фудбал

Тијаго Алкантара го потврди неговото останување во Ливерпул

Фудбалерот на Ливерпул, Тијаго Алкантара излезе со изјава во врска со шпекулациите за негово евентуално преоѓање во екипата на Барселона. Тој ги демантира информациите кои се појавија во некои медиуми дека новиот тренер на Барселона, Чави, има намера да го врати Тијаго во Барса.

„Целосно сум фокусиран на моите обврси со Ливерпул и воопшто не обраќам внимание на шпекулациите од медиумите. Задоволен сум во мојот сегашен клуб и ја гледам мојата иднина на „Енфилд“, изјави Алкантара.

Изгледа дека интересот од Барселона ќе остане само на ниво на шпекулација.


ФИФА во огромни загуби ако Мундијалот не се одржува на секои две години

Светската фудбалска федерација (ФИФА) не се откажува од идејата Светското првенство да се одржува на секои две години, но наидува на бројни пречки за да го реализира.

Јужноамериканската федерација, како и европската УЕФА и КОМНЕБОЛ веќе го одбија тој предлог, а националните лиги и европската централа би изгубиле дури 8 милијарди евра по сезона доколку Светското првенство се одржува на две години.

Меѓународните натпревари и дополнителните натпревари би можеле да влијаат на националните првенства кои би требало да го намалат бројот на екипи и да го променат распоредот.

Сепак, ФИФА е сериозна, а претседателот Џани Инфантино потврди дека дебатата на таа тема веќе е во тек. УЕФА веќе се спротивстави на тоа, а првиот чекор е формирање натпреварување во кое би се сретнале шампионите на Европа и Јужна Америка, односно Италија и Аргентина.


Мајкл Карик ќе го води Манчестер Јунајтед на дербито со Челзи

После отказот на Оле Гунар Солскјер, екипата на Манчестер Јунајтед на дуелот со Виљареал во Лигата на шампионите кој заврши со 2:0, ја водеше неговиот досегашен асистент, Мајкл Карик.

Карик се очекува да биде на клупата на „црвените ѓаволи„ и во неделниот дерби натпревар против лидерот во Премиер лигата, екипата на Челзи. Од клубот стигаат информации дека интензивно се бара тренер кој би ја водел екипата како привремено решение до крајот на сезоната. 

До сега како најсериозни имиња кои би пристигнале како главни тренери за наредната сезона се споменуваат Маурицио Почетино од ПСЖ и Ерик Тен Хаг кој во моментот ја води екипата на Ајакс.


Бундеслигашите превземаат нови мерки по ковид-рестрикциите

Германскиот фудбалски клуб Херта Берлин го ограничи капацитетот на стадионот за мечот со Аугсбург во 13. коло од Бундеслигата.

На средбата ќе бидат примени само 39.738 фанови поради зголемениот број на инфицирани со корона-вирус во земјата. Целиот капацитет на стадионот на Херта е 74.000 гледачи a раководството на тимот се надеваше дека ќе гo исполни за натпреварот, запазувајќи го т.н. правило „2G“ – вакцинација.

Сепак, градскиот совет на Берлин ја намали максималната посетеност на спортски настани до 50% а новото правило ќе стапи на сила за сите други настани од 1 декември.


Валверде е можна привремена опција за клупата на Манчестер Јунајтед

Манчестер Јунајтед е во преговори со бројни стручњаци за позицијата привремен менаџер. По отказот на Оле Гунар Солскјер, тимот го предводеше Мајкл Керик на гостувањето кај Виљареал, а Јунајтед славеше со 0-2.

Сепак, челниците на клубот бараат привремено решение, поточно стручњак кому би му било дозволено да го води тимот до крајот на сезоната.

Керик е на функцијата до именувањето на привремен менаџер, а кога тоа ќе се случи засега никој не знае.

Во меѓувреме, островските медиуми пренесуваат дека Маурисио Почетино е подготвен да го преземе кормилото на Јунајтед, но да не брза со тоа, поточно дека повеќе би сакал да го направи тоа на лето, на крајот на сезоната.

Тоа е и причината поради која се водат разговори со други тренери.


Њукасл го договорил Лаказет од Арсенал

Екипата на Њукасл по се изгледа го носи првото звучно име како засилување во тимот. Англиските медиуми пренесуваат дека „црно-белите“ во јануари ќе се засилат со фудбалерот на Арсенал, Александаре Лаказет.

Моменталниот договор на Французинот Лаказет со екипата на Арсенал истекува на крајот од сезоната и најверојатно нема намера да го продолжи неговиот престој во клубот од Лондон. Арсенал сигурно би се согласил со продажба на напаѓачот во јануари  за да заработат нешто пред неговото заминување како слободен играч. 

Александре Лаказет би бил одлично засилување во нападот на новиот тренер Еди Хауи кој го чека незивесна борба за опстанок со Њукасл во Премиер лигата.


Меси верува во Чави: Барса ќе напредува со новиот тренер

Лионел Меси го сподели своето мислење за назначувањето на неговиот поранешен партнер Чави за тренер на Барселона.

„Чави е тренер кој знае многу. Тој одлично го познава клубот, каде што е запознаен со сè уште од детството. Неговото доаѓање е многу важно за младите играчи. Не се сомневам дека Барса ќе порасне многу со него“, изјави Меси.

Чави, кој најголемиот дел од својата професионална кариера ја мина во Барселона, потпиша договор до 2024 година.

За да се врати во каталонскиот клуб, тој го напушти катарскиот „Ал-Сад“, кој е тренер од 2019 година.


Лидс Јунајтед го бара Рос Баркли на позајмица

Екипата на Лидс нема голем буџет за нови играчи во јануари, па ја разгледува можноста за засилување на тимот со позајмени играчи.

Од Лидс Јунајтед внимателно ја следат ситуацијата со фудбалерот на Челзи, Рос Баркли и размислуваат за негово позајмување од лондонскиот клуб.

27-годишниот играч во оваа сезона од Премиер лигата одигра само 126 минути во дресот на Челзи и е отворен за напуштање на клубот бидејќи сака да има редовни настапи.

Рос Баркли се надева дека со враќање во посакуваната играчка форма повторно би се наметнал на селекторот Саутгејт и би добил повик во репрезентацијата на Англија.



Во ПСЖ убедени дека Зидан ќе ја преземе екипата

Поранешниот тренер на Реал Мадрид, Зинедин Зидан може да го води Пари Сен-Жермен. Фудбалерите на парискиот клуб веруваат дека 49-годишниот Французин ќе стане шеф на стручниот штаб во блиска иднина.

Името на Зидан се споменуваше за време на разговорите меѓу играчите. Свесни се што се случува во клубот и чувствуваат дека наскоро може да се случи промена.

Претходно, неколку медиуми во Англија објавија дека Маурисио Покетино би можел да го води Манчестер јунајтед, а Зидан да го замени во Пари Сен-Жермен.


Мурињо е најуспешен тренер на Манчестер Јунајтед по заминувањето на Фергусон

Жозе Мурињо, кој сега на чело на Рома, избран е за најдобар тренер на Манчестер јунајтед по пензионирањето на Алекс Фергусон.

Мурињо, кој работеше во тимот од мај 2016 до декември 2018 година, беше опишан како „најуспешниот тренер во ерата по Ферги, барем освојувајќи трофеи, иако не и највредните“.

Второто место го зазема Оле Гунар Солскјаер кој го замени токму Мурињо. „ESPN“ го опиша настапот на Норвежанецот од декември 2018 до ноември 2021 година на следниов начин: „Нема сомнеж дека Солскјер го напушта Јунајтед во многу подобра форма отколку што ја наследи. Барем тој врати дел од престижот на клубот кој исчезна под неговите претходници“.

Третото место му припадна на Луј ван Гал, сега селектор на репрезентацијата на Холандија. Работеше во тимот од јули 2014 до мај 2016 година.

На последното место се најде Дејвид Мојс, кој сега е тренер на Вест Хем. Помина помалку од една година во Манчестер Јунајтед – од јули 2013 до април 2014 година.

Манчестер јунајтед е во потрага по нов тренер, откако викендот го отпушти Солскјер поради слаби резултати.