фудбал

Киелини потпишува нов договор со Јувентус

Џорџо Киелини останува верен на екипата на Јувентус и ќе потпише нов двегодишен договор со „старата дама“.

Имено, дефанзивецот кој беше извонреден на Европското првенство и беше меѓу најзаслужните за триумфот на Италија обелодени дека се враќа во Торино гладен за да освои пехари.

„Сакам да подигнам уште трофеи, бидејќи тоа ве прави само погладен да го сторите тоа повторно – и носењето дрес на Јувентус без симболот на Скудето на градите претставува дополнителна мотивација. Ми требаат уште неколку дена да се одморам и да се опоравам од хаосот од минатиот месец, но во понеделник ќе бидам во Торино и сум среќен што повторно ќе започнам.“ -порача Киелини, кој во Јувентус е од 2005. година и досега покрај освоените титули, има постигнато 36 голови и запишано 24 асистенции.


Севиља го сака Турчинот Озан Кабак

Севиља може да конкурира за потписот на дефанзивецот на Шалке, Озан Кабак, кој во последната половина од претходната сезоната играше како позајмен во Ливерпул.

Иако главен фаворит за потпис на 21-годишниот играч беше Лестер, англичаните сепак се откажаа во последен миг бидејќи не сакаа да ги платат 17-те милиони евра што ги бараше германскиот тим.

Медиумите наведуваат дека целата ситуација може да ја искористи Севиља и да го ангажира турскиот интернационалец.


Шкотски клуб ќе подигне споменик на легендарниот Фергусон

Легендарниот шкотски фудбалски стручњак Алекс Фергусон ќе добие споменик пред стадиониот „Питодрие“ на Абердин, како признание за неговиот успех во тој клуб.

Фергусон го водеше шкотскиот клуб од 1978. до 1986. пред да се пресели на клупата на Манчестер Јунајтед. Со Абердин освои три титули во шкотското првенство, четири Куп титули и Куп на победниците на куповите.

По преземањето на Јунајтед, тој освои дури 38 трофеи со англискиот клуб.

„Воодушевен сум и почестен со ова признание. Во Абердин поминав фантастичен и незаборавен дел од својата менаџерска кариера.“ – рече Фергусон.

Бронзената статуа ќе се темели на фотографија од Фергусон кој слави освојување на трофејот шкотски првак во 1980. година.


Холандскиот судија Кујперс најави заминување во пензија

Еден од најдобрите фудбалски судии во последниве години –  Холанѓанецот, Бјорн Кујперс, набрзо ќе ја заврши професионалната кариера. 48-годишниот судија на 7 август ќе го води последниот натпревар во кариерата и тоа дербито меѓу Ајакс и ПСВ Ајндховен.

„Беше добро. Понекогаш велат дека треба да застанете кога сте на врвот, мислам дека нема подобар момент “ – рече Кујперс. Холанѓанецот беше главен судија на финалето на ЕП 2020 меѓу Англија и Италија а во 2014 година го водеше финалето во Лигата на шампионите меѓу градските ривали Реал и Атлетико Мадрид.

Тој во богатата кариера судеше и две финалиња во Лига Европа. Во 2013 година дуелот Бенфика-Челзи на „Амстердам Арена“ и во  2018 година пресметката меѓу Олимпик Марсеј и Атлетико Мадрид на стадионот на Лион.


Алиоски официјално претставен како нов играч на Ал Ахли

Македонскиот репрезентативец Езгијан Алиоски стави крај на шпекулациите околу неговата иднина, откако и официјално стана член на Ал Ахли од Саудиска Арабија.

Македонскиот фудбалер ќе добие бонус за потписот, а се шпекулира дека заработката ќе му изнесува 2,5 милиони годишно.

Се очекува дефанзивецот да стави потпис на соработка со саудискиот клуб за наредните две сезони.


Анчелоти го сака Кулибали во Реал Мадрид

Шпанскиот гигант Реал Мадрид, а особено главниот тренер Карло Анчелоти, сакаат да го купат дефанзивецот на Наполи, Калиду Кулибали, пренесува „Фудбал Италија“.

Се пишува дека Наполи не е подготвен да се раздели со Сенегалецот за сума под 60 милиони евра. Реал Мадрид има потреба од нов искусен дефанзивец по продажбата на Рафаел Варан во Манчестер Јунајтед. Кулибали е на листата на приоритетни цели за Реал Мадрид. Договорот на Кулибали трае до јуни 2023 година.

30-годишниот фудбалер беше интересен и за ПСЖ, Манчестер Јунајтед, Манчестер Сити и Евертон. Кулибали е во Наполи од 2014 година. Пред тоа, тој играше за белгиски Генк и француски Мец. Минатата сезона Кулибали учествуваше на 26 натпревари од италијанската Серија А.


ПСЖ ќе го позајми Алфонс Ареола во Вест Хем

Голманот на ПСЖ, Алфонс Ареола, кариерата ќе ја продолжи во англиската Премиер лига. 

Французинот ќе оди во Вест Хем Јунајтед на позајмица. Договорот ќе вклучува опција за откуп на 28-годишниот голман. Договорот на Ареола со Парижаните важи до 30 јуни 2023 година. Трансфермаркт го проценува голманот на 17 милиони евра.

Алфонс Ареола потекнува од школата на ПСЖ, а од  2013 година, голманот настапуваше со позајмица во Ленс, Бастија, Виљареал и Реал Мадрид. Ареола играше за Фулам минатата сезона каде бранеше на 36 натпревари во Премиер лигата, на кои прими 48 гола.


Српскиот претседател се сретна со Дарко Панчев

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, кој е во официјална посета на нашава земја, вчера имаше средба со легендарниот македонски фудбалер, Дарко Панчев.

Првиот човек на нашиот северен сосед објави фотографија со вардаровата икона, која со белградска Црвена Ѕвезда стана европски и светски шампион и воедно ја освои престижната награда -„златна копачка“ на Европа.

„Со македонската и југословенската легенда Дарко Панчев. Чест ми е што можев да се сретнам со голем шампион“, објави Вучиќ на социјалните мрежи.


Абрахам ставен на трансфер пазарот, Арсенал е заинтересиран

Младиот 23-годишен напаѓач на Челси, Тами Абрахам би можел да го промени клубот ова лето само доколку некој од заинтересираните плати 40 милиони фунти.

Ова е одлуката на управата на „Сините“ од Лондон, откако Абрахам побарал да биде ставен на трансфер листата.

За неговите услуги сериозен интерес има од Арсенал, но и од Тотенхем во случај Кејн да го напушти клубот до крајот на летниот преоден рок.

Абрахам е незадоволен од статусот во Челси и бара итна преселба во екипа каде ќе добива поголема шанса.


Евертон спремен да слуша понуди за Ричарлисон

Англискиот фудбалски состав Евертон може да го продаде во текот на летово, Ричардсон, кој влегува на радарот на Реал Мадрид, објавија неколку медиуми во Шпанија.

„Кралевите“ сакаат да го донесат 24-годишниот фудбалер на „Сантијаго Бернабе“ иако Евертон одреди висока трансферна цена од 90 милиони евра.

Ричардсон одигра прилично слаба сезона со скромни 13 гола на 40 мечеви  во сите конкуренции. Напаѓачот на Бразил деновиве настапува на Олимписките игри во Токио.