фудбал

Белоти не сака нов договор, желба му е трансфер во Милан

Андреа Белоти, нема намера да го продолжи договорот со Торино, бидејќи сака на крајот на сезоната да го напушти тимот, објавија дел од медиумите. Популарните „бикови“ во тековнава сезона се борат да опстанат во Серија А, а Белоти во контактите со раководството побарал да му биде дозволено да си замине иако неговиот договор истекува во 2022 година. Наводно врвниот голгетер има договор со Милан и сака кариерата да ја продолжи во редовите на „росонерите“ кои во тековнава сезона се борат за титулата во италијанското Калчо.


Премиерлигата воведува ново правило, тренерите ќе бидат среќни

Новото правило за замени на фудбалерите во текот на натпреварот во случај на потрес на мозокот на некој од нив, ќе биде тестирано во Премиерлигата каде расте загриженоста поради повреди на главата, а тоа го договорија клубовите.
Тимовите во текот на натпреварите ќе можат да извршат две дополнителни замени во случај некој од играчите да доживее потрес на мозокот во текот на натпреварот или ако постои сомнеж за тоа.
Правилото ќе започне да се применува кога лигата заедно со ФИФА ќе ги утврдат деталите, вклучувајќи го и пристапот до приватните медицински податоци на играчите.
„Додатните замени поради нечиј потрес на мозокот можат да се извршат без оглед на бројот на замени кои веќе биле извршени во текот на натпреварот.“ – наведува Премиерлигата.
Овој потег на англиската Премиерлига доаѓа по тешката повреда на напаѓачот на Вулверхемптон, Раул Хименез, кој заработи фрактура на черепот на натпреварот против Арсенал.


Секој натпревар Левандовски руши рекорд во Бундеслигата

Роберт Левандовски му помогна на тимот да го совлада Аугсбург во германската Бундеслига.
Полскиот фудбалер реализираше пенал во 13. минута. Нешто подоцна, тимот од Минхен можеше да ја загуби предноста, но противникот не го реализираше неговиот удар од белата точка. Како што беше објавено уште во текот на натпреварот, Левандовски го постави рекордот за најмногу голови во првиот дел од сезоната во германскиот шампионат. Голот против Аугсбург беше 22-ри за него оваа сезона во Бундеслигата.
Претходен рекордер беше Герд Милер (дваесет), неколку играчи успеаја да постигнат 19 гола за половина сезона. Покрај Милер, кој тоа го стори двапати беше и Левандовски, кој минатата сезона ја достигна оваа граница, на списокот е и Питер Мејер.


Го елиминираше Реал, а толку е стар што три негови клубови веќе не постојат!

41-годишниот Хозе Хуан Фигуерас е престар дури и за голман, а толку е стар што три клубови за кои бранеше во кариерата веќе не постојат.
Гранада 74, Агилас и Сиудад Мурсија се ликвидирани, а ниту останатите клубови во неговата кариера која започна во 1998. година не се гламурозни.
Единствен „познат“ клуб во кој бил Фигуерас е Селта, но таму беше во резервниот тим, а запиша само еден настап во најсилната шпанска лига.
23 години по останувањето на клупа и борбите за опстанок во втора и трета лига, Фигуерас ги дочека своите минути на слава.
Во 1/16 финалето на Купот на кралот, неговиот Алкојано, третопласираниот тим во една од групите на третата лига, го извлече Реал Мадрид. Се очекуваше дека Фигуерас овој натпревар ќе го памети по рекорден број на голови во неговата мрежа.
Наместо тоа, во својата 41. година Фигуерас ја одигра својата животна партија.
Тој успеа да одбрани дури 10 удари кон неговиот гол од фудбалерите на најголемиот клуб на светот, а Алкојано со сензационална победа од 2:1 го елиминираше кралскиот клуб.


Кристијано Роналдо е најдобар стрелец во историјата на фудбалот

Јувентус го победи Наполи со 2:0 и по деветти пат во историјата го освои италијанскиот Суперкуп. Шампионот на Италија поведе со голот на Роналдо во 65. минута, а конечните 2:0 ги постави Мората. За Роналдо тоа беше 20. погодок во исто толку настапи сезонава, но со овој гол стана најдобар стрелец во историјата на фудбалот. За португалецот тоа беше 760. гол во кариерата, со што го помина рекордот стар 66 години на чехот Јозеф Бикан, кој од 1931. до 1955. година постигна 759 погодоци. Легендарниот Пеле тврди дека во кариерата постигнал повеќе од 1000 голови, но многу од нив беа на неслужбени и тренинг-натпревари, па не се забележани. Роналдо во кариерата настапуваше само за четири клубови. За Спортинг постигна пет погодоци во 31 настап, за Јунајтед 118 во 292 натпревари, за Реал 450 голови во 438 натпревари, а за Јувентус 85 погодоци во 108 натпревари. За португалската репрезентација одигра 170 натпревари и дури 102 пати се најде меѓу стрелците. Од 760 голови, 113 постигна од пенал, 57 од слободен удар и 569 од игра.


