фудбал

ЕУРО2020 – 01. Австрија одблиску

Австрија има генерација на ѕвезди и двапати ни одржа лекција во 2019 година Австриската Фудбалска Асоцојација е формирана на 18 март 1904, во тогашна Австроунгарија. Тимот бележеше големи успеси во 30-титегодини од минатиот, под водство на тренерот Хуго Меисл, станувајќи најдобра екипа во цела Европа и го добија прекарот „Вундертим“. На 16 мај 1931 година, тие беа првата европска екипа која ја победила Шкотска.
На Светското Првенство во 1934 година, Австријците беа четврти, губејќи со 1-0 во полуфиналето од Италија и со 3-2 од Германија во натпреварот за третото место. После Втората светска војна, Австрија се оддели од Германија. Австрискиот најдобар резултат дојде во 1954 година, кога загубија во полуфиналето со 1-6 од подоцнежниот шампион Германија, но завршија трети со победата над актуелниот шампион Уругвај со 3-1. Ова беше нивен најдобар резултат, но за жал тоа беше и нивното последно појавување во последната фаза на главните турнири.

Оваа Австрија ги има Алаба. Сабицер и Арнаутовиќ како најголеми ѕвезди, а во минатиот циклус квалификации двапати ја совлада Македонија (1-4 во Скопје и 2-1 во Виена).

Македонија – Австрија 1-4 11 јуни 2019
Македонската репрезентација загуби од Австрија со 1-4 (1-1) на натпреварот од 4. коло од квалификациите за Европското првенство. Австрија доминираше во текот на целиот дуел и заслужено ги освои трите бода од пресметката на Националната арена во Скопје. Уште на почетокот гостите тргнаа со сите сили по водечки гол. Во првата минута, нашиот Димитриевски чудесно спасуваше по ударот на Арнаутовиќ. Голманот на нашата селекција спасуваше уште во најмалку три изгледни прилики за гостите во првиот дел. Во 18. минута австријците си постигнаа автогол за водство од 1-0. Хинтерегер со глава ја погоди сопствената мрежа. Во тие моменти ние имавме одлична прилика преку Горан Пандев за 2-0, но капитенот не реализираше.
Сепак до полувреме, Австрија успеа да израмни преку Лазаро во 39. минута. Гостите во 44. минута преку Сабитцер ја погодија и стативата од голот на Димитриевски.
Во второто полувреме, Австрија наметна уште посилен ритам, а сето тоа резултираше со три гола во мрежата на македонската репрезентација.
Арнаутовиќ од пенал донесе водство за Австрија од 1-2, капитенот на Австријците во 82. минута со својот втор гол ја потврди победата, а конечните 1-4 го постави Лејкерси во 86. минута.

Австрија – Македонија 2-1 (1-0) 19 ноември 2019 година
Репрезентацијата на Македонија претрпе минимален пораз од 2-1 на гостувањето кај Австрија во Виена, во претпоследниот натпревар од квалификациите за Европското првенство. Со отсуство од повеќе стандардни првотимци поради повреди и суспензии со картони, Македонија која го почна натпреварот со двајца дебитанти, Марио Младеновски и Тихомир Костадинов, а влегоа и Влатко Стојановски и Даниел Аврамовски, не остави лош впечаток и на крајот со малце повеќе среќа можеше да го избегне поразот.
Натпреварот не можеше да почне полошо откако домашните поведоа со 1-0 уште во осмата минута кога Давид Алаба ја следеше добро акцијата и успешно избегна една офсајд замка и погоди за водство на Австрија, а малце потоа Трајковски мораше да ја напушти играта поради повреда. Домашните во продолжение создадоа уште неколку прилики за гол, но со добри интервенции спасуваше Димитриевски. Нашиот голман во исто издание го започна и вториот дел кога ја одбрани одлично „бомбата” на Марсел Сабицер. Сепак, во продолжение по корнерот, Штефан Лајнер го зголеми водството на Австрија на 2-0. Енис Барди во 50. минута имаше одличен обид кога директно од корнер шутираше во голот со големо ефе, но Александер Шлагер спаси во последен момент. Најубавата шанса за Македонија ја имаше Влатко Стојановски во 74. минута кога шутираше од 15 метри за малку крај домашниот дирек. Две минути подоцна, голманот Александер Шлагер спаси погодок за Македонија со одлична интервенција после ударот со глава на Влатко Стојановски. Сепак во самиот финиш, Влатко Стојановски успеа да погоди за конечни 2-1.


Дешамп направи „бум“ со враќањето на една легенда за ЕП

Селекторот на Франција, Дидие Дешамп го објави списокот на играчи на кои ќе смета за претстојното Европско првенство. Актуелниот првак на светот, според анкетите е и прв фаворит за освојувањето на европската круна. Имено, по цели шест години на списокот на повикани се најде и напаѓачот на Реал, Карим Бензема.
Бензема игра во животна форма и е еден од клучните играчи на Реал Мадрид. Поради тоа, Дешамп е подготвен да го заборави скандалот со Валбуена и се што се случуваше потоа.
Бензема за Франција од 2007. до 2015. година одигра 81 натпревар и постигна 27 голови. Во 2016. година, Францускиот фудбалски сојуз не го повика Бензема за Европското првенство во Франција, а напаѓачот изјави дека Дешамп подлегна на притисокот на расистите кои го водат францускиот фубал. После таа изјава, никогаш веќе не беше повикан за репрезентацијата.


Германците го „молат“ Левандовски да не го сруши рекордот на Милер

Роберт Левандовски на натпреварот помеѓу Фрајбург и Баерн минатиот викенд го постигна 40. погодок во лигата сезонава.
Полскиот интернационалец со тоа го израмни рекордот на Бундеслигата стар 49 години. Легендарниот Герд Милер досега беше единствениот фудбалер кој во една сезона постигнал 40 погодоци, а тоа успеа да го направи во сезоната 1971/72.
Сега Левандовски во 28 одиграни натпревари го израмни неговиот рекорд, а може и да го сруши во последното коло против Аугсбург.
Но, некои германски медиуми, па дури и фудбалски легенди, јавно го замолија да не го направи тоа.
„Се укажува на тоа дека Левандовски ќе го сруши рекордот, но што ако доброволно се откаже од тоа? Незамисливо, зар не? Кога само овој викенд би можел да биде препуштен на Милер. Зошто? Бидејќи тоа е Герд Милер. Бидејќи Баерн никогаш не би бил клуб каков што стана доколку не беше Милер. Тоа би бил најубавиот начин да му се оддаде почит на Милер.“ – пишува Петер Аренс, колумнист на „Дер Шпигел“.
„Од почит кон Герд Милер, Левандовски не би требал да настапи против Аугсбург.“ – додава Дитмар Хаман, поранешен германски репрезентативец.
Меѓутоа, се чини дека сите тие барања се залудни, бидејќи Левандовски изрази желба да го постигне 41. погодок во последното коло.


Тер Штеген заминува на операција, ќе го пропушти Европското првенство

Голманот на Барселона и германската репрезентација Марк-Андре Тер Штеген објави дека ќе го пропушти претстојното Европско првенство во фудбал.
„Разочаран сум од вчерашниот пораз и фактот дека ги загубивме шансите за шампионската титула (Барселона загуби од Селта со резултат 1-2). По тешкотиите на почетокот на сезоната, покажавме карактер и одигравме серија од 19 натпревари без пораз. Но, не бевме во можност да ја задржиме оваа форма. Медицинскиот персонал на клубот и јас решивме да направиме дополнителна операција на коленото. Тажен сум што ќе ми недостига Евро 2020… За прв пат по многу години, ќе бидам навивач кој ја поддржува мојата земја од дома. Се надевам дека ќе го освоиме турнирот! Исто така се надевам дека во наредната сезоната ќе можам да играм пред навивачите, навистина ми недостасуваат! Ви благодариме за поддршката во оваа тешка сезона и грижете се за себе!“, напиша Тер Штеген на својот Инстаграм.
Репрезентацијата на Германија во групната фаза на Евро 2020 ќе игра со Франција, Португалија и Унгарија.


Барела успешно го оперираше носот, набргу се враќа на тренинзите

Николо Барела претпладнево беше подложен на успешна операција на носот, соопштија од италијанскиот тим.
Играчот од средниот ред беше опериран поради потреба од корекција во внатрешноста на носот. Италијанскиот репрезентативец ќе добие неколку слободни дена, а потоа ќе продолжи со тренинзите.
24-годишниот Николо Барела има 3 гола и 9 асистенции на 36 натпревари во Серија А оваа сезона, и има 24 натпревари за репрезентацијата на Италија. Фудбалерот во моментов е проценет на 60 милиони евра, а за неговите услуги се заинтересирани голем број на клубови од Европа, но тој и понатаму му останува верен на Интер со кој ја освои титулата оваа сезона.


Кејн официјално побара трансфер од Тотенхем!

Репрезентативецот на Англија, Хари Кејн дефинитивно ќе ја промени средината ова лето, откако побарал од управата на Тотенхем да биде ставен на трансфер листа.
Според „Скај Спорт“, Кејн одлучил дека е време за промени и трансфер во клуб кој ќе се бори за титули.
Англичанецот е трансфер цел на повеќе тимови, од кои двата од Манчестер и Челси се главни фаворити за негов ангажман.
Според последните информации на англиските медиуми, Тотенхем од продажбата на нивниот капитен очекува најмалку 120 милиони евра.


Манчини останува селектор на Италија до 2026 година

Роберто Манчини официјално потпиша нов договор со Италијанската фудбалска федерација. Претседателот на федерацијата Габриеле Гравина потврди дека Манчини потпишал нов договор, кој ќе заврши во 2026 година.
Така, 56-годишниот фудбалски стручњак ќе ги предводи „азурите“ на уште 2 европски и две светски шампионати, доколку, се разбира, четирикратниот светски шампион се квалификува за сите овие завршни турнири. Тој ќе биде на кормилото на тимот до СП 2026 година, каде домаќини ќе бидат САД, Мексико и Канада.
Гравина рече дека Манчини заврши брилијантна работа како национален селектор на Италија од 2018 година и Федерацијата се чувствува должна да го продолжи проектот што го започнаа заедно со поранешниот напаѓач. Италија е во група со Турција, Велс и Швајцарија на Европското првенство, кое започнува на 11 јуни.


Де Зерби го презема Шахтјор од следната сезона

Првиот тренер на Сасуоло, Роберто Де Зерби, по мечот со Парма (3-1) објави дека ќе го напушти клубот на крајот од сезоната во Серија А. Од поодамна се зборува дека тој е близу до преземање на украински Шахтјор. „Пред натпреварот против Џенова минатата недела разговарав со управата на клубот и играчите. Им реков дека донесов одлука да заминам. Оваа одлука ме загрижи екстремно и не ме направи среќен, но заминувам, бидејќи верувам дека повеќе не можам да дадам ништо на овој тим. Се чувствувам како да сум го достигнал плафонот во овие три години. Се надевам дека новиот тренер ќе биде уште подобар од мене“, рече Де Зерби.


Клајверт го менува Хидинк на местото селектор на Курасао

Селекторот на фудбалската репрезентација на Курасао, легендарниот Холанѓанец Гус Хидинк нема да може да го води тимот во квалификациите за СП 2022.
Поранешниот селектор на „лалињата“ се опоравува од коронавирусот кој го поминал со многу потешка клиничка слика. 74-годишниот Хидинк побарал од директорот на академијата на Барселона, Патрик Клајверт, да го замени на претстојните квалификациски средби на чело на Курасао.
Клајверт ја прифатил неговата покана и побарал од претседателот на Барса, Жоан Лапорта, да го ослободи за привремена работа во репрезентацијата на Курасао. Лапорта му дозволил, по што Клајверт ќе биде на клупата на оваа селекција на 5 јуни против британските Девствени острови и на 8 јуни на средбата со Гватемала.


Ставрев ќе го суди финалето на Купот на Македонија

Македонскиот судиски интернационалец, Александар Ставрев, ќе биде главен судија на финалето во Купот на Македонија. Финалето на националниот куп е на програмата во среда на Националната Арена во Скопје. Познато е дека во битката за пехарот се среќаваат екипите на Академија Пандев и Силекс, а мечот стартува во 19:00 часот. На Ставрев ќе му помагаат Дејан Костадинов и Гоце Петрески, додека четврти ќе биде Марјан Маркоски, кој со овој меч веројатно се простува од својата долгогодишна успешна судиска кариера.