фудбал

Клоп: Англија има седум напаѓачи, зошто ние немаме?

Менаџерот на фудбалерите на Ливерпул, Јирген Клоп ја коментираше состојбата во германската репрезентација.

„Англија има седум напаѓачи, зошто ние немаме? Англија има најмалку седум класични централни напаѓачи кои можат да играат за националниот тим. Зошто го немаме тоа? Во принцип, тоа ни недостасува. Напаѓачите мора да доаѓаат од некаде“, изјави Клоп.


Барса и Куман преговараат за нов договор

Летниот преоден рок заврши и во истиот управата на Барселона повлече неколку големи потези и останува да се види како истите ќе влијаат врз екипата во оваа сезона. Жоан Лапорта сака стабилност и верува дека Роналд Куман може истата да ја донесе и затоа се преговара за нов договор според кој Куман би останал на „Камп Ноу“ и по 2022 година.

Составот мора да биде конкурентен за титулите во Ла Лига и ЛШ, да се користи формацијата 4-3-3, но и да им се даде вистинска можност на играчите кои можат да помогнат, во случајот тоа е Рики Пуч. Медиумите го споменуваат и Умтити на кого би требало да му се даде шанса сега кога е јасно дека останува и со тоа едноставно да се остави простор за негова продажба во иднина.


Ван Гал говореше за ситуацијата во холандската репрезентација

Селекторот на Холандија, искусниот Луис Ван Гал, не баш најуспешно го започна новиот мандат на клупата на Холандија, во дуел каде „лалињата“ одиграа реми со Норвешка од 1:1.

Тие не одиграа лош натпревар, но Ван Гал не беше расположен по ремито, вели дека неговата селекција веќе не е репрезентација од светска класа.

„Норвешка се бранеше одлично во компактен простор и тоа ни ја отежнуваше играта. Во такви ситуации треба да бидете креативни, а ние не бевме…Губевме топки во непотребни ситуации. Треба да бидеме реални, можеби мислиме дека оваа Холандија се уште е светска класа, но не е така! Норвешка денес одигра навистина добро како тим“ – истакна Ван Гал.

Во својата група Г после четири Холандија е втора, меѓутоа разликата од првото до петтото место во групата е само четири бода.


Саул се откажа од осумката во Челзи

Саул Нигез беше последното засилување за Челзи во летниот преоден рок.

Шпанскиот играч за врска стигна буквално во последните минути од преодниот рок. Шпанецот веќе си го избра и бројот со кој ќе настапува во актуелниот европски шампион.

Се одлучил за „17-ката“ која во изминатиот период ја носеше Матео Ковачиќ. Хрватот од оваа сезона ќе настапува со „осумката“.


Гризман се одрекнал од големи пари за да се врати во Мадрид

Oткриени се бројките околу трансферот на Антоан Гризман и неговото враќање во Атлетико Мадрид.

Гризман е позајмен од страна на Барселона и за позајмицата Барселона доби 10 милиони евра. Атлетико има обврска да го откупи неговиот договор за 40 милиони евра. Значи Атлетико вкупно за него ќе плати околу 50 милиони евра, а на Барселона го продаде за 120.

Ништо од ова немаше да биде можно ако Гризман сам не се откажаше од дел од платата.

Имено, условот бил Гризман да прифати плата од 10 милиони евра со која би бил изедначен со Суарез, Облак и капитенот Коке.

Барселона од друга страна сакаше да се ослободи од неговата плата од 17 милиони евра, Французинот после заминувањето на Меси беше најплатениот играч во тимот.


Барселона барем на една сезона се ослободи од Пјаниќ

Миралем Пјаниќ во последните моменти за пријавување играчи за Лигата на шампионите, на неколку минути пред полноќ, потпиша едногодишна позајмица во Бешикташ, шампионот на Турција.