Робсон: Грилиш треба да го облече дресот на Манчестер Јунајтед

Брајан Робсон призна дека би сакал да го види неговиот стар клуб како потпишува договор со Џек Грилиш. „Црвените ѓаволи“ сакаа да го ангажираат фудбалерот и изминатата година, но, тој го продолжи договорот со Астон Вила откако беше обезбеден опстанокот во Премиер-лигата. Робсон сега проценува дека репрезентативецот на Англија ќе биде одлично засилување за тимот од „Олд Трафорд“. „Тогаш донесе добра одлука бидејќи ја доби капитенската лента. Мислам дека е сега позрел и дека треба да одлучи да го облече дресот на Манчестер Јунајтед“, изјави Робсон за англиските медиуми.


Лука Станковски на радарот на Фенербахче

Фенербахче повторно сака да се засили од Работнички. По стапките на Елиф Елмас кој денес игра во Наполи би можел да тргне талентираниот фудбалер на Работнички, Лука Станковски кој одигра одлична полусезона во првата македонската лига. Според информациите на „Трт Спорт“ Фенербахче започнал преговори за доведување на 1.90 високиот Станковски. Станковски е член на репрезентацијата на Македонија до 19 години, а сезонава постигна седум голови и подели две асистенции на 15 натпревари. Останува да видиме дали преговорите помеѓу Работнички и Фенербахче ќе бидат успешно завршени.


Арсенал раскина со Гркот Папастатопулос

По разговорите кои ги имаше со својот фудбалер Сократис, Арсенал донесе одлука да го прекине неговиот договор со заедничка согласност. Ова му дава слобода на популарниот Папа Сократис да преговара за договор со нов клуб и да се врати во натпреварувачки ритам што е можно побрзо. Грчкиот интернационален дефанзивец му се приклучи на Арсенал од Борусија Дортмунд во јули 2018 година и оствари 69 настапи за оваа екипа. Тој беше дел од составот на „Емирати“, освојуваќи го ФА купот во август и одигра 12 натпревари во Лигата на Европа во 2019 година. „Во име на Микел Артета, нашите тренери, играчи и сите во клубот, јас би сакал да му се заблагодарам на Папа Сократис за неговиот придонес во клубот. Тој беше важен дел од нашата екипа и беше професионалец во текот на целиот период. Преговорите за раскинување на неговиот договор завршија успешно и посакуваме многу успеси на Сократис и неговото семејство“ изјави техничкиот директор Еду.


Мурињо го сака Ингс наместо Винициус, напаѓачот заминува од Саутемптон

Дени Ингс не брза со одлуката за својата иднина со „светците“. Тој доби понуда за нов четиригодишен договор, според кој би станал најплатениот играч во историјата на клубот. Сепак, 28-годишниот напаѓач има амбиции да игра на повисоко ниво или поточно во Лигата на шампионите. Тотенхем имаше интерес за него изминатото лето, но сеапак отиде на поевтина опција во лицето на Карлос Винисиус. Ингс има договор со Саутемптон за уште 18 месеци, а клубот веројатно нема да сака да го пушти без пари. Ако две страни не се договорат, тој најверојатно ќе замине ова лето. Играчот сака да има клаузула за раскин на новиот договор, но од Саутемтон не сакаат да вклучат такво нешто, бидејќи не сакаат да бидат ограничени во однос на износот на трансферот.


Ливерпул го позајмува Ориги на „Сан Сиро“

Дивок Ориги може да го напушти Ливерпул во зимскиот преоден рок и да се преслеи во Италија. Веста ја објави новинарот Николо Шира на Твитер.
Според него, услугите на 25-годишниот белгиски фудбалер му биле понудени на Интер. Претходно беше објавено дека „нероаѕурите“ се заинтересирани за Дивок.
Ориги се приклучи на Ливерпул во 2014 година од Лил, по што помина уште една година во Франција на позајмица. Потоа, тој замина на позајмица во Волфсбург. Со Ливерпул, напаѓачот стана шампион на Англија, ја освои Лигата на шампионите, УЕФА Суперкупот и Светското клупско првенство, но оваа сезона одигра само четири натпревари во англиската Премиер лига.