Ливерпул размислува да го ангажирт фудбалерот на Борусија Менхенгладбах, Денис Закарија, кој најави дека нема намера да го продолжи договорот кој му истекува по 18 месеци. 24-годишниот играч од средниот ред кој имаше неколку повреди во тековнава сезона, сепак, останува значаен дел од германскиот клуб. Тренерот на Ливерпул, Јирген Клоп, кој има големи проблеми во дефанзивата сигурно во текот на летниот трансфер период ќе се обиде да дојде до неговиот потпис.
Тотенхем спреми нов договор за Хјун-Мин Сон
Хјун-Мин Сон, најверојатно ќе потпише нов договор со Тотенхем во текот на летото. 28-годишниот Кореец во континуитет покажува блескави партии во дресот на „петлите“, а клубот сака да го ангажира на подолг период. Тој во досегашниот дел од сезоната има постигнато 17 голови и направено 12 асистенции во сите натпреварувања или неговиот вкупен ефект е 102 гола и 59 асистенции на 262 меча.Тековниот договор Мин Сон е валиден до јуни во 2023 година.
Јуве и Атлетико преговараат за откуп на Алваро Мората
Јувентус започна преговори со Атлетико Мадрид за откуп на Алваро Мората, пренесуваат италијанските медиуми. Во моментов Мората игра како позајмен фудбалер во Јувентус кој има опција да го откупи договорот за 45 милиони евра. Во клубот се задоволни од напаѓачот кој оваа сезона постигна 13 гола на 20 натпревари. Поради тоа „старата дама“ сака да го задржи Мората во своите редови, но ќе се обиде да формулира нов договор со Атлетико. Јувентус сака да ја продолжи позајмицата за уште една година, за што ќе му платат 10 милиони на Атлетико, а потоа во 2022 година задолжително да го откупат за 35 милиони евра.
Тухел го носи Боатенг на „Стемфорд бриџ“
Новиот тренер на фудбалерите на Челзи, Томас Тухел, планира да го ангажира играчот на Баерн Минхен, Жером Боатенг, кој во текот на летото ќе ја заврши соработката со Баварскиот состав. Доколку трансферот се реализира, германскиот интернационалец по втор пат ќе има шанса да се појави во најсилниот шампионат на Англија. Ќе потсетиме дека црномурестиот фудбалер во периодот од 2010 до 2011 година го носеше дресот на Манчестер Сити.
Манчестер Сити купува ѕвезда на Флуминензе
Фудбалерот на бразилски Флуминензе, Каики, по се изгледа кариерата ќе ја продолжи во Премиер лигата. Според одредени наводи, Манчестер Сити е близу до купување на 17-годишниот фудбалер. Првично, „граѓаните“ ќе платат 10 милиони евра а земајќи ги в предвид бонусите износот на целиот трансфер може да порасне на 17 милиони. Според објавеното, младиот Бразилец во 2022 година, ќе му се приклучи на младинскиот тим на Манчестер Сити откако ќе биде зваршена целата процедура околу работната дозвола.
Хјуз: Кавани заслужува поголема шанса во Манчестер Јунајтед
Поранешниот фудбалер и менаџер, Марк Хјуз, ги советува челниците на Манчестер Јунајтед да му понудат на „извонредниот“, Единсон Кавани, нов договор. 33-годишен играч кој по заминувањето од Париз беше ангажиран на „Олд Трафорд“, успеа да постигне шест голови и да направи две асистенции на 16 мечеви. Сега легендата на Манчестер Јунајтед, Хјуз, верува дека Единсон заслужува продолжување на договорот. „Пред да дојде во клубот, Рашфорд, Марсијал и Гринвуд беа во средината на нападот, но, видовме дека ниту еден од нив не ја одигра улогата како што треба. Кога Кавани игра, чувствувате дека тимот има повеќе фокус“, вели Хјуз.
Пелистерци негативни на ковид-19 тестовите пред почетокот на вториот дел
Резултатите од вчерашните тестирања за ковид-19 се негативни за целиот колектив на ФК Пелистер. Тоа значи дека сите играчи ќе му бидат на располагање на тренерот Димитар Капинковски за натпреварот во недела против екипата на Вардар во Скопје. Натпреварот кој во Македонија е познат како „вечно дерби“ се игра в недела од 14:00 часот. Првиот дуел на овие две екипи, игран во октомври во Битола, заврши 1-1. Битолчани во Скопје ќе патуваат без капитенот Драгарски, кој има акумулација на жолти картони.
Ангеловски повика 20 фудбалери за тренинг кампот во Скопје
Селекторот на македонската репрезентација, Игор Ангеловски и неговиот стручен штаб ќе организираат мини тренинг камп на кои се повикани фудбалери од домашниот шампионат и неколкумина од странство кои добија дозвола од клубовите да бидат дел од претстојниот тренинг камп. На тренинг кампот од 15 до 17 февруари се повикани 20 фудбалери, а ќе биде одигран контролен натпревар против Работнички. Селекторот Игор Ангеловски прати повик до следните фудбалери: Голмани: Ристо Јанков (Работнички), Костадин Захов (Шкендија) Одбрана: Филип Најдовски (Тирана, Албанија), Томе Китановски (Македонија Ѓ.П.), Коста Манев (Академија Пандев), Есмин Личина (Македонија Ѓ.П.), Фатих Исмаили (Шкупи), Блертон Шеји (Струга Трим Љум), Ангелче Тимовски (Силекс) Среден ред: Енур Тотре (Шкендија), Ѓорги Стоилов (Академија Пандев), Марјан Радески (Академија Пандев), Матеј Цветановски (Шкупи), Агон Елези (Вараждин), Али Адем (Шкупи), Лука Станковски (Работнички) Напад: Марко Ѓорѓиевски (Раднички Пирот, Србија), Џемал Ибиши (Дубрава, Хрватска), Дашмир Елези (Шкендија), Љупчо Дориев (Шкендија).
Француски клуб погоден од британскиот сој на коронавирусот
Францускиот фудбалски второлигаш, Шамбли Оисе е погоден од британскиот сој на коронавирусот, објави клубот. Клубот од северот на Франција објави дека девет фудбалери, три членови на стручниот штаб и еден на управата се позитивни на британската варијанта на КОВИД-19. „Британскиот сој на коронавирусот и понатаму силно го погодува Шамбли. Потсетуваме, а тоа и го гледаме, оваа варијанта е многу заразна.“ – објави клубот додавајќи: „Нашиот клуб ги презеде сите потребни мерки, а новите тестирања ќе бидат направени пред наредниот натпревар кој е закажан за сабота против Клермонт.“ Претходно неделава, школо во париското предградие Обоне беше привремено затворено по откривањето на јужноафриканска варијанта на КОВИД-19. Се смета дека овие варијанти се со поголема преносивост и ќе придонесат кон влошување на епидемиолошката ситуација на подрачјата каде се откриени.
Славен шпански клуб оди во петта лига?!
Депортиво Ла Коруња на почетокот на овој век беше еден од најсилните шпански клубови, но сега му се заканува испаѓање во петтиот ранг на шпанскиот фудбал. Депортиво во 2018. година испадна од Примера, а минатата сезона заврши на 19. место во Сегунда и испадна во Сегунда Б, односно третата лига. Но, поради реорганизацијата на шпанскиот фудбал, првакот на Шпанија од 2000. година би можел да заврши во петта лига. Сегашната Сегунда Б, во која се наоѓа Депортиво, од следната сезона нема да постои. Шпанскиот сојуз воведува две нови лиги, Примера РФЕФ и Сегунда РФЕФ кои ќе бидат трета, односно четврта лига. Терсера, сегашната четврта лига, ќе биде петта и баш во неа би можел да се најде Депортиво. Депортиво во моментот се наоѓа на петтото од десет места во групата А во Сегунда Б. Првите три екипи ќе изборат пласман во Примера РФЕФ, а екипите од четврто до шесто место во Сегунда РФЕФ. Преостанатите четири екипи ќе испаднат во петта лига. Клубот од Ла Коруња е во очајна форма, не добил никого во првенството уште од крајот на ноември минатата година, постигна само седум гола на 13 натпревари, но имаат надеж дека до крајот на сезоната ќе се извлечат.