Пјаниќ не сакаше да замине од Барселона, без оглед на тоа што каталонците со сите сили се обидуваа да се ослободат од него. Ги одбиваше сите можности за заминување во друг клуб, но Барселона по затворањето на трансфер пазарот во најсилните лиги посебно „запна“ како би го испратила во Русија или Турција, земјите каде се уште трае трансфер периодот.

Така, Барселона барем привремено се ослободи од 31-годишниот фудбалер откако долго го тераа од клубот каде пред помалку од една година за него платија 60 милиони евра, па го направија еден од петте фудбалери со најголема плата.

Пјаниќ е веќе петти играч кој ја напушти Барселона во последните три дена. Пред него заминаа Илаиш Мориба, Емерсон Ројал, Реј Манај и Антоан Гризман.


Роналдо по соборениот рекорд порача дека нема да застане тука

Кристијано Роналдо влезе во историјата, откако со 111 гола стана најдобар стрелец во историјата на интернационалните натпревари, постигнувајќи два гола во победата против Република Ирска со 2:1, во квалификациите за СП 2022.

Тој со глава два пати ја затресе мрежата на Ирците.

„Секогаш ми било чест да го носам дресот на репрезентацијата. Рекордот не прави среќен, но не сакам да застанам тука. Има уште рекорди кои сакам да ги достигнам. Би сакал да им се заблагодарам на моите соиграчи за сите убави моменти. Да продолжиме понатаму, не застанувам тука. Мислам дека би можел да играм уште четири-пет години“,– изјави Португалецот.

Головите на Роналдо ја искачија Португалија на врвот на табелата во групата каде што се бори за пласман на следниот Мундијал.


Артим Шаќири има нов тренерски ангажман

Поранешниот македонски репрезентативец Артим Шаќири ќе има нов предизвик во својата тренерска кариера која ќе ја продолжи во Швајцарија.

47-годишниот Шаќири кој претходно ги водеше нашиот актуелен шампион Шкендија, Кукс од Албанија, Фљамуртари од Косово и Пемброк од Малта, во новата сезона ќе биде тренер на Шафхаузен.

После пет одиграни кола во втората швајцарска лига, овој клуб се наоѓа на седмото место со шест бодови, седум помалку од водечкиот Ксамакс.

Шаќири доаѓа како наследник на екс швајцарскиот репрезентативец Мурат Јакин.

Нема детали околу договорот, но на клупскиот официјален сајт стои дека му посакуваат топло добредојде на Шаќири и му посакаа многу успеси.


Милевски: Имавме проблеми, но генерално сум задоволен

Благоја Милевски дебитираше со реми без голови на клупата на Македонија.

Новиот предводник на нашиот сениорски фудбалски тим по нерешениот резултат со Ерменија укажа на работите кои треба да се променат пред дуелот со Исланд.

„Имавме некои проблеми со транзицијата, но задоволен сум генерално од менталниот пристап на играчите. Точно е дека имавме проблем со завршното додавање и шутевите, немаме многу време за да се подготвуваме. Заминуваме за Исланд, таму ќе одработиме само еден тренинг. Генерално сум задоволен од пристапот на фудбалерите и од желбата која ја покажаа. Ќе се обидеме да ги надминеме проблемите за дуелот во недела.“ – изјави Благоја Милевски.

Во петтото коло веќе за два дена, Македонија ќе му гостува на Исланд, а на 8 септември во Скопје ја пречекува Романија.


Најновото засилување на Милан позитивен на ковид-19

Францускиот репрезентативец Оливие Жиру е позитивен на коронавирус објави италијанскиот клуб.

Според протоколите Жиру веднаш е изолиран и е во фаза на опоравување. Нормално, ќе биде изоставен од составот на Дидие Дшеамп за тековниот репрезентативен циклус во кој вчера Французите ремизираа со БиХ.

Кога е Милан во прашање и италијанскиот клуб се надева на негово брзо опоравување затоа што веднаш по пристигнувањето Жиру постигна два гола против Каљари и се очекува да биде големо засилување.