа според суперкомпјутерот има само четири отсто шанси за освојување на шампионската титула.


Кристијано Роналдо проговори за трансферот во Јунајтед

Откако дебитираше по втор пат во кариерата во дресот на Манчестер Јунајтед, Кристијано Роналдо по двата гола против Њукасл во победата од 4:1 истакна дека одлуката да се врати на „Олд Трафорд“ е најдобрата во неговата кариера.

„Моето враќање во Манчестер Јунајтед е најдобрата одлука што воопшто сум ја донел во кариерата. Ова го направивме во вистински момент. Сакам да испишам историја, да му помогнам на Јунајтед да стигне до големи резултати и да освојува титули.“ – вели Роналдо.

Португалецот е хит во Англија но и во Европа, а според последните информации во соблекувалната на Солскјер во моментов се размислува само за победи и амбициите растат од ден на ден.


Барселона останува без главниот спонзор?!

Јапонската компанија за интернет тргување Ракутен одлучи да ја прекине соработката со Барселона како главен спонзор на дресот на клубот и со тоа ги зголеми грижите на претседателот на клубот Жоан Лапорта, објавија шпанските медиуми.

Ракутен и Барселона ја започнаа соработката во 2017. година потпишувајќи тригодишен договор, по кој јапонската компанија плаќаше по 55 милиони евра по сезона за спонзорски натпис на дресот.

Во октомври 2020. година договорот беше продолжен, но спонзорскиот износ беше намален на 30 милиони евра годишно. Натписот на ракавот на дресот, на кој се рекламира турскиот произведувач на бела техника Беко, исто така ќе биде променет.

И покрај тоа, Барселона на маса има неколку спонзорски понуди и се надева на подобри износи. Исто така, се зборува дека клубот би можел да ги продаде правата за името на стадионот Камп Ноу и така да дојде до дополнителни финансиски средства.


Тери чека самостоен ангажман како тренер

Легендарниот фудбалер на Челзи и на Англија, Џон Тери, може да го наследи на кормилото на Нотингем Форест, Крис Хатон.

„Чекам можност за ангажман, идејата беше да се повлечам и да поминам една година со фамилијата. Помина месец од новата сезона. Сигурен сум дека ќе се отвори простор за работа. Сите знаат дека ја сакам Астон Вила, но, сакам да бидам прв тренер“, вели поранешниот репрезентативец на „Гордиот Албион“.


Започнува новата сезона во Лигата на шампионите

Вечерва започнува 67. издание на Лигата на шампионите, најголемото, најбогатото и најгламурозно фудбалско клупско натпреварување на светот.

Два натпревари се играат со почеток во 18.45. Еден од нив е двобојот во групата Г помеѓу Севиља и австрискиот првак Ред Бул Салцбург, кој по втор пат успеа да се пласира помеѓу најдобрите 32 екипи во Европа. Во таа група се среќаваат уште Лил и Волфсбург, кои својот натпревар ќе го одиграат во подоцнежниот термин во Франција.

Од 18.45 ќе го гледаме и враќањето на Роналдо во дресот на Јунајтед во Лигата на шампионите кога гостуваат кај Јанг Бојс. Се работи за интересна и атрактивна група во која се и Аталанта и Виљареал, клубот кој минатата сезона ја освои Лига Европа, а во финалето ги совладаа токму „црвените ѓаволи“.

Дербито на вечерта е секако натпреварот Барселона-Баерн на Камп Ноу. Тоа ќе биде прв натпревар на Блауграна без Меси во кадарот по 17 години, а последниот двобој помеѓу овие две екипи беше пред две години, кога Баерн славеше со неверојатно 8:2. Бенфика и Динамо Киев ќе ја чекаат својата шанса од втор план во оваа група.

Конечно, вечерва на распоредот се и натпреварите од групата Х. Челзи, бранителот на титулата, го дочекува Зенит додека Јувентус патува кај Малме.

Најбогатата понуда за натпреварите од Лигата на шампионите, но и многу повеќе, ќе ја најдете на www.evrotip.mk


Гвардиола сака уште еден англиски репрезентативец во Сити

Келвин Филипс е нова трансферна цел на Манчестер Јунајтед, пренесуваат медиумите на Островот.

Гвардиола го определил 25-годишниот играч за врска на Лидс како некој кој може да го подигне нивото на тимот.

Фернандињо ја игра последната сезона за „граѓаните“, а Гвардиола токму во Филипс гледа идеална замена за Бразилецот.

Филипс одигра одлично на Европското првенство и го привлече вниманието на многу европски гиганти, но Манчестер Сити е спремен да ја победи конкуренцијата.

Лидс за неговата слобода бара 40 милиони фунти, а „граѓаните“ се спремни да ја платат таа сума.


ФК Тиквеш доби нов спонзор

Македонската компанија „Еуроникел Индустри“ е новиот спонзор на фудбалскиот прволигаш Тиквеш како и на ракометниот клуб Тиквеш.

Во фудбалот компанијата ќе вложува по 30.000 евра годиишно, а во ракометот 15.000 евра годишно за оваа сезона.

„Фудбалскиот клуб Тиквеш има голема вредност за градот и со своите успешни настапи ја испишува фудбалската историја на градот. Со оваа соработка и потпишаниот договор, добиваме партнер кој ги поддржува вистинските вредности и ја делиме истата цел, да бидеме подобри и поуспешни во своето поле. Исклучително сме среќни што компанија како Еуроникел Индустри застанува зад нас и тоа ќе ни даде дополнителен поттик за понатамошни успеси и уште подобри резултати.” – истакна претседателот на ФК Тиквеш Миле Масларков